ВЛАСТА ИМ НУДИ НА ПРАТЕНИЦИ ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА ГЛАСААТ ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ, ТВРДИ ВМРО-ДПМНЕ, ПРЕМИЕРОТ ДЕМАНТИРА

    ВЛАСТА ИМ НУДИ НА ПРАТЕНИЦИ ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА ГЛАСААТ ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ, ТВРДИ ВМРО-ДПМНЕ, ПРЕМИЕРОТ ДЕМАНТИРАГенералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев не кажа на кои пратеници од ВМРО-ДПМНЕ им било понудено пари да гласаат за потреба од пристапување кон измени на Уставот на вечерашната собраниска седница, и го повика Јавното обвинителство да отвори истрага (Фото: принтскрин од видео)

    Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, вечерва ја обвини власта за поткуп на пратеници од неговата партија со 200.000 до 2 милиони евра. Јанушев, кој не кажа на кои пратеници од  ВМРО-ДПМНЕ им било понудено пари да гласаат за потреба од пристапување кон измени на Уставот на вечерашната собраниска седница, го повика Јавното обвинителство да отвори истрага.

    „Заради заштита на идентитетот на тие наши пратеници, нема јавно да ги кажеме нивните имиња. Затоа, го повикуваме Јавниот обвинител“, рече Јанушев на вечерашната прес-конференција и го обвини премиерот Зоран Заев дека стои зад притисоците и поткупувањето, според него, на пратеници од неговата партија.

    На новинарско прашање дали е точно дека токму раководството на ВМРО-ДПМНЕ им се заканува на своите пратеници да не гласаат за уставните измени, Јанушев рече:

    „Тоа се шпекулации. Најдобар демант е целодневното присуство на Заев во Собранието денеска“.

    Јанушев предупреди и на зголемено присуство на полициски и други структури,„бричени глави“, како што рече, околу Собранието и повика власта да ги тргне.

    Рече дека пратеничката група е компактна и нема да гласа за измени на Уставот.

    Премиерот Заев вечерва, непосредно пред прес-конферемцијата на Јанушев, ги демантираше вестите за притисоци од власта врз пратениците на ВМРО-ДМПНЕ што ги објавија провмровските портали „Курир“ и „Република“.

    „Премиерот Зоран Заев категорично ги демантира лажните информации во ‘Курир’ и ‘Република’  дека ‘власта прави жесток притисок врз пратениците и ги уценува со сите можни работи’. Вестите се клевета и навреда и за нив се одговара пред законите“, објави на Твитер владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

    Седницата за уставните измени треба да продолжи вечерва во 21 часот, по целодневното одложување. Уште не се знае дали расправата ќе продолжи или пак ќе се гласа, оти не е извесно дека има двотретинско мнозинство за изгласување на измените.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира