НЕМА ДА СЕ ПРЕГЛАСУВА ВО ЖЕЛИНО, УПРАВНИОТ СУД ЈА ПРИФАТИ ТУЖБАТА НА БЕСА

    НЕМА ДА СЕ ПРЕГЛАСУВА ВО ЖЕЛИНО, УПРАВНИОТ СУД ЈА ПРИФАТИ ТУЖБАТА НА БЕСАОткако ДИК го прифати приговорот на ДУИ за прегласување во Желино, министерот за земјоделство Арјанит Хоџа од Беса рече дека не сака да седи на иста маса со ДУИ. (Фото: Фејсбук)

    Управниот суд денеска ја прифати тужбата на Беса за избирачкото место 2107 во Општина Желино, потврди Судот за МИА. Тоа значи дека таму ќе нема прегласување на вториот круг од локалните избори, според што, за градоначалник е избран кандидатот на Беса, Блерим Сејди. Одлуката со која се потврдуваат резултатите од гласањето во вториот круг во Желино ја донесе Советот на Судот.

    Државната изборна комисија (ДИК) на 4 ноември го прифати приговорот на ДУИ и реши да биде повторено гласањето во Желино, по што Беса поднесе тужба до Управниот суд.

    Следниот ден по одлуката на ДИК, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство кој е и генерален секретар на Беса, Арјанит Хоџа, го обвини коалицискиот партнер ДУИ дека „им забиле нож во грб со приговорот за Желино” и оти со тоа се доведува во прашање владината коалиција оти тој не сака како министер да биде дел од тоа владејачко мнозинство.

    Неколку дена претходно, по средбата со премиерот Зоран Заев во Владата, Хоџа рече дека Беса останува во владината коалиција, но потоа одлучи да се приклучи на иницијативата на опозицијата за формирање ново парламентарно мнозинство, во кое неговата партија е со ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанцита, Алтернатива и Левица.

    Тие денеска ја поднесоа во Собранието иницијативата за гласање доверба на владата на премиерот Зоран Заев, што ќе се случи на седницата закажана за в четврток во 11 часот.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира