СВЕТОТ НИ СЕ ВООДУШЕВУВА НА ПРИРОДАТА, А НИЕ ЈА УНИШТУВАМЕ, ВЕЛИ ЕКСДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ ДОНЕВ, НАПАДНАТ ОД ЛУЃЕ КОИ ПАЛЕА ДРВЈА ПОКРАЈ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    СВЕТОТ НИ СЕ ВООДУШЕВУВА НА ПРИРОДАТА, А НИЕ ЈА УНИШТУВАМЕ, ВЕЛИ ЕКСДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ ДОНЕВ, НАПАДНАТ ОД ЛУЃЕ КОИ ПАЛЕА ДРВЈА ПОКРАЈ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО„Им кажав дека не смееме да ја уништуваме природа на едно од најубавите места во светот и дека ќе го пријавам случајот. Ми одговорија ‘еми, шо да им прајме’ и додека да разберам кој, што, како, еден постар човек ме нападна и фрлаше по мене со огромни камења“, кажува Донев за инцидентот на плажата кај хотелот „Десарат“ во Охрид.(Фото: СДК.МК)

    Поранешниот директор на Агенцијата за туризам Александар Донев минатата недела бил нападнат од граѓани кои крај Охридското Езерото носеле дрвја и гранки и ги палеле, при што се запалиле и околните дрвја. Донев, кој сега е претседател на организација за поддршка и промоција на одржлив туризам и одговорни активности во природа „Мастсидонија“ (Mustseedonia), за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека инцидентот се случил пред неговите мали деца и сопругата и да не биле тие и пријателите сериозно ќе настрадал.

    На плажата кај хотелот „Десарет“, Донев забележал како чади цела околина од запалени дрвја и зеленило. Веднаш прашал кој и зошто го направил ова, претставувајќи се дека е експерт за туризам, кој ја претставува земјава во светот.

    „Им кажав дека не смееме да ја уништуваме природа на едно од најубавите места во светот и дека ќе го пријавам случајот. Ми одговорија ‘еми, шо да им прајме’ и додека да разберам кој, што, како, еден постар човек ме нападна и фрлаше по мене со огромни камења. Сакав да снимам и тргнаа сите да ме тепаат. Искрено, да не беше тука жена ми со децата и пријателите и еден помлад дечко што ме извлече, сериозно ќе настрадав“, кажува Донев.

    Донев вели дека воопшто не го изненадува тоа што го видел, ниту реакцијата на одговорните кога го пријавил случајот. Бидејќи неговата работа е промоција на Македонија и Балканот како светска туристичка дестинација, се воздржува од објавување негативни моменти на социјалните медиуми, поради тоа што го  следат влијателни луѓе во оваа индустрија, иако како што вели, за жал постојано е сведок на настани кои едноставно го оставаат без зборови.

    „Овој пат не можев да се воздржам. Не знам дали знаете што сè е потребно за да се привлече вниманието на ‘Нешенал џиографик’ кои ја прогласија Виа Динарика за најдобра дестинација за патување во 2017 или ‘Лоунли планет’ каде Македонија е препорачана како една од десет најдобри дестинации во 2020, ‘Њујорк тајмс’ кои на цела страна пишуваа за потенцијалите за авантуристички туризам во Македонија и многу други. Чувствувам гнев и фрустрација особено поради фактот што гледам како целиот свет ги препознава и вреднува нашите природни убавини и културни богатства, а нам секогаш другите ни се криви и експерти сме во наоѓање изговори само да си ја оправдаме мрзата или глупостите како во овој случај“, вели Донев.

    „Чувствувам гнев и фрустрација особено поради фактот што гледам како целиот свет ги препознава и вреднува нашите природни убавини и културни богатства, а нам секогаш другите ни се криви и експерти сме во наоѓање изговори само да си ја оправдаме мрзата или глупостите како во овој случај“, вели Донев; – Охридско Езеро. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Како експерт за туризам, вели дека пандемијата на коронавирусот со која цел свет во моментов се соочува ќе промени многу досегашни концепти во патувањето и ќе биде предизвик како за туристите и нивниот начин на патување, така и за самите дестинации и туристички работници.

    „Според некои проценки, ќе бидат потребни од 2 до 5 години за туристите да патуваат како претходно. Со ограничувањата за движење, комплексните протоколи во авионскиот превоз, стравот кај луѓето, многу дестинации во светот го бараат надминувањето на овој кризен период во домашните и регионалните гости. Така, и ние ќе бидеме принудени да патуваме локално и да ја истражуваме нашата земја, што сметам дека и не е така лошо затоа што ќе можеме повеќе да ја запознаеме, а со тоа и вистински да ја засакаме и чуваме“, вели Донев.

    Донев и семејството и покрај инцедентот сѐ уште се во Охрид, вчера возеле велосипеди на Галичица, а денеска денот ќе го поминат на дива плажа.

    „Јас сум непоправлив оптимист и давам сè од себе да пркосам на примитивизмот и апатијата, многу присутни кај нас. Се надевам дека граѓаните летово ќе патуваат низ Македонија, дека нема да има поделби на скопјаништа и охриѓани, природата е на сите нас“, вели Донев.

    Неговата организација за поддршка и промоција на одржлив туризам неодамна промовираше документарен филм ,,Виа Динарика-Македонската авантура”, преку кој се прикажани четири лични авантуристички приказни за љубовта кон природата и планините, а истовремено се откриваат и прикажуваат туристичките потенцијали кои ги има во земјава.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира