Од почетокот на пандемијата досега, повеќе од 5,5 милиони евра дале граѓаните за тестирање за ковид-19 во приватните болници и лаборатории. Од почетокот на пандемијата досега приватно се направени вкупно 111.244 тестови и, ако сметаме дека цената на еден тест е најмалку 3.000 денари, тогаш излегува дека се потрошени најмалку 5.562.200 милиони евра.
Оваа сума е повисока со оглед на тоа дека во приватните болници и лаборатории цената за тестирање е различна. Најниската цена за тест е 3.000 денари, вообичаена е околу 4.000 до 4.5000 денари, а некои приватни болници наплатуваат и по 6.000-7.000 денари ако се бара резултатот да биде готов за неколку часа истиот ден.
Пресметките се направени врз основа на податоците од Институтот за јавно здравје кој од почетокот на пандемијата секојдневно објавува број на тестови во различните здравствени институции.
Според статистиката на Институтот за јавно здравје, само минатата недела, во перидот од 19 до 25 октомври, од 13.331 тестирања, 7.481 се направени во приватни лаборатории и болници. Тоа значи дека за една недела за ковид тестови на приватно тестирање се потрошени околу 400.000 евра, или по околу 60.000 евра дневно.
Од пред еден месец, Фондот за здравство (ФЗОМ) ја намали референтната цена на тестовите за ковид-19. Тестирањето на сите пациенти што се со индикација за ковид-19 во државните лаборатории и понатаму е бесплатно, но наместо 3.600 денари, референтната цена по која ќе им биде рефундирано на болниците и лабораториите за ПЦР тестови ќе биде 1.850 денари. Тогаш од Фондот за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК објаснија дека пониската референтна цена е поради помалите трошоци за медицински и друг потрошен материјал и големиот број тестови кои се изведуваат во серија.
Но, и покрај намалувањето на референтната цена, приватните лаборатории и болници не ги сменија цените на ковид тестот.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска кажа дека власта размислува на некоја форма на приватно-јавно партнерство за тестирањето за коронавирус. Понудата би била по референтната цена, односно Фондот за здравство на приватните лаборатории би им покривал по 1.850 денари од тест.
Од почетокот на пандемијата досега вкупно се направени 235.807 тестови, од кои 111.244 на приватно, а малку повеќе 124.563 на државно.
А. АНТЕВСКА