1 Следниот пат кога ќе сакате да барате правда, кога ќе сакате нешто да се пожалите, да пријавите на инспекција, распрашајте се дали архиварката што треба да го прими вашето барање е на одмор. Или на боледување. Или, на пауза. Или, едноставно, излегла „набрзинка да купи нешто, одма ќе се врати“.
Контролорите на летање побарале од Трудовата инспекција вонреден инспекциски надзор, дали согласно законот бил спроведен последниот оглас во државното претпријатие Македонска навигација (М-Нав), за кој се сомневаат дека бил наместен за партиски кадри. На работа се примени потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, сопругот на директорката на Централниот регистар и сопругата на починат осуден за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.
Барањето, поднесено на 18 јули во Трудовиот инспекторат во Скопје, стасало до подрачната единица во Кавадарци. Арно ама, архиварката во Кавадарци била на одмор и ниеден инспектор од Кавадарци не може да го земе случајот, затоа што архиварката уште не го распределила.
Баш ме интересира што ли работат инспекторите, не само во Кавадарци, туку секаде, додека архиварките се на плажа? Си седат во канцеларија без работа, оти немаат предмети? Башка, зошто џабе би работеле кога и да направат извештај, нема кој да го завери.
Трудовиот инспекторат во Кавадарци е надлежен за инспекција на вработувањата во Контролата на летање затоа што над Кавадарци поминува коридорот за прелети. Над Тиквешијата има многу авиони. Па архиварката мора да биде во тек. Одвреме-навреме излегува на прозорец и гледа нагоре.
Многу ме интересира и како случајот од М-Нав од Скопје стасал во Кавадарци. Кој ли брилијантен ум го смислил ова, да водиш сметка која архиварка е на одмор? Само тоа ме интересира, оти веќе одамна не прашувам: Како не им е срам?
2 Тоа што најголемите партии ги натераа независните граѓански иницијативи што сакаат да учествуваат на избори да се тормозат и да собираат потписи и да вадат државјанства за да формираат партии, покажува колку ним им е гајле за гласот на граѓаните.
Ова е изживување врз гласот на граѓаните. И за тоа овојпат не е виновна само власта. Ова тормозење на независните можеа да го спречат пратениците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ веднаш после одлуката на Уставниот суд, кој ги поништи одредбите од законот со кој во времето на СДСМ беше зголемен бројот на потписи потребни за пријавување независни кандидати. Пратениците досега требаше да изгласаат измени на законот, согласно препораката на Уставниот суд. Еве кај се изборите. Ама тие ниту имале, ниту пак имаат намера да владеат во интерес на граѓаните.
Партиските лидери не само што не сакаат да го слушаат гласот на независните граѓани. Туку, сакаат да го сотрат. Да го нема. И да го слушаат гласот само на „мојот народ“. На тие што избрале да ги слушаат само нив.
Големите партии си го чистат теренот за вечна поделба на пленот.
3 Премиерот Христијан Мицкоски од партиска трибина во Штип им рече на опозициските партии СДСМ и ДУИ одговорите за, како што рече, „страшниот и ужасен случај во Кочани“ да си ги бараат директно од јавниот обвинител Љупчо Коцевски, оти тој бил нивен.
„Паѓаат во вода сите оние тиради од прес-конференции за оној страшен, ужасен случај во Кочани, оние лажни повици, буцкањата каде лажно велеа дека бараме правда“, изјави Мицкоски, откако Собранието му изгласа интерпелација на Коцевски поднесена од пратениците на Левица, а изгласана и со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Што? Само СДСМ и ДУИ ли бараат правда? Патем, за ДУИ не се ни сеќавам дека имале некоја изјава за Кочани. А родителите на загинатите 62 деца и над 200 повредени во „страшниот ужасен случај“ не бараат ли правда? Или и тие ли лажно бараат правда? А јавноста не бара ли правда? Или сите се „некрофили, глодари, мршојадци“ и што ли уште не излезе погано од устата на Мицкоски за сите што бараат правда за Кочани. И не само правда. Туку и менување на практиките на владеење со кои ние секојдневно живееме во услови на некое ново Кочани во најава.
Како и да е, премиерот веќе најави како ќе се одвива судењето за кочанската трагедија. Ќе пропадне оти ете, не чинел обвинителот. Бил на СДСМ. Ќе чекаме ВМРО-ДПМНЕ да избере нивен обвинител.
4 Секој ден, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Левков од Кочани држи прес-конференции во кои за пожарите низ државата ги обвинува СДСМ и ДУИ.
Бидејќи Миле Левков од Кочани има сознанија како се предизвикани сите пожари низ земјава, баш ме интересира какви сознанија има Миле Левков од Кочани за пожарот во Кочани.
5 Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска го врати споменикот на Ќосето, што претходно од пред судовите го отстрани градоначалникот Петре Шилегов.
Ќосето си го сврте кругот. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица во Советот на Град Скопје во декември 2023 со аплауз го изгласаа предлогот на градоначалничката Данела Арсовска да го врати Ќосето. ВМРО-ДПМНЕ си го постави Ќосето. ВМРО-ДПМНЕ си ја изгласа градоначалничката. ВМРО-ДПМНЕ си ја блокираше градоначалничката. ВМРО-ДПМНЕ си го врати Ќосето. Сѐ си дојде на свое место. Уште да бидеме среќни ако победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, за да нѐ спаси од нив самите.
А СДСМ, само го тргнаа Ќосето. Требаше да го стопат, да не остане трага од него. Ама СДСМ е тоа. Ниедна работа што почнале не ја завршиле до крај и како што треба.
И што прави нормален човек на веста дека во главниот град што пропаѓа по сите основи, во ѓубре, без јавен превоз, со дивоградби, со проблеми за вода, градоначалничката дига споменик на некој контроверзен лик од историјата со кама во раката? Еднаш се возбудуваш кога го ставаат Ќосето, после се возбудуваш кога го тргаат, е сега трет пат… премногу е за еден живот. Нормален човек не може да постигне да се занимава со сите нивни глупости. Некој треба и да работи. Да им обезбеди плата. За тие да продолжат да се занимаваат со глупости.
АУДИО ПОДКАСТ