АКО ЗАД СЕБЕ НЕМАТЕ ПАРТИЈА, ЌЕ БИДЕТЕ ПОЛИТИЧКА МАНЕКЕНКА, ВЕЛИ СИЛЈАНОВСКА , ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ НА ВМРО-ДПМНЕ

    АКО ЗАД СЕБЕ НЕМАТЕ ПАРТИЈА, ЌЕ БИДЕТЕ ПОЛИТИЧКА МАНЕКЕНКА, ВЕЛИ СИЛЈАНОВСКА , ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ НА ВМРО-ДПМНЕПрашана од новинарите како претседател на која државата ќе ја даде заклетвата пред Собранието, на Република Северна Македонија или на Република Македонија, Силјановска рече да почекаме и тогаш ќе чуеме како ќе се заколне. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Професорката од Правниот факултет Гордана Силјановска Давкова е претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните претседателски избори. Таа вчера беше избрана на конвенцијата на партијата која се одржа во Струга со мнозинство гласови на делегатите. Од вкупно 509 регистрирани делегати, Силјановска освои 408 гласови, а нејзиниот најголем конкурент во партискиот избор за претседател, пртеникот Влатко Ѓорчев доби доверба од 80 сопартијци.

    Силјановска е прва жена која ВМРО-ДМПНЕ ја предлага за претседателски кандидат. Токму и во својот говор пред делегатите после изборот Силјановска рече дека можеби нејзиниот избор говори дека доаѓа времето на жените во Македонија, но и дека без поддршка на силна политичка партија не е можно да се влезе во сериозна трка за шеф на државата.

    Влатко Ѓорчев освои 80 гласови од делегати и иако поразен најави дека ќе ја поддржи Силјановска и ќе и помога во изборната кампања. (Фото: Ѓ.Личовки)

    „Благодарна сум на кандидатурата на ВМРО-ДПМНЕ, но ќе барам поддршка и од најмалку 10.000 граѓани и од други партии и невладини организации. Јас предавам изборно право, јасно ви е ако немате зад себе некоја партија, вие ќе бидете политичка манекенка“, рече Силјановска.

    Како иден претседател  прва задача најави дека ќе и биде иницијативата за укинување на привилегиите на претседателот бидејќи ако народот живеел сиромашно во социјална држава, тоа треба да го делат и претседателите.

    Иако во своето обраќање пред делегатите пред гласањето рече дека ако биде избрана за претседател на Македонија ќе го отвори прашањето за промена на името, по завршување на конвенцијата не кажа како тоа ќе го стори, но напомена дека местото на Македонија е во Европската унија. Прашана од новинарите како претседател на која државата ќе ја даде заклетвата пред Собранието, на Република Северна Македонија или на Република Македонија, Силјановска одговори „ Да го почекаме колнењето. Вие го знаете моето мислење за Република Северна Македонија. Инаку овие пратеници, овој премиер се колнеа на Уставот па потоа заборавија. Тогаш ќе чуете како ќе се заколнам јас“.

    Кандидатите за претседател и делегатите премрзнаа во салата на Домот на култура во Струга, па постојано одеа под греалките во ќошот на салата да се стоплат. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но и членовите на паријата кои беа на конгресот сметаат дека Силјановска е вистинскиот кандидат со кој на изборите ќе го победат СДСМ.

    „На оваа конвенција го избравме идниот претседател на Република Македонија, а Македонија доби мајка во наредните 5 години. На демократски начин избравме кандидат, за разлика од она што ќе биде сервисирано за неколку недели од страна на СДСМ и нивниот деспот Зоран Заев, кој ќе именува таканаречен консензуален претседател, а тоа всушност ќе биде негов избор“, рече Мицкоски по завршување на конвенцијата.

    На конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за претседатеслки канидат гласаа 509 делегати. (Фото: Ќ.Личовски)

    СДСМ својот претседателски кандидат ќе го избере на партискиот конгрес кој е закажан за 3 март. За да нема партиски раздор и кавги и СДСМ реши на конкурс да избере кандидат. Конкурсот трае до 19 февруари, а досега кандидатура поднесе само професорот на Факултетот за информатика (ФИНКИ) на државниот универзитет„Свети Кирил и Методиј“ д-р Ѓорѓи Филипов. Како можни претседателски кандидати на СДСМ во јавноста се споменуваат министрите за надворешни работи Никола Димитров, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за одбрана Радмила Шекеринска и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, но ниту еден од нив досега нема доставено пријава на конкурсот ниту пак јасно и дирекно кажал дека тоа ќе го стори.

    Премиерот Зоран Заев неколку пати даде изјава дека нема да се кандидира за претседател иако би бил одличен консензуален претседател. Најави дека и понатаму се водат разговори со коалиционите партии, но и оние кои се надвор од коалицијата, со заеднички кандидат да настапат на изборите.

    Кандидатура за претседател на државата најави и пратеникот Амди Бајрам, кој за да може да влезе во кампања и да учествува на изборите треба да собере 10.000 потписи.

    Претседателските избори ќе се одржат на 21 април, а вториот круг на 5 мај.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира