Министерството за труд и социјална политика (МТСП) треба да го достави до Министерството за здравство точниот број на деца кои би посетувале градинка по нивното повторно отварање. Ова било договорено на денешната средба на претставници од Министерството за труд и социјална политика со Комисијата за заразни болести и претставници на Министерството за здравство.
„Согласно донесениот Протокол, приоритет за згрижување има дете на самохран родител којшто е во работен однос и дете на двајца родители кои се во работен однос а работните задачи мора да ги извршуваат на работното место. Информацијата ќе биде изработена врз основа на податоците од сите градинки, јавни и приватни, соодветно на доставените потврди од родителите“, велат од Министерството за труд и социјална политика, но не кажуваат дали е утврден датум за повторното отворање на градинките.
Од таму додаваат дека Протоколот за работа на градинките кој е усвоен на владина седница уште на 28 мај е прифатен од сите градинки и тие ги прилагодуваат групите согласно насоките.
По средбата денеска, Министерството за здравство соопшти дека МТСП треба да ги доработи протоколите за отворање на градинките, па после ќе се донесе одлука за отворање на градинките.
„Денес на Комисијата за заразни болести беа присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика и се разгледуваа и се разговараше и за протоколите за почеток на работењето на градинките. Заклучокот беше дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на МТСП, да се разгледаат и потоа да се донесе одлука во врска со почеток на работењето на градинките“, соопшти Министерството за здравство.
Според Протоколот донесен на 29 мај, се предвидува за групите од 2 до 6 години да има најмногу 15 деца, а за оние до 2 години најмногу 6 деца. На децата и на вработените при влез во градинката ќе им се мери температура, а вработените задолжително треба да носат маски. За секое дете ќе треба да се обезбедат по две постелнини.
Внатре во градинките престојот на децата треба да се организира на начин да се избегне меѓусебен контакт на различни групи на деца во согласност со можностите. На секои два часа да се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите. Родителите треба да достават потврда дека работните задачи задолжително мора да ги извршува на работно место, без можност за работа од дома.
А. АНТЕВСКА