УТРЕ СЕДНИЦА ЗА РАСПИШУВАЊЕ РЕФЕРЕНДУМ ЗА ИМЕТО, ПРОДОЛЖУВААТ РАЗГОВОРИТЕ МЕЃУ СДСМ-ВМРО-ДПМНЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМСКОТО ПРАШАЊЕ

    УТРЕ СЕДНИЦА ЗА РАСПИШУВАЊЕ РЕФЕРЕНДУМ ЗА ИМЕТО, ПРОДОЛЖУВААТ РАЗГОВОРИТЕ МЕЃУ СДСМ-ВМРО-ДПМНЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМСКОТО ПРАШАЊЕИзвесно е дека седница за распишување референдум ќе има утре, но се остава простор за евентуален договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за референдумското прашање, велат партиски извори (Фото: СДК.МК)

    Утре со потписи на пратениците на владејачкото мнозинство, на опозиционите партии на Албанците,  но и на дел од пратениците кои се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде доставено барање до претседателот на Собранието Талат Џафери да закаже седница за распишување референдум за името. Партиски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК  изјавија  дека извесно е оти седница за распишување референдум ќе има утре, но се остава простор за евентуален договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за референдумското прашање. Официјална потврда за ова, сепак, нема ниту од власта ниту од опозицијата.

    Разговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се запнати околу дефинирањето на референдумското прашање.  Засега прашањето останува како што го објави премиерот Зоран Заев по лидерската средба на 18 јули: „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“.

    Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.

    Поместување на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ од лидерската средба на 23 јули до денес нема. ВМРО-ДПМНЕ бара прашањето да е кратко и јасно, зашто смета дека со вметнување на ЕУ и НАТО е манипулативно. ВМРО-ДПМНЕ  не се изјасни дали ќе го повика членството да излезе на референдумот, или  на бојкот. Од партијата велат дека ставот ќе го кажат на утрешната седница.

    И да нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, власта нема намера да го одложи  референдумот, кој според законскиот рок треба да се одржи на 30 септември. Според Законот, од  денот на објавувањето на одлуката за распишување референдум во „Службен весник“ до одржувањето на референдумот не може да поминат помалку од 60 или повеќе од 90 дена. Простор за договор власта и опозицијата имаат до први август, кога е последниот рок за референдумот да се одржи на 30 септември.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира