БУУУУУ-ГАРИЈА

Да се знае дека за нашиот успех на Бугарија ништо не ѝ должиме. Оти во моментот кога имале шанса, не само што не помогнале, туку направиле сѐ да не успееме.

БУУУУУ-ГАРИЈА

1 Нема датум за почеток на преговори со ЕУ. Ама Европа доаѓа кај нас. Премиерот Зоран Заев најави нов економски пакет, кој вклучува и декриминализација и легализација на марихуаната во туристичките места. Само така ќе ни биде гајле за бесмислените барања на Бугарија за да го тргне ветото од преговарачката рамка со ЕУ.

Батали историја, батали географија. Дај да се надуваме па наместо да се секираме, ќе си се смееме.

Бугарите на бугарски јазик земјата си ја викаат Б’лгарија. На македонски јазик земјата им се вика Бугарија. А сега, поради ветото, оти се лоши и ни скориваат јадови, можеме да ги викаме и Бууууу-гарија. Па нека се лутат колку сакаат.

2 Е така, де. Браќа, сестри, сосетката, пријатели, најблиски народи, комшии, лигавење, бре, бре лицемерие… Браќа, браќа, а ни го р’гнаа ножот в грб. Среде здравствена криза, среде економска криза, секој ден мртви броиме од ковид-19, се плашиме како ќе ја преживееме зимата, а браќава – оп, вето. Чекаа, чекаа и дочекаа баш кога ни е најтешко да ни ја убијат единствената надеж. Дека некогаш ќе ни биде поарно во ЕУ.

И што добар комшија е, ако ти забие нож кога ти е најтешко? Па дури и да сме ист народ. Па дури и да збориме ист јазик.

Датумот кога Бугарија спречи да почнеме преговори со ЕУ треба да се запамти. Да се раскажува на деца и внуци кој ни направил зло кога ни било тешко.  Дури и сѐ да заврши добро, нека се знае кој ни бил пријател, а кој не. Да се знае дека за нашиот успех на Бугарија ништо не ѝ должиме. Оти, во моментот кога имале шанса не само што не помогнале, туку направиле сѐ да не успееме.

3 На крајот на краиштата, тие луѓе што ја блокираа Македонија во ЕУ имаат име и презиме. И тие личности ќе си најдат место во историјата, исто како оние со имињата што биле фашистички администратори. Какви што се, по 30-40 години нивните потомци ќе бараат и ова зло да им го заборавиме. Некои идни Каракачановци и Захараиеви ќе толкуваат дека сегашните изјави за Македонија и македонскиот народ биле израз на љубов и почит, како што овој сегашниот Каракачанов ќе испраќа војска да ги брише спомениците од антифашистичката борба. Оти, во секое село имало спомен-плоча каде што се споменува бугарски фашистички окупатор. Па тоа е нормално. Бугарската фашистичка власт од 1941 до 1944 толку ревносно администрирала низ Македонија, што оставила трага во секое село.

Па уште и ние сме кабает. Во Македонија се водела државна политика со говор на омраза против Бугарија. Не е убаво некој на Фејсбук да ја навредува министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, а не е навреда ако таа министерка најофицијално, од име на државата Бугарија ти вика дека не си Македонец, туку Бугарин и дека јазикот не ти е македонски, туку бугарски. И државно спонзорирана омраза е ако на Фејсбук масовно се мајтапат со министерот за одбрана Красимир Каракачанов, ама не е државно спонзорирана навреда кога истиот тој Каракачанов, башка и вицепремиер, од името на Владата најофицијално ти вика дека си измислица на Тито. Дека до 1 август 1944 си бил Бугарин и си зборел бугарски јазик и преку ноќ, на 2 август си се разбудил како Македонец и си прозборел на македонски јазик. И дека поради тоа што си Македонец и не сакаш да се откажеш од антифашистичкото минато не си заслужил да бидеш дел од ЕУ.

4 Бугарија, всушност, бара нежна окупација. Сакаат да нѐ окупираат, ама со наша согласност.  Да имаат поправен испит од историјата кога беа на страната на фашистите. Тогаш бугаризацијата ја правеле со жесток ќотек, сега сакаат да ја прават со силата на ЕУ. И во име на солидарност, бара од сите останати 26 земји-членки да ја поддржат во тврдењето дека: прво, не постои македонски народ, второ, не постои македонски јазик и логично на тоа се надоврзува и трето, не постои македонско малцинство во Бугарија. Ама, бидејќи и самите знаат дека барањата за Европската унија се сосема бесмислени, и за да не звучат фашистички, пробуваат да ги завиткаат во бирократски речник, па си  додаваат приказни за некакви поглавја, добрососедство, коридори, распореди на активности…

Секогаш постои опасноста Европската унија по принципот на солидарност – „тие се внатре, а вие сте надвор“ – да го одложува почетокот на преговорите.

Премиерот Заев вели дека ако не успееме ние да влеземе во Европа, тогаш ќе ја донесеме Европа тука. Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров вели дека „ако Бугарија не се повлече, ќе мора да најдеме други начини да се европеизираме“.

Тешко е. Да беше лесно ние и досега ќе се европеизиравме. Макар што, датумот како датум не значи ништо. Тој е само продолжување на еден пат по кој веќе сме тргнале. Ама, нели стасавме до тука, веќе нема откажување. Батали ја Бугарија. Не ги лути пријателите. Не им одмагај на тие што сакаат да ти помогнат. Побарај ја сета можна поддршка од сите останати земји-членки на ЕУ што имаат добра намера. И не само од ЕУ. Тука се и САД и Велика Британија и Швајцарија и Норвешка… од каде што исто така можеме да  учиме за демократија, пазарна економија, независно судство, независни медиуми, антикорупција… Не се само Бугарија, Полска и Унгарија примери за добро владеење и човекови права.

За што би преговарале ние со Бугарија? Влезот во ЕУ има смисла само ако преку реформи ни се подобри квалитетот на животот. А не за да докажуваме дали постоиме или не.

АУДИО ВЕРЗИЈА 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира