АЛИУ АНАЛИЗОН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:42:"Чесилежите-Dotëbëniburg

    АЛИУ АНАЛИЗОН

    1 И ете така. Бидете си спокојни. Нема  да има федерализација. Нема да има ни кантонизација. Ќе има само верна љубов помеѓу Никола Груевски и Али Ахмети. Со тоа што, Груевски на 11 декември излезе малку поербап од долгогодишниот партнер. Па со страшните приказни за федерализацијата и кантонизацијата си купи уште малку време, да заборават неговите гласачи зошто беше формирано Специјалното јавно обвинителство. Демек, од лошо ќе имало и полошо. А гласачите на Али Ахмети му испорачаа казна на лидерот на ДУИ, оти тој му помага на Груевски да се спаси од тоа што може да го снајде ако Специјалното јавно обвинителство продолжи да си ја врши работата без пречки од власта.

    И сега, Али анализира со кого ќе правел Влада. Ќе ги прашал гласачите. Алиу анализон.

    Кои гласачи бе, Али? Оние 63.000 што ги изгуби затоа што десет години беше ујдисан со Груевски, па кога слушнавме во прислушуваните телефонски разговори што сте правеле заедно, сега барате начин како заедно да се спасите? Па, битката за спас од затвор, Али што анализира ќе ја спакува пак во некакви  приказни за НАТО и за ЕУ, како што ги пакува цели 15 години. Овој пат ќе ѝ стави панделка во некакви,  демек, реформи според Прибе.

    Али анализира оти вистината морала да се дознае. И правда морало да има. И за „Монструм“ и за „Кумановско Диво насеље“ и за уште многу други работи… Али анализира оти безбедноста на Македонија била доведена во прашање. Оти  бил загрижен за правната држава и за правата на Албанците.

    Па кој ти бранеше бе, Али, да ја дознаеш вистината? Кој ти бранеше во изминатите не 10, туку 15 години да направиш правна држава? Твоите министри за правда што го контролираат судството? Кој ја загрозува безбедноста на Македонија? Твоите командати на УЧК што беа министри за одбрана? Кој те спречуваше, Али, да ја внесеш Македонија, не само со твоите Албанци, туку ете и сосе Македонците во ЕУ? Твоите министри и вицепремиери за евроинтеграција?  Кој те спречуваше да ја направиш Македонија, не само за твоите Албанци, туку ете и за Македонците побогата држава? Твоите министри за економија, директорите на разни јавните претпријатија, градоначалниците…

    Е па Али, бидејќи манипулираш со правдата за „Монструм„ и „Диво насеље“, треба да знаеш дека правдата ќе излезе и за тоа кој прислушувал. И за тендерите. И за каменот што одблизу доаѓа. Ама, ти се плашиш од вистината.  Затоа и до сега вистината не е излезена. И затоа продолжуваш да му даваш алиби на Груевски дека без него не може да се продолжи мандатот на СЈО. А ти, демек, би сакал, ама ете – не може.

    2 И така, ДУИ прво си имаше Мајски договор. Па Груевски им смисли Новогодишен проглас за спас на Македонците од Албанците. За да се спаси себеси и своите. Па ДУИ му смислија  контрапроглас. За да се спасат себеси и своите. И на контрапрогласот му дадоа име „Платформа“. Па, за да изледа подраматично, ја објавија на Божик.

    Море, не ви е вам ни до Албанците ни до Македонците. Ниту пак до интересите на вашите гласачи ви е. Дури ни вака, поделени по етничка линија.  Ниту пак ви е гајле дали партнерите ќе ви бидат од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ. Со оваа Божикна платформа покажавте дека ве интересира само власт. И дека ДУИ, за да ги скрие досегашните криминали е спремна да го подели колачот на власта и со Беса и со Алијансата на Албанците. И дека таа алчност за власт сега ја пакуваат како интереси на Албанците. И дека и на лидерите на другите партии на Албанците, со  нивните божем непомирливи политички разлики од предизборието, не би им пречело да поделат по некое тендерче.

    Нивната платформа не е платформа за Албанците. Нивната платформа е платформа за партиите. А државата ќе продолжи да функционира по принципот „наша банда – ваша банда“. Со тоа што, во нашата банда сега ќе влезат и Беса и Алијансата.  Е тоа е суштината на „Платформата“.

    3 Дали ако има двојазичност, дали ако има уште повеќе вработени Албанци во јавниот сектор и дали ако има повеќе пари за општините со мнозинство Албанци, па ете дури и да се извиниме за некаков геноцид, во Гостивар ќе се казнува за пушење во кафеани, на Пластичарската улица во Скопје ќе се издаваат фискални сметки, а во Тетово ќе има чист воздух за дишење и чиста вода за пиење? Дали во Арачиново секој што не плаќа струја ќе може да биде исклучен без да му се кршат човековите права?

    Кому сега раскажувате приказни за двојазичноста? Па сите знаеме дека двојазичноста е реалност. Почнувајќи од слушалките во Собранието, двојазичните лични карти, возачки и пасоши, па сè до автобусите на ЈСП со двојазични натписи со кои ГДОМ-ци ги носат спонтано да протестираат против двојазичност.

    Какви дебати ќе отвара сега Али Ахмети по 15 години на власт? За знамето, за грбот и за химната. Оти, само после таа дебата многу полесно ќе се живее во држава во која не се отвара дебата за крадењето на функционерите. За незаконско прислушување и масовно кршење на човекови права. За корупција и тајни сметки на романтични дестинации. За  правна држава во која корупцијата е легална, а крадењето на функционерите е неказниво.

    За каков геноцид врз Албанците треба да се извини Собранието? А кој ќе им се извини на граѓаните за егзодусот на младите во изминатите 15 години додека ДУИ успешно владееше? Кој ќе им се извини на граѓаните што со нивни пари, божем по рамковен договор, се плаќаат кадри што ги вработиле „на државно“ само оти биле на списоците на  ДУИ што седат дома и земаат плата за да се чувствувале рамноправни? Сите ги плаќаме нивните плати. И Македонците и Албанците.

    А особено разочарувачки е што дури и познати интелектуалци, освен неколкумина, со одобрување ја прифатија Божикната платформа и му ги анализираат мудростите на Али за евроатлантски интеграции. Наместо да ги исшутираат и да им речат: „Море, марш лопови. Ќе си лежите!“ – „Do të bëni burg!“.

    4 Во 21 век, во евроатлантска Македонија во јануари заврна снег. Пола држава беше отцепена. Ниту по етничка линија. Ниту по партиска линија. Туку поради нефункционални институции. Поради луѓе што ги плаќаме, а тие не си ја вршат работата за што се платени. Пола главен град остана без парно. Половина градови и села низ Македонија останаа без вода. Загаденоста во речиси сите поголеми градови е и до 10 пати поголема од нормалната.

    Ама, ајде да не политизираме. Да анализираме.

    5 Првиот бездомник што умре од студ во Македонија го најдоа во Аеродром. Во општината во која има 13 цркви.

    Важно е дека МПЦ донираше за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

    6 А за СЈО сте чуле нешто? Помина предизборната кампања, им рекоа да не се мешале. Па изборите поминаа. И Нова година и Божик помина.  И парички извртевме. И гриповите ги одлежавме. Еве и Василица ќе свртиме. Што чекаат Катица и нејзините? Да видат кој ќе го фати крстот?

    Времето си врви. Еве кај е март. Тик, так, тик, так, тик, так…

    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира