И ЕВРОПСКИТЕ МИНИСТРИ НЕ СЕ ДОГОВОРИЈА, ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ ЌЕ ОДЛУЧАТ ЛИДЕРИТЕ НА САМИТОТ В ЧЕТВРТОК

    И ЕВРОПСКИТЕ МИНИСТРИ НЕ СЕ ДОГОВОРИЈА, ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ ЌЕ ОДЛУЧАТ ЛИДЕРИТЕ НА САМИТОТ В ЧЕТВРТОК„Ова не беше момент на слава за Европа“, рече комесарот Јоханес Хан по министерскиот состанок. (Фото: АП)

    Mинистрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ денеска во Луксембург не успеаја да постигнат консензус  за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, поради цврстото противење на Франција. Со тоа, за ова прашање ќе одлучат шефовите на држави и влади на дводневниот лидерски самит што почнува в четврток во Брисел.

    „Ова не беше момент на слава за Европа“, рече комесарот Јоханес Хан по министерскиот состанок. Извинувајќи им се на двете балкански земји Хан рече дека „огромно мнозинство“ на земји членки на ЕУ ја поддржаа препораката на Европската комисија за почеток на пристапни преговори со Македонија и Албанија.

    Хан не ги именуваше земјите кои се против, но финската министерка за надворешни работи Тити Тупараинен, која претседаваше со состанокот зашто Финска го држи ротирачкото претседателство со ЕУ, рече дека има „една земја членка која е особено против“.

    „За жал, советот денеска не успеа да постигне едногласна одлука. Жал ми е поради тоа“, рече Тупараинен.

    Според порталот 360 Степени, да се одлучува за отворањето преговори со Македонија и Албанија на лидерскиот самит било лично барање и на дел од лидерите на земјите-членки. Во првиот дел од денешниот состанок станало јасно дека Франција не го прифаќа компромисниот нацрт-заклучок подготвен од Финаска и Европската комисија за носење одлука за отворање преговори и паралелно воведување нова методологија за пристапни преговри, претседавачите со Советот подоцна се обиделе да ги одвојат Македонија и Албанија и така да се овозможи зелено светло барем за земјава. Неколку држави-членки, меѓу кои и Франција, се изјасниле против таквата идеја.

    Прашањето за преговори со Македонија и Албанија се очекува да биде тема и на утрешната заедничка седница на владите на Франција и на Германија во Тулуз, на која ќе учествуваат и францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари