ЗВРЛЕВСКИ СЕ ПОВИКУВА НА ПРЕЗУМПЦИЈА НА НЕВИНОСТ ЗА БЕТМЕН, ДАМОВСКИ, ДУРЛОВСКИ, МУКОСКИ, ВАСИЛЕВСКИ, ТАРЧУЛОВСКИ И ЧАВКОВ

    ЗВРЛЕВСКИ СЕ ПОВИКУВА НА ПРЕЗУМПЦИЈА НА НЕВИНОСТ ЗА БЕТМЕН, ДАМОВСКИ, ДУРЛОВСКИ, МУКОСКИ, ВАСИЛЕВСКИ, ТАРЧУЛОВСКИ И ЧАВКОВЗа тројцата водачите на протестите на „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски-Бетмен, Борис Дамовски и Игор Дурловски, МВР на 30 април побара од Скопското обвинителство под итно да бидат повикани на сослушување зашто се обезбедени докази дека биле организатори и водачи на нападот во Собранието на 27 април (Фото: СДК.МК)

    Богдан Илиевски – Бетмен, еден од водачите на протестот на „За заедничка Македонија“ што го предводеше упадот на учесниците во протестот и насилниците во нивните редови на 27 април во Собранието, во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ влегува како лице против кое Обвинителството на Марко Зврлевски уште не повело истрага. Дел од насилниците во крвавиот четврток на 27 април годинава веќе добија обвиненија, а некои и пресуди според кои поминаа само со условни казни. Четириесетина полицајци се суспендирани по настаните на 27 април.

    Пратениците Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски при нападот на Собранието на 27 април (Фото: СДК.МК)

    Само за водачите на протестите на „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски, за ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и за пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Јохан Тарчуловски кои ги отворија вратите на Собранието и ги насочуваа насилниците каде да ги најдат пратениците од СДСМ, од Алијансата на Албаниците и од ДУИ, Основното јавно обвинителство (ОЈО) не покренува истрага.

    На снимките од собраниските безбедносни камери што на 22 мај ги објавија телевизиите „Телма“ и „АлсатМ“ се гледа дека Крсто Мукоски ја отвара вратата, а шестмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и Јохан Тарчуловски ја координирале акцијата за нападот на пратениците од мнозинството на 27 април (Фото: АлсатМ/принтскрин)

    За тројцата водачи на „За заедничка Македонија“ МВР на 30 април побара од Скопското обвинителство под итно да бидат повикани на сослушување зашто се обезбедени докази дека биле организатори и водачи на нападот во Собранието на 27 април.

    Митко Чавков, директорот на Бирото за јавна безбедност и раководителот на Оперативниот штаб на МВР, за време на организираниот напад на Собранието на 27 април додека траеле насилствата бил на само стотина метри од Собранието, објави ТВ Телма повикувајќи се на неименувани полициски извори. Според извори на истрагата, сигналот на мобилниот телефон на Чавков бил фатен на три базни станици и тоа на седиштето на ВМРО, Алмако и Италијанската амбасада, во триаголникот во најстрогиот центар на Скопје. Чавков бил во овој дел од градот до 20 часот, а потоа заминал во оперативниот штаб за протестите кој се наоѓал во кругот на МВР (Фото: СДК.МК)

    „Како што и претходно истакнавме, постапката што по овој предмет се води од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е предистражна. Тоа значи дека се прибираат докази, заради оцена дали во настанот кој се истражува има дејствија и обележја на кривични дела и кои се нивните извршители, по што ќе се донесе јавнообвинителска одлука дали има основано сомневање за отворање на истрага“, потврди за САКАМДАКАЌАМ.МК Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.

    Поставувањето на Богдан Илиевски-Бетмен како член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,  премиерот Зоран Заев на 31 јули го оцени како доказ оти крвавиот четврток бил добро осмислена организација со цел одземање животи.

    „Тоа само уште еднаш ја потврди тезата дека организацијата на крвавиот четврток, на 27 април, е навистина добро осмислена организација, со добра мотивација и со конечна цел, како што тогаш дефиниравме, одземање животи на пратеници од мнозинството. Драго ми е што тоа не се случи“, одоговори Заев на новинарско прашање како го оценува поставувањето на Богдан Илиевски за член на ИК на партијата на Никола Груевски.

    Обвинителството на Зврлевски за отсуството на информација дали Илиевски и водачите на протестите кои резултираа со упад и крваво насилство во Собранието се под истрага и дали е поведена истрага и против Мукоски, Василевски и Тарчуловски, вели:

    „Во секоја фаза од кривичната постапка, па така и во предистражната каде спецификата е посебно во тоа што сѐ уште не се издиференцирани својствата на лицата кои се учесници во одреден настан, јавното обвинителство води сметка за почитување на личноста и презумпцијата на невиност на секое лице. Лицата кои се повикани и кои ќе бидат повикувани во оваа фаза од постапката, се повикуваат според законските правила за повикување и испитување на сведоци за да како граѓани на барање на јавниот обвинител дадат известувања коишто им се познати за одреден настан“.

    Во одговорот до САКАМДАКАЖАМ.МК се наведува и дека Обвинителството го разбира зголемениот медиумски интерес, но почитувајќи ги напред кажаните законски и етички норми, не може да даде податоци за повиканите лица.

    Пратеничката и заменик претседателка на СДСМ Радмила Шеќеринска имаше хируршка интервенција на главата поради повредите што ги доби кога беше нападната во Собранието при упадот на толпата. (Фото: Радио Слободна Европа/принтскрин)

    „Се повикуваат во континуитет сите лица без оглед на нивниот личен, општествен статус или положба, единствено само врз основа на еден критериум – дали за лицата има докази од кои произлегува дека истите би можеле во оваа оваа фаза од постапката да дадат известувања за утврдување на околностите поврзани со конкретниот настан“, вели Обвинителството на Зврлевски.

    Шестата собраниска седница на чиј дневен ред е разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски е прекината на 12 јули и неизвесно е кога ќе продолжи (Фото: СДК.МК)

    ОЈО Скопје поднесе обвинителен акт до Основниот суд Скопје 1 против едно лице за сторено кривично дело – Насилство во врска со нападот на Собранието на 27 април, соопшти вчера Обвинителството. Лицето се товари дека за време на нападот во Собранието извршило грубо насилство, повлекувајќи за коса тогашната пратеничка Радмила Шеќеринска, сега министерка за одбрана, при што таа добила тешка телесна повреда. За ова кривично дело, предвидена е казна затвор во траење од 3 до 10 години.

    Шестата собраниска седница на чиј дневен ред е разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски е прекината на 12 јули и неизвесно е кога ќе продолжи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира