ДО КАПАДОКИЈА ВО АВТОБУС 24 ЧАСА Е НАЈБАРАНА ТУРА ЗА 11 ОКТОМВРИ, МАСКИ ЗАДОЛЖИТЕЛНО САМО ДО ГРАНИЦА

    ДО КАПАДОКИЈА ВО АВТОБУС 24 ЧАСА Е НАЈБАРАНА ТУРА ЗА 11 ОКТОМВРИ, МАСКИ ЗАДОЛЖИТЕЛНО САМО ДО ГРАНИЦАОткако во земјите од Европската унија поради пандемијата на коронавирусот е забранет влез за македонски дражавјани, во понудите на агенциите најатрактивна е онаа за Кападокија, позната по лет со балони на топол воздух. (Фото: Фејсбук)

    Туристичкото место Кападокија во Турција, познато по лет со балони на топол воздух, е најбарана дестинацијата во туристички агенции за празникот 11 Октомври. Откако во земјите од Европската унија поради пандемијата на коронавирусот е забранет влез за македонски дражавјани, во понудите на агенциите најатрактивни се туристичките места во Турција.  За влез во Турција за македонски државјани не е потребен ПЦР тест.

    Повеќето агенции турата до Кападокија, во областа Анадолија, ја нудат со автубуски превоз, а патувањето до таму трае 24 часа. Се патува преку Бугарија, бидејќи низ Грција не е дозволен ниту транзит за македонски државјани, па од Скопје до Кападокија има околу 1.600 километри.

    Во туристичките агенции каде се јавивме ни рекоа дека за Кападокија има голем интерес и останати се само неколку слободни места. Ни рекоа дека во автобусот ќе се почитуваат протоколи за заштита од ковид-19, а носење заштитна маска ќе биде задолжително само во Македонија.

    „Автобусот ќе биде со 75 отсто исполнетост, според препораките на Владата за заштита од ковид-19. Редовно ќе се дезинфицира, а бидејќи станува збор за долг пат ќе има повеќе паузи за да се проветрува. Маски се задолжителни само во Македонија, после граница не мора да се носат бидејќи во Бугарија и Турција такви одлуки нема“, ни рекоа од една туристичка агенција во Скопје.

    Покрај Кападокија, туристичките агенции за 11 Октомври го нудат Истанбул и летувалиштето Чешме во Турција, туристичките места Валона и Ксамил во Албанија, како и Будва и манастирот Острог во Црна Гора, за каде патниците мораат да имаат ПЦР тест.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира