ЗА ВАУЧЕРИ ОД 1.000 ЕВРА ЗА ИНВЕРТЕРИ ШТО ТРЕБАШЕ ДА СЕ ДАДАТ ОД ОКТОМВРИ ЌЕ СЕ КОНКУРИРА МЕСЕЦОВ ВО СКОПЈЕ, БИТОЛА, КИЧЕВО И ТЕТОВО

    ЗА ВАУЧЕРИ ОД 1.000 ЕВРА ЗА ИНВЕРТЕРИ ШТО ТРЕБАШЕ ДА СЕ ДАДАТ ОД ОКТОМВРИ ЌЕ СЕ КОНКУРИРА МЕСЕЦОВ ВО СКОПЈЕ, БИТОЛА, КИЧЕВО И ТЕТОВОГраѓаните при аплицирањето доколку ги исполнуваат условите ќе добијат ваучер во вредност од 1.000 евра .(Фото: Ѓ.Личовски)

    Град Скопје, Општините Битола, Кичево и Тетово на посебни буџетски сметки ги добија парите за субвенционирање на инвертери како мерка на Владата против аерозагадувањето. Вкупно за оваа намена од државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) се обезбедени 10 милиони евра. Најмногу пари се префрлени на Град Скопје и тоа 5,2 милиони евра за 5.200 граѓани, потоа на Општина Битола 2,5 милиони евра за 2.500 граѓани, на Општина Тетово 1,5 милиони евра или за 1.500 жители и на Општина Кичево 800.000 евра за 800 жители.

    Аплицирањето според најавите на заменик-министерот Јани Макрадули треба да стартува месецов, а наскоро ќе бидат објавени условите кои домаќинствата треба да ги исполнуваат.

    „Имаше некои законски пречки кои не сакавме да фрлат сомнеж на постапката. Софтверот е готов, мислам дека месецов ќе се создадат услови да се објави повикот од страна на Град Скопје и Општините Кичево, Битола и Тетово“, вели заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.

    Мерката беше презентирана на прес-конференција на 9 октомври од тогашниот премиер Зоран Заев, тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев, министерот за животна средина Насер Нуредини, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, но постапката за доделување на инвертерите уште не е почната.

    Граѓаните при аплицирањето доколку ги исполнуваат условите ќе добијат ваучер во вредност од 1.000 евра за набавка на инвертер клима. На фирмата од каде што ја купиле, кога ќе ја монтира, домаќинството ќе треба да им ја предаде печката на која досега го загревале домот. Потоа тие печки ќе се носат на легални отпади кои ќе бидат наведени. Исто така, граѓаните ќе треба да потпишат и изјава дека нема повеќе да се греат на нееколошки начин.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира