БАРОН И ДАМА

Приказнава е вистинита. И несомнено, многу интересна. Од секој аспект.

БАРОН И ДАМА

1 Иде Нова година, па Божиќ, а со празниците ќе дојде и нова тура за помилување затвореници од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Да се надеваме дека на списокот повторно ќе има „интересни личности од негативен аспект“, како што вика претседателката, за да ни поминат празниците во забава и весело расположение.

Баш е интересно дека во првава тура амнестии, по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, меѓу помилуваните беше и некој член на нарко-банда со име „Барон“, осуден нешто за нелегално оружје. Припадникот на „Барон“ си живеел во затворот „Идризово“, ама секој ден одел и на работа. Па така, една недела пред претседателката да го помилува, одејќи, или враќајќи се од работа, поминувал низ Чаир и таму нешто пукал. Е така де, му се случило на човекот.

Полицијата уште го сомничи работливиот затвореник за учество во пресметка во Чаир. Поминува една недела по пукањето и човекот добива среќна вест. Претседателката му ја заменува казната затвор со условна казна. И така, за да го личи празникот, затвореникот на својот инстаграм профил јавно ѝ се заблагодарува на претседателката со зборовите: „Се гордеам што токму вие сте нашата прва дама на Републиката“.

Арно ама, членовите на Комисијата што ѝ го спремиле списокот за помилување на претседателката, во кои таа има целосна доверба, да не ти знаеле дека гордиот припадник на нарко-бандата бил обвинет и за друго дело. За обид за убиство. И таман кога помилуваниот затвореник излегувал од „Идризово“ како слободен човек, полицијата го уапсила. Сега е притвореник, па го преселиле во „Шутка“.

И – сето ова е вистина. Несомнено, приказнава е многу интересна. Од секој аспект.

2 Исто така, вистина е дека Владата постави директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) кој нема највисок безбедносен сертификат за државна тајна.

И ова е интересно. Од секаков аспект.

3 Интересен е и оптимизмот што го шири власта дека Европската Унија (ЕУ) ќе го прифати владиниот предлог – внесувањето на Бугарите во Уставот како услов за почеток на преговорите, ама со одложено дејство – да важи откако ќе станеме членка на Европската Унија.

Не знам само на што го темелат оптимизмот. На тоа дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен кога дојде во Скопје ниту го прифатила, ниту го одбила предлогот!? Па таа не е личноста во ЕУ што прифаќа, или одбива предлози. Ниту пак може да даде некакви гаранции дека во иднина Бугарија нема да го злоупотребува членството во ЕУ за да наметнува нови вета во текот на преговорите. Не е нејзино да каже ни „Да“, ни „Не“. 27 земји-членки треба да кажат „Да“.

Претседателката на Европската комисија не ја интересира дали преговарачката рамка со условот за внесување на Бугарите во Уставот ја прифатила владата на СДСМ-ДУИ или која било влада.

Фон дер Лајен дојде во Скопје само да ја пренесе пораката: Процесот за проширување е отворен, ама вратата ви е затворена. Уставната измена е обврска. Дали притоа рекла дека прифатената обврска треба да се сработи, да се одработи, да се доработи или преработи и како тоа било преведено на македонски јазик, не ја менува суштината.

Најдобро би било кога премиерот Мицкоски и останатите од владината коалиција ќе излезат од зоната на негирање на реалноста. И тоа што поскоро. Така ќе си помогнат и себеси, а и на нас. Можеме ние со сила да се правиме оптимисти и да се губиме во преводот, ама уставни измени мора да има. И од тоа нема бегање.

4 Да се надеваме дека премиерот Мицкоски почнал да излегува од зоната на одрекување на реалноста штом го предлага Преспанскиот договор како урнек за решавање на проблемот со Бугарија и откочување на процесот за придружување кон ЕУ.

Само, уште не ми јасно како во иста глава се спојува „никогаш Северна“ со „ако Преспанскиот договор беше ремек-дело на европската дипломатија, да го повториме за изнаоѓање решение на вештачкиот спор со Бугарија“? Дури и ако рационализираш дека иронично го величаш Преспанскиот договор со зборот „ако“. Факт е дека тоа, ироничното, „ако“ потоа е надоврзано со „ајде“.

Што им предлагал Мицкоски на соговорниците во Брисел? Ги зафркавал мајтапејќи им се со Преспанскиот договор? Демек, ако ви е толку е добар, ај да го повториме. Ве тепам со вашето оружје. Ако ви чини, еве ви го. Ќе си игра ли со вербална еквилибристика и во писмото што најави дека ќе им го прати како предлог за отварање на поглавјата за преговори со ЕУ? Може затоа уште не седнал да го напише.

Северџани, несеверџани, иронично, неиронично, тоа е единствениот предлог кој го чувме од Мицкоски. Поарен, или поинаков – досега не понудил.

Што поскоро и тој и неговите следбеници излезат сосема од зоната на одрекување на реалноста ќе биде полесно и за нив и за нас. Ако ништо друго, барем Грција да не си ја натовариме повторно на врат. Против ваков тежок противник како Бугарија (ај да не ја нарекуваме непријател), потребни ни се сите можни сојузници во ЕУ.

5 Минатата недела мои колеги беа во Подгорица, а јас само што се вратив од Сараево. Раскажувајќи си како сме си поминале тие неколку дена во главните градови на Црна Гора и Босна и Херцеговина, си се изненадивме кога споделивме ист впечаток: Леле луѓе, знаете ли колку е чисто! И зелено е. Замислете до кое дереџе сме дојдени. Кога ќе отидеме некаде и кога ќе се вратиме дома ние се одушевуваме дека таму е – чисто. Тоа е првото нешто што го споделуваме како – чудо.

Секогаш кога одам во Сараево ме напаѓа една бура од емоции. Некоја мешавина што тешко се опишува, нешто што во прв момент те отепува од тага и после ти го подига духот со пркос. И ќе си речеш, ај Подгорица, мал град е, нема видено ништо лошо, полесно се менаџира. Ама Сараево бре, што речиси четири години живееше под опсада во која од куршуми и гранати беа убиени над 5.000 цивили и во кое уште на некои фасади се гледаат трагите од војната 1992-1995!?

Луѓе мои, па наше Скопје изгледа како вчера да излегло од војна. Ма, какви вчера. Уште е во војна. Војна на градоначалничката со граѓаните.

Нека не си мислат скопјани дека се некоја којзнае каква граѓанска елита. Немаат право да гледат од високо на други градови. Главниот град во којшто живеат веќе личи полошо и од турска касаба од 19 век.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира