МЕШАЊЕ ЛОНЧИЊА Е ДА БАРАТЕ ПОПИС ОД ЕДНА И ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ОД ДРУГА СТРАНА, СОБРАНИЕТО Е ВО ПОЛН КАПАЦИТЕТ И ТРЕБА ДА РАБОТИ, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ БОРЧЕ ДАВИТКОВСКИ

    МЕШАЊЕ ЛОНЧИЊА Е ДА БАРАТЕ ПОПИС ОД ЕДНА И ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ОД ДРУГА СТРАНА, СОБРАНИЕТО Е ВО ПОЛН КАПАЦИТЕТ И ТРЕБА ДА РАБОТИ, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ БОРЧЕ ДАВИТКОВСКИВо многу држави, на пример во Франција, за злоупотреба на правото на пратеник кривично се одговара. Во Македонија пратеник и градоначалник одговараат само пред Господ, вели професорот Давитковски. (Фото: СДК.МК)

    Во услови на функционален парламент или парламент во полн капацитет, не може да се прогласува вонредна состојба, вели за САКАМДАКАЖАМ професорот Борче Давитковски од Правниот факултет Јустинијан Први, откако вчера премиерот Зоран Заев потврди дека тоа е опција поради блокираните закони од опозицијата.

    „Да се спомнува прогласување вонредна состојба кога Собранието е во полна кондиција, е малку глупаво и избрзано. Од една страна да барате да се спроведе попис, а од друга да зборувате за вонредна состојба, е мешање на лончињата. Дали ќе одиме на локални избори во вонредна состојба? Може да прогласат вонредна состојба ако се докаже дека парламентот е нефункционален, но тој е во функција. Ова е перпетуум мобиле, ако се докаже дека парламентот е нефункционален, да се бара претседателот Стево Пендаровски. Факт е дека за некои закони има блокада, но тоа е злоупотреба на правото на парламентарци од страна на некои пратеници“, вели професорот Давитковски.

    Според него, во многу држави, на пример во Франција, за злоупотреба на правото на пратеник како што се случува во моментов кај нас, кривично се одговара.

    „И претседателот на државата се бира на непосредни избори, па може да биде повикан на одговорност, отповикан од функцијата со импичмент. Министрите поединечно, Владата, може да бидат разрешени. Во Македонија пратеник и градоначалник одговараат само пред Господ“, вели Давитковски и бара ова кривично дело да се воведе во Кривичниот законик.

    Во моментов, 20 закони во Собранието се блокирани со 32.000 амандмани на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Меѓу нив се и законите од петтиот пакет мерки за помош на граѓаните и стопанството. Од албанската опозиција велат дека може да се издржи уште некој месец без плати, бидејќи поважен бил законот за државјанство, кои тие го предлагаат.

    Дека е можна опцијата вонредна состојба затоа што Парламентот не функционира, потврди вчера премиерот Зоран Заев на промотивен настан во Велес. Тој наведе три можни разврски: координации на пратеничките групи, лидерска средба или вонредна состојба.

    „Јас ќе одржам состанок со претседателот на Собранието Талат Џафери и со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да се деблокира Собранието. Ќе ја направам консултацијата во Собранието или во Клубот на пратеници. Сакаме да најдеме решение. Опозицијата кажа причини за блокирање. За албанската опозиција тоа е Законот за државјанство. Сите сме за Закон за државјанство, и македонската опозиција и македонската владејачка партија и албанските владејачки партии. Но треба да го најдеме начинот според европски стандарди, принципи и механизми. Да ги најдеме доказите како да им дадеме државјанство на тие граѓани“, кажа Заев.

    Како пример за злоупотребување на функцијата пратеник Давитковски го посочува токму инаетењето на опозиционите албански партии, кои го блокираат носењето на петтиот пакет закони за помош на граѓаните и стопанството зашто парламентарното мнозинство нејќе да го гласа нивниот предложен закон за државјанство, според кој македонско државјанство ќе може да се добие врз основа на изјави од тројца сведоци.

    „Државјанството е формално-правен однос на државата со едно лице и од многу фактори зависи дали таа на лицето ќе му го даде. Не е тоа продажба на коњ, па со три сведока, пу, дај си рака, продадено! Каде го има, во која држава во светот го има тоа! Па уште и условување, слушнавме на прес-конференција предлагачот вели дека може граѓаните да издржат без плата, не може без државјанство! За вакво однесување да не работи Парламентот при полна сила и состав? За ова да се бара вонредна состојба? Недозволено!“ категоричен е Давитковски.

    Вчера, првин лидерот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов предупреди дека неговите партнери СДСМ и ДУИ, додека ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса/Алтернатива тераат инает и ја блокираат работата на Собранието, сè почесто спомнуваат опција да се прогласи вонредна состојба.

    „На состаноците сè повеќе се спомнува опцијата прогласување вонредна состојба. Поради кризата со коронавирусот, ние немаме мнозинство од 61 пратеник во Собранието. Владата ќе побара од претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба. Пендаровски барањето ќе го препрати до претседателот на Собранието Талат Џафери. Мнозинството предводено од СДСМ и од ДУИ ќе се повлече, Џафери ќе рече ‘Собранието не може да прогласи вонредна состојба’, иницијативата ќе ја врати назад кај Пендаровски. Пендаровски ќе прогласи вонредна состојба и потоа ќе почне донесувањето владини уредби, коруптивни набавки без тендери, ќе се ограничат слободите и правата на граѓаните, бизнисот ќе колабира“, предупредува Трајанов.

    Тој побара Собранието под итно да профункционира.

    „Во услови на вакви состојби, со воведување вонредна состојба дополнително ќе се усложнат состојбите, ќе се ограничат правата и слободите на граѓаните, ќе  колабира бизнисот, ќе се отворат можности за висока корупција и негативно ќе се одрази на социјалниот живот и менталното здравје на граѓаните“,  вели Трајанов.

    По долга пауза денеска треба да се одржи седница, за поставување пратенички прашања. За неа не е потребен кворум. Бројни економски закони се закочени затоа што поради заразени или задолжително изолирани пратеници, власта не може да обезбеди мнозинство од 61 пратеник да ги гласа законите, а не може ни кворум да обезбеди за расправа.

    Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од конституирањето на ова Собрание ретко ги има во собраниската сала, едвај по еден-двајца на седница.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како што впрочем  бараа и неговите пратеници денови наназад, побара од претседателот Џафери пред да се одржи седницата за пратенички прашања да закаже собраниска седница на чиј дневен ред ќе се најдат четирите антикризни закони, за кои вели дека ќе ги гласаат.

    Џафери останува на ставот дека пратениците треба најнапред да го изгласаат дневниот ред на 36. седница и притоа да се утврдат приоритетни точки за гласање, а не да ги исполнува желбите на ВМРО-ДПМНЕ само за седници што ѝ се допаѓаат неа.

    Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

    Постоењето вонредна состојба на територијата на Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.

    Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

    Членот 126 од Уставот вели, при постоење воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

    Член 127, пак, вели: „За време на воена состојба, ако Собранието не може да се состане, претседателот на Републиката може да ја именува и разрешува Владата и да именува и разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Собранието“, а член 128 од Уставот дека мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира