31 ПРАШАЊЕ

Може ли да ја замислите Македонија без ДУИ на власт?

31 ПРАШАЊЕ

1 Како им текна баш сега на Бугарите да ја отворат истрагата за некој увоз на ѓубре за таму некоја си термоцентрала? И како баш во истрагата се откри дека еден од сопствениците на фирмите што се осомничени за сомнителниот увоз на отпад е Горан Ангелов, довчерашен директор на најголемата депонија во државава „Дрисла“, која до вчера беше концесионер од некоја италијанска фирма? И – толку треба за паника.

Прво, со години топ тема во Македонија е загадувањето на воздухот. Особено во зима, кога загадувањето се гледа. И кога, во недостиг на одговор од надлежни државни институции што со години не можат да пронајдат кој го предизвикува загадувањето, сите стануваат експерти за ПМ честички, за болештии, за мерни станици, за филтри, за интегрирани и неинтегрирани дозволи, за диви погони, за депонии…

Второ, со години се шпекулира дека некој увезува некаков отпад кој се гори некаде како погонско гориво, и навечер или во викенди и за празници од оџаците се испушта опасен чад од кој се труеме.

Никој официјално не чувствува потреба да одговори на шпекулациите.

И кога овие две ситуации, евидентно загадениот воздух и сомнежите за увозот на отровен отпад, ќе се искомбинираат со веста од Бугарија за вмешаноста во нелегалниот увоз на отпад на директорот на најголемата депонија во Македонија, сосема е логично шпекулациите да станат легитимна тема за муабет. И секој што малку се разбира од темата, а богами и тие што ич не се разбираат, објаснуваат што е опасен отпад, што е неопасен отпад, што е погонско гориво, што има забрана за увоз, што има дозвола за увоз, кој смее да увезува, како се увезува, што се депонира по депониите, како се увезува отпад во други земји… И нормално, како што од сѐ во Македонија се прави драма, ова станува драма поткрепена со „креативни факти“. Особено, кога и медиумите ќе објават нецелосни информации за увоз на ѓубре од 2012 до 2014 година, па уште и кога ВМРО-ДПМНЕ ќе го обвини СДСМ за загадувањето од нивно време, а СДСМ ќе го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека тоа било во нивното време.

Секој има некаков податок да го сподели на Фејсбук, сите имаат некакво објаснување, само државата чат-пат ќе се појави со по некој податок,  и тоа само ако некој праша.

И сето ова се случува во Македонија. Во државата во која што никој не им верува ни на инспекции, ни на обвинители, ни на судии… Во која што сите веруваат дека институциите се корумпирани. И во која дури и инспекторите се правдаат: „И мене ми смета загадувањето“.

2 Имаме државни службеници и функционери што ние како граѓани ги плаќаме за да ни ги кажат фактите и да сносат одговорност. Без оглед на тоа дали податоците се страшни, или безначајни. Премиер ли е, министер ли е, заменик ли е, државен секретар ли е, државен инспектор, што и да е… Прво да ни разјасни терминолошки што е опасен, а што е неопасен отпад. Што е складирање, што е уништување. А потоа да видиме дали се увезува, зошто се увезува, како се увезува, како се контролира, кој увезува, дали некој го крши законот, дали некој е казнет, колку е казнет…

Ако сакаш да се бориш против лаги и шпекулации има само еден начин. Кажи ја вистината. Колку и да боли. Истиот начин важи и за враќање на доверба во институциите.

3 Додуша, деновиве има еден проблем ако сакаш да кажеш „само вистина“ на пет национални телевизии. Оти решиле дека нема да ги емитуваат изјавите на министрите и на замениците-министри. Ама, не кажуваат зошто.

Уредниците веројатно се срамат што нивните новинари имаат добиено наредба да не ги снимаат министрите и замениците. Затоа и не кажуваат. Ама, кога ќе ми текне дека Груевски наполни три телевизии со 25 милиони евра наши пари за да ја шират неговата пропаганда, веројатно е дека тие и сега мислат оти нашите пари им следуваат по дефиниција. Особено што и Владата на Заев, откако подели пари на печатените медиуми, ги потпали и надежите на телевизите дека ќе прави фонд за медиуми.

Значи, интересот на сиромашките милионери-газди на телевизии е поважен од јавниот интерес. Го продадоа јавниот интерес за пари. И тоа двојно. Еднаш затоа што газдите ги бараат нашите пари. И втор пат затоа што не нѐ информираат, ако не им платиме.

Е па, нема друго чаре. Нека си дојде Груевски, тој даваше пари по телевизиите на ангро. И одма нека ја стартуваат кампањата „Ти си Македонија“. И спотовите да ги емитуваат веднаш по прилозите од судските рочишта за „Рекет“. За рекетот што го правел првоосомничениот користејќи ја моќта на телевизијата и злоупотребувајќи ги новинарите што работеле во неа.

4 Продолжува маркетиншкиот серијал „30 прашања“ за функционери на СДСМ, што им ги поставува потпретседателот на партијата Коста Петров.

Мене лично, како гласач, ме интересира уште едно, 31-во прашање: „Може ли да ја замислите Македонија без ДУИ на власт?“

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари