ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА МНОГУ БРЗО ЌЕ ИМА ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА ЗА МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ЕВРОКОМЕСАРОТ ВАРХЕЈИ

    ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА МНОГУ БРЗО ЌЕ ИМА ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА ЗА МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ЕВРОКОМЕСАРОТ ВАРХЕЈИВархеји истакна дека со новата методологија за преговори се дава можност за брзо напредување, но не е доволно само земјата да го усогласи законодавството со она на ЕУ туку важно е и да ги имплементира законите; - Прес-конференцијата се одржа преку видеолинк поради коронавирусот. (Фото: принтскрин од видео)

    Европска комисија ќе ја забрза работата и многу брзо ќе ја создаде преговарачката рамка за што побрзо да почнат преговорите за влез во ЕУ со Македонија и Албанија, рече еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји откако денеска министрите за надворешни работи на ЕУ одобрија отворање на преговорите со двете земји. Во оваа фаза нема определен датум за првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија, и тој може да биде различен за обете земји, сè зависи од тоа како секоја земја ќе ги исполнува условите.

    Меѓувладината конференција го означува формалното отворање на поглавјата кои се преговараат, а претходно Европската комисија треба да изготви преговарачка рамка, која исто така треба да биде усвоена од земјите членки. Македонија исто така ќе треба да ја подготви својата преговарачка позиција пред стартот на овој процес.

    „Им честитам на двете земји за кои земјите-членки на ЕУ денеска постигнаа политички договор за отворање преговори, со ова го враќаме во колосек прашањето на проширување на ЕУ. Обете земји ја забрзале работата од октомври 2019 и испорачаа резултати на многу полиња. Северна Македонија со Договорот од Преспа и Договорот за соработка со Бугарија е пример за цел регион и треба да забрза кон почнување на преговорите“, рече Вархеји на прес-конференцијата по завршувањето на состанокот на министрите.

    Вархеји истакна дека со новата методологија за преговори се дава можност за брзо напредување, но не е доволно само земјата да го усогласи законодавството со она на ЕУ туку важно е и да ги имплементира законите. Тоа ќе го скуси процесот за пристапни преговори.

    За одлуката за отворање на преговорите со двете земји политичка согласност треба да дадат и лидерите на земјите од ЕУ, на самитот на Европскиот совет закажан за 26 март, исто преку видео-конференција поради коронавирусот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира