БЕЉА ЗА МЕРАК

Следниот пат кога ќе дојдат во Собрание да ви ги кршат главите, ние ќе си гледаме романтични комедии на телевизија. Понапнато ќе ни биде.

БЕЉА ЗА МЕРАК

1 Претседателот на државата Стево Пендаровски тврди дека напаѓачите на Собранието на 27 април 2017 не биле терористи, оти тој „нешто знаел околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми“. За ВМРО-ДПМНЕ, напаѓачите што влегоа во Собранието со убиства да спречат демократска промена на власта се уставобранители. Претходно, Судот пресуди дека новинарите што известувале од Собранието вечерта биле на прошетка.

Значи, четири години по организираниот напад на Собранието на 27 април имаме ревизија на тоа што го гледавме во директен пренос на телевизија и по социјалните мрежи. Напаѓачите се уставобранители. Новинарите не се новинари. Супер. Следниот пат кога ќе дојдат во Собрание да ви ги кршат главите, ние ќе си гледаме романтични комедии на телевизија. Понапнато ќе ни биде. Оти и претседателот, колку што се разбира во тероризам и безбедност, смета дека напаѓачите не биле терористи. Така кажа и Никола Груевски на 28 април 2017 – Да сакале да ги убијат, ќе ги убиеле. Тоа биле само некои граѓанки и граѓани што не седеле дома по папучи. И не сакајќи да седат по папучи, се нашле во Собранието на некој „немил настан“, како што известува државниот јавен сервис.

Кај и да е, ќе се оствари и ветувањето на Зоран Заев. Па и Груевски ќе се врати од Будимпешта.

2 Имам пријател што се сеќава на реформа на образованието во 1953 година. Властите тогаш наредиле наместо учениците да пишуваат на табличка со креда што си ги носеле секој ден на училиште, да се префрлат на тетратки. Наместо да прават пиши-бриши со сунѓерчето врзано со јаженце на табличката, требало да им се купат тетратки за секој предмет, па моливи, гумички, мастило, перодршки и впивач на мастилото. Пријателот се сеќава дека тогаш родителите меѓусебно си се жалеле – леле колку тетратки треба да купиме, па со линии, па краснопис ќе учеле, па и чанти им требаат, сироти деца колку ќе бидат оптоварени…

За разлика од 1953 година, сега родителите имаат компјутери, паметни телефони и интернет. Па затоа им е многу полесно да се борат против реформите во образованието на нивните деца. На Фејсбук се организираат, а се бунат против дигитализација на учебниците. Децата ќе им дремеле пред компјутери и на мобилните телефони. За разлика од нив, кои пишуваат статуси, лајкуваат, ставаат коментари и споделуваат на компјутери и на мобилни телефони.

Секоја генерација си има свои таблички. Откако паметам се зборува за тоа колку не ни чини образованието. Учебниците не чинат, наставната програма не чини, наставниците не чинат, универзитетите ни се катастрофа, се купуваат дипломи за пари, се магистрира и се докторира со препишани трудови… Сите паметуваат дека треба да има промени во образовниот систем. Дека луѓето се генерално неписмени. И секој обид за внесување нешто ново наидува на отпор.

А многу е едноставно за сфаќање. Сите ученици и понатаму ќе учат од учебници. Со тоа што, од септември децата од четврто одделение покрај од хартиени, ќе учат и од дигитални учебници. Исто како што во 1953 година учениците не престанале да ги користат таблите, кредите и сунѓерите кога почнале да користат тетратки.

Навистина, нема логика професор на Машински факултет кој припаѓа на технолошката интелигенција, како што е Христијан Мицкоски, да блокира реформа која има за цел со примена на технологија да го подобри образованието. Тој барем треба да знае колку технологијата оди забрзано напред. И колку значи технологијата за развој на едно општество.

Ама, отпорот и кон дигитализацијата на образованието има логика кога професорот е лидер на ВМРО-ДПМНЕ. А улогата на ВМРО-ДПМНЕ е да блокира сè што ќе им се појави за блокирање. Ним им пречи тоа што лекарите играле и пееле во вакциналните пунктови, а нема да им пречи реформа на образованието што би ја направила Мила Царовска. Едноставно, не се вклопува во сликата на црнилата од нивните партиски соопштенија. Малку фејсбук хистерија, малку манипулација со средношколците и – ете ти беља за мерак.

Мицкоски се закани дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира и овој закон во Собранието. Ама, не чувме дека Мицкоски има решение за образованието. Што нуди тој? Добро сега, и за други важни работи во државата не сме чуле какво би било неговото решение. Ама барем за ова, како професор би требало да има некаква идеја. Па кога би ја кажал, можеби некој и би го сослушал.

3 Вака, излегува дека од ВМРО-ДПМНЕ тие прават само бучава. Не оти им е ним гајле за учебниците. Гајле им е сè што може да се искористи, за да ѝ се направи беља на власта. Па дури и да се изманипулираат средношколците во неколку скопски гимназии да бојкотираат настава, оти децата во четврто одделение од основните школи од септември ќе имаат дигитални учебници! Малку политика нема да им штети, особено пред празник и продолжен викенд. Ден помалку за настава.

Зошто бојкотирате? Не знам, ама ќе си поспиеме. И ќе си споиме уште еден ден со празникот.

Зошто протестирате? За секој случај. Ќе ни дадат сендвич и сокче.

Секоја генерација со своја табличка.

4 Види ги сега ВМРО, го бранат и Стојко Пауновски од СДСМ. Оти, Заев го сменил од директор на Пазарната инспекција затоа што одбил да му ги прими рамковните за кои сметал дека се некадарни.

Барем за рамковните замолчете. Во чие време и кој маткаше со рамковните што повеќе од десет години не одеа на работа, а земаа плата? Се сеќавате ли на партнерот од власта Муса – каменот од блиску доаѓа – Џафери?

Башка муабет е што во времето на ВМРО-ДПМНЕ, нивниот Стојко немаше ни да се осмели да му се спротивстави на Никола Груевски. А и да кажеше нешто, немаше да има медиум кој тоа ќе му го објавеше. А ако ги поминеше и тие линии на одбрана, ќе следеше „во ендек сосе жената, сосе децата“.

Затоа сега му е лесно на Мицкоски секој ден да вика: „Не знаете ни сите штети што ние ги направивме да ги поправите. Еве, сега и демократскиот капацитет ќе ви го спориме“.

Во Македонија времето на памтење веќе не се мери ни во денови.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира