САД ја повикаа Франција да го поддржи влезот на Македонија во ЕУ и НАТО по потпишувањето на договорот со Грција за името, соопшти американскиот Стејт департмент.
„Државниот секретар Мајк Помпео побара од францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан да ја поддржи поканата на НАТО за влез на Македонија, како и за почеток на преговори за влез во ЕУ, откако е потпишан договорот за името меѓу Грција и Македонија“, изјави портпаролката на Стејт департментот Хедер Науерт.
Според информациите од Брисел изминатава недела, Франција се противи Македонија да добие датум за преговори за влез во ЕУ на Советот на 29 јуни и покрај договорот со Грција. Според информациите што ги објави МИА, Франција не прифаќа ни да се одреди условена одлука за преговори без временски рок кога конкретно тие би почнале, но прифаќа да има „што попозитивен речник“ и охрабрувања за Македонија.
„Разговорите се во тек во Брисел, а конечниот став на Франција ќе го објави францускиот претседател Емануел Макрон за време на Советот на ЕУ на 29 јуни“, изјави изминатава недела амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние, за МКД.МК.