МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА НА САД МАТИС ДОАЃА СПЕЦИЈАЛНО САМО ВО СКОПЈЕ НА ЕДЕН ДЕН, ЗАГРИЖЕН ЗА РУСКАТА ПАКOСТ

    МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА НА САД МАТИС ДОАЃА СПЕЦИЈАЛНО САМО ВО СКОПЈЕ НА ЕДЕН ДЕН, ЗАГРИЖЕН ЗА РУСКАТА ПАКOСТ„Тоа ме загрижува. Тој вид пакост што Русија го практикува од Естонија до САД, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодувал на специфична ситуација и отсекогаш бил неприфатлив“, рече секретарот за одбрана на САД Џејмс Матис за можното руско мешање во референдумот за името во Македонија; - Матис (десно) со државниот секретар Мајк Помпео (Фото: АП)

    Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис викендов ќе дојде од Пентагон во Скопје во специјална еднодневна посета, за да ја поддржи Македонија пред престојниот референдум за името и за влез во ЕУ и НАТО, но и да ја изрази загриженоста од можно руско мешање во гласањето.

    Москва се противи на проширувањето на НАТО и изјави дека Македонија ќе стане „легитимна цел“ ако односите меѓу НАТО и Русија се влошат.

    „Тоа ме загрижува… Тој вид пакост што Русија го практикува од Естонија до САД, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на специфична ситуација и отсекогаш бил неприфатлив“, рече вчера Матис најавувајќи ја посетата. Тој доаѓа директно од Вашингтон и за разлика од вообичаените патувања кога посетува повеќе земји во регионот, овој пат ќе дојде само во Македонија и веднаш се враќа дома.

    Секретарот за одбрана, кој е трет највисок функционер во американската влада по претседателот и потпретседателот, вчера изјави дека ќе дојде во Македонија за многу јасно да ги истакне американските ставови против руска агресија.

    „Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели на многу кусо патување до таму и назад. Јасно ќе дадам до знаење дека сме со македонскиот народ“, рече Матис вчера во Пентагон.

    На новинарското прашање „Дали може да направиме нешто повеќе освен да кажеме дека ‘сме со македонскиот народ’?, Матис одговори: „Да“. Новинарот го праша: „Дали може да го објасните тоа, неофицијално?“, а Матис одгвори: „Секако“.

    Матис рече дека е загрижен оти Русија би можела да се обиде да се вмеша во Македонија исто како во Црна Гора пред влезот во НАТО лани. Црна Гора ја обвини Русија дека се обидува да го спречи влезот на земјата во НАТО и за обид за атентат врз премиерот.

    Матис кажа дека сака да „осигура дека тие треба да знаат оти ние веруваме дека нашите македонски пријатели треба самите да си ја креираат својата иднина, а не некој однадвор“.

    Шефот на Пентагон во јули се сретна со македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска на состанокот на балканските министри во Хрватска, неколку дена пред средбата Трамп-Путин во Хелсинки. Шекеринска тогаш изјави дека Македонија нема да ѝ дозволи на Русија да го опструира Договорот со името со Грција, кој на земјата му ја отвори вратата за влез во НАТО.

    Претходно, на 1 мај, на првата официјална средба со министерката Шекеринска  во Пентагон, Матис ја пофали Македонија за отпорот кон руското влијание на Балканот.

    „Денешната безбедносна состојба бара дух на пријателство меѓу сите оние кои се залагаат за слобода, основни човекови права и владеење на правото. Морам да му аплаудирам на отпорот на Македонија на руското малигно влијание на Балканот и се радувам на вашето постојано лидерство за пример во овој регион. Протерувањето на рускиот дипломат по нападот со хемиско оружје во Салисбери покажува дека Македонија стои цврсто на страната на цивилизираните земји и меѓународното право“, рече тогаш Матис.

    Во јули, Грција протера два руски дипломати, а на уште двајца им забрани влез во земјата, со обвинение дека се мешале и ги охрабрувале демонстрациите и поткупувале неименувани бизнисмени за да го поткопаат договорот за името со Македонија. Русија ги негираше овие обвинувања и возврати со протерување грчки дипломати

    Утре во Скопје ќе престојува и помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел. Тој ќе има средби со премиерот Зоран Заев и со други официјални лица за поддршка на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и претстојниот референдум на 30 септември, соопшти Стејт департментот. Мичел ќе има средби и со претставници на парламентарните партии и на бизнис заедницата со кои ќе размени мислења и ќе ја нагласи американска поддршка за приклучувањето на Македонија во Западното семејство, се вели во соопштението.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира