БАШ МЕ БРИГА

Оливер Спасовски не е во право кога вика дека нема посилен од државата. Има. Посилни се поповите, оџите и - кафеанџиите.

БАШ МЕ БРИГА

1 Дајте бре, малку оптимизам. Кај е вицепремиерот Бујар Османи да се појави и уште еднаш да ни честита за „високото ниво на дисциплина, високата граѓанска свест и саможртва“, како што победнички ни се обрати пред три-четири дена. Каде е премиерот Оливер Спасовски уште еднаш да нѐ охрабри со строгата, ама праведна изјава дека „нема никој посилен од државата, ни функционер, ни верски лидер, ни институција“.

Што е ова жалење на прес-конференции за порастот на бројот на заразени од коронавирус? Каква е оваа разочараност од ниската свест на граѓаните, затоа што не ги почитувале мерките за заштита? Што сакаше да ни каже министерот за здравство Венко Филипче, само три дена откако Владата ги олабави мерките за заштита од КОВИД-19? Дека државните институции немаат контрола? И дека Оливер не е во право кога вика дека нема посилен од државата. Има. Посилни се поповите, оџите и – кафеанџиите.

На кој Марс живее директорот на Пазарната инспекција Стојко Пауновски, кога се изненадува оти во кафеаните играле на маса и се гушкале? Па, ден пред тоа им кажаа и на кафеанџиите и на гостите дека 10 дена нема да ги казнуваат, туку ќе ги едуцираат како да ги почитуваат протоколите. И што да прават луѓето неедуцирани?

Додуша, не знам каква е таа посебна едукација ако на некого му кажеш дека со непочитување на  мерките за заштита правиш кривично дело „Непочитување на мерки во време на епидемија“. Тоа е исто како на крадците да им кажеш 10 дена нема да ве казнувам, туку ќе ве едуцирам. Оти, крадењето не е убаво. Која држава апелира на совеста на крадци?

Власта мисли дека со тоа што ќе апелира на совеста на граѓаните и ќе покаже разочараност си ја завршила работата. Дека институциите досега направиле сѐ што требало, а отсега граѓаните сами ќе си ја носат одговорноста. Има ли овде некаков институционален механизам што ќе го натера граѓанинот да биде одговорен кон државата? Во иста влада седат и не можат да го натераат министерот за внатрешни работи да им нареди на полицајците да ги контролираат тие што се во изолација, а се чудат дека роднини на починати од КОВИД-19 одбиваат да соработуваат со епидемиолозите. Од една страна, премиерот прави компромиси со верските лидери за масовни собирања, a министерот за внатрешни работи прави саботажа со неказнување и за играње оро на улица во полициски час чека официјална пријава, а од друга страна се вџашуваат дека 300 кафеани работеле во периодот кога мораше да бидат затворени, од кои неколку биле отворени дури и за време на полицискиот час.

Па сега се мислат да не треба и специјален кран да купат за подигање на свеста на граѓаните. Се знае како се подигнува свеста. И како граѓаните се едуцираат на одговорност. Со неселективно казнување. Да им зависеа платите на полицајците од бројот на казнети за неносење маски и бегање од изолација, немаше да има потреба ни од полициски час.

2 Изгледа дека само струшкиот градоначалник Рамиз Мерко има контакт со реалноста. Затоа и не се чуди од тоа што не се почитуваат мерките. Тој си се прилагодува на ситуацијата на теренот. Не сака да го спречи нелегалното градење на брегот на Охридското Езеро. И „баш го брига“ што таму некои охридски невладини се бунеле. Исто како што не се почитува законот за забрането паркирање на тротоарите, за пушење во затворен простор, за дивоградби, за узурпација на јавен простор со затворени кафеански тераси, стакленици со инсталираано парно греење што глумат летни тераси, за илегално сечење на шума, за диви депонии…

Исто е и со мерките за борба против епидемијата. Не можам да ги натерам да носат маски, не можам да им забранам да излегуваат во полициски час, не можам да ги разбивам групите поголеми од двајца, не можам да ги затворам несовесните кафеанџии, не можам да ги забранам масовните ифтарски вечери, не можам да ја натерам полицијата да си ја врши својата работа, не можам да се карам со ДУИ оти ќе ми требаат за избори…. Ај ќе напишеме некој протокол, колку да има нешто, двајца на маса, два метра раздзлеченост, од три страни отворено… Оти нели сме држава со институции… Па после, ако не можеме да обезбедиме почитување на мерките, а се виде дека не можеме, како Мерко – баш ме брига.

Министерот Венко Филипче прво беше разочаран од докторката што болна одела на работа. Па се разочара од струшката литија, па потоа се разочара од полицијата, па се разочара од ифтарските вечери кои политички коректно ги нарекуваше „семејни прослави“, за на крај да се разочара од кафеанџиите…

Колку ли се разочарани тие што дисциплинирано седеа дома, што носат маска, што не се групираат повеќе од двајца, што се откажаа и од верските и од народните обичаи за празниците, од погреби, крштевки, свадби… Колку ли се разочарани тие што донираа од својот вратен ДДВ за КОВИД фондот? Колку ли се разочарани колегите на министерот, лекарите, сестрите од инфективните одделенија, од ковид центрите, од Брзата помош…?

Зошто разочарувањето на власта би било позначајно од сите наши индивидуални разочарувања? Ко што би рекол Мерко – баш ме брига дека тие се разочарани. Загрижен сум дека државата не може да ги спроведе мерките со кои ќе го заштити јавното здравје. И револтиран сум кога ќе прочитам дека Бујар Османи, само три дена откако триумфалистички прогласи олабавување на мерките, сега констатира дека бројот на заболените и починатите расте и тие „не се само бројки и статистика, туку се и наши родители, деца, сестри, браќа, пријатели, соседи умираат од болка во градите и отежнато дишење пред нашите очи“. Па прашува: „Кои други аргументи ни требаат за да веруваме?“. Како кои аргументи? Па ни требаат аргументите со кои верските права ги ставивте пред правата за заштита на јавно здравје и не казнувавте.

3 Не е до мерките. До непочитувањето на мерките е. И до неказнувањето. И не сум од тие што бараат повторно заострување на мерките. Само барам логика во одлуките на Владата. Како од дводневен полициски час во неделата, во четврток веќе стасавме до играње на маса во кафана? Како од препораките за возрасните сограѓани „седи дома, не мрдај, оти си ранлива група“ стасавме до бесплатен автобус за пензионерите да шетаат од пазар до пазар?

Затоа, мора да имаме избори. И нема тука што да се измислува со попуштање за едни или други за да се оправдаат изборите. Уште колку време можеме да издржиме вака, со техничка Влада во која секторот за внатрешни работи го минира секторот за здравство? Уште колку можеме да издржиме со влада во која ВМРО-ДПМНЕ прави сѐ за да се искомплицира ситуацијата за изборите да бидат што подоцна, а СДСМ и ДУИ се натпреваруваат која колку ќе им се додвори на своите гласачи? Уште колку време ќе издржиме да имаме власт што не ја контролира Собранието?

На крајот на краиштата, до кога ќе живееме со вонредна состојба?

Мицкоски нашол „канал за комуникација“ со Заев. Партиите од идеологија преминаа во епидемиологија. Власта од алгоритам премина на протоколи. Граѓаните од протоколи преминаа на едукација. А државата успешно се справува со кризата на тој начин што од „медицина базирана на докази“ се префрли на пракса базирана на „баш ме брига“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира