ДАНЕЛА И ВИСАР ШОУ

Како бе, одма ви текнува да се сомневате во корупција ако модно студио од само двајца вработени ќе шие полициски униформи за 2 милиони евра, а не ви текнува дека нашите полицајци ќе бидат згодни како манекени?

    ДАНЕЛА И ВИСАР ШОУ

    1 Да внесеме малку силна светлина и свежина во нашето здодевно скандинавско секојдневие. Да се вклучиме во живо, да проследиме уште една епизода од „Данела и Висар шоу“. Да видиме со какви нови досетки ќе си конкурираат градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу.

    Градоначалничката на Скопје се разработи на три-четири месеци пред локалните избори и оди низ Чаир да ги снима сите нелегално изградени згради. А градоначалникот на Чаир го собира ѓубрето од Општината и среде ноќ го носи пред канцеларијата на Данела. Прво го истовара  ѓубрето во Чаир, па го товари на камион, па после пак го истоварува и го растура пред Градската куќа во центарот на Скопје. Работна акција организирал, со граѓански активисти. По што Данела, со рокерска жестина, носејќи маичка „Нирвана“, тргна да го брка низ паркот и да вика „Кај си бе Вики, кај се криеш?“.

    Па нели е ова прекрасно доживување? Да немаше снимки од перформансот никогаш немаше да поверуваме во каква убавина живееме. Просто, остануваш без зборови кога ќе го чуеш тој прекрасен речник со кој дебатираат, и маѓепсан од политичката култура на дебатирање. Да го немавме шоуто на овие двајца избрани функционери, кои го добиле мандатот на непосредни избори, немаше да имаме поим што е скандинавско добро владеење и отчетност пред граѓаните.

    Висар Ганиу вика: „Не го вперувајте прстот само во Чаир, во сите општини има вакви легализации на дивоградби“. А со повеќето општини владее ВМРО-ДПМНЕ, коалициониот партнер на Ганиу. Кој од кого учи?

    Така што, ова шоу е обично замајување на граѓаните. Да заборавиме дека Данела Арсовска, како кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, го урниса главниот град до речиси непоправливи размери. И да занемариме дека Висар Ганиу од „Вреди“ со фалсификати легализира дивоградби, исто како неговиот претходник, а сега вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити кога беше во ДУИ.

    Ако до локалните избори во октомври и ова се заборави, тогаш овој народ ќе си умре од сеир. Оти само сеир го интересира. Ништо друго.

    2 Премиерот Христијан Мицкоски вели дека додека е тој премиер нема да отстапи ни милиметар, и нема да ги внесе Бугарите во Уставот сѐ додека не види Македонец во бугарскиот Комитет за малцинства. Четиринаесет пресуди на Судот за човекови права во Стразбур не успеаја да го сменат Комитетот за малцинства во Бугарија, ама Мицкоски ќе им го смени.

    Изјавите на Мицкски се чалам за дома. А во суштина се – признавање немоќ. Оти, веќе не поминува ни приказната дека сме жртва на непринципелната политика на ЕУ. Божем тоа не го знаеме. Па жртва сме уште од времето на Киро Глигоров и Никола Кљусев. Ни требаа повеќе од 25 години да го решиме спорот со Грција. Ако ни требаат уште толку да го решиме со Бугарија, па после и со Албанија, ние во нашите животи ЕУ не биваме.

    Затоа, најискрено би било кога Мицкоски би ни кажал и нам, а и на ЕУ преставниците: Не можам да го решам ова прашање, нерешливо е, и во мојот мандат ќе стагнира ЕУ интеграцијата. Ќе работиме на европската агенда без ЕУ.

    3 Проблемот е што и највлијателните стратешки партнери САД и Велика Британија сакаат да ја видат Македонија во ЕУ. А за да ги почнеме преговорите треба да ги внесеме Бугарите во Уставот.

    Мицкоски, во овој момент, и во ЕУ и дома, на терен има идеална шанса да го затвори и тоа прашање. И тоа веднаш по Локалните избори кога, како што вели, очекува голема победа. Нека го смени Уставот и ај да мрднеме од мртвата точка, да ги почнеме и тие проклети преговори, па после ако пак нѐ блокираат, пак ќе му ја мислиме, пак ќе се бориме.

    Нема кој да биде против, освен Левица. Другата опозиција? Па СДСМ и ДУИ се тие што несреќни ни го спакуваа францускиот предлог, тие први сакаа да ги внесат Бугарите во Уставот. Неговите гласачи од ВМРО-ДПМНЕ ли ќе се бунат? Па нив ги убедија дека загадената вода во Дојранско Езеро е здрава за пиење, а нема да ги убедат дека почетокот на преговорите со ЕУ е добар за државата. Па уште и ако луѓето почувствуваат нешто добро, нешто опипливо, до следните парламентарни избори секое отварање на ново поглавје во преговорите власта на Мицкоски ќе го претставува како историски успех. Топ нема да го бие.

    Јас лично не сметам дека Бугарите заслужуваат место во Преамбулата како дел од народ што се борел за македонската државност. Напротив, Бугарија како држава секогаш работела против македонската државност. Исто така, никогаш не би се пишал Бугарин за да земам бугарски пасош за да можам полесно да патувам во ЕУ, како што тоа го направиле повеќе од 120.000 мои сограѓани.

    Арно ама, јас не сум премиер.

    Премиерот треба да ја гледа пошироката слика. Да мисли за доброто на државата, а не да се води од личните чувства. Да биде визионер.

    Еве, на пример, кога Мицкоски најавува дека со Бугарија во процесот за одблокирање на евроинтеграциите допрва ќе го отвара прашањето „каде исчезнаа 200.000 Македонци во западна Бугарија од 1956 до 1965 година“, нека се праша и каде исчезнаа 200.000 Македонци од Република Македонија од осамостојувањето досега? И каде исчезнуваат стотина деца секој почеток на полугодие во македонските училишта оти им се селат родителите? Нека се праша и со чии пасоши се селат? И како над 120.000 Македонци зеле бугарски пасоши за да се отселат или да бркаат бизнис со ЕУ, меѓу кои и министрите од неговата Влада, пратеници, директори на јавни претпријатија, градоначалници и општински советници и службеници. Еве, нив нека ги праша зошто зеле бугарски пасоши.

    Што ќе чекаме? Овие 120.000 со пасошите да се вратат дома, ама овојпат како Бугари и да им се приклучат на тукашните 3.504 изјаснети за Бугари, па и да бараат вработување во државна администрација со правична застапеност?

    Ни се допаѓало тоа или не, тие 3.504 луѓе што на последниот попис се декларирале како Бугари ја кочат нашата иднина и иднината на нашите деца.

    4 Обвинителството ги отфрли пријавите против директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски за фалсификуван сертификат за англиски јазик издаден од некое студио во Бугарија. Во истрагата, Обвинителството открило дека газдарицата на студиото што ја издало бугарската диплома се отселила, ама нашло уште една диплома која е валидна. Така што, треба да сме горди дека директорот на тајната полиција е толку добар што нема само една, туку има две дипломи по англиски.  И ова прашање да се затвори за век и векови – амин.

    По оваа опсежна истрага, мислам дека државниот обвинител Љупчо Коцевски не заслужува да биде сменет, и покрај инсистирањето на премиерот Мицкоски.

    Исто како што не заслужуваат да бидат сменети и членовите на Судскиот совет, против кои Мицкоски ќе дигаше народ на протести, откако сопругите на советникот на премиерот и на претседателот на Уставниот суд беа унапредени во апелациони судијки.

    5 Не гледам ништо спорно во тоа што некое модно студио од Битола добило тендер од МВР вреден 2 милиони евра за шиење униформи за полициските специјалци.

    Како бе, одма ви текнува да се сомневате во корупција ако модно студио од само двајца вработени ќе шие униформи за 2 милиони евра, а не ви текнува дека нашите полицајци ќе бидат згодни како манекени? Треба да бидеме горди оти со оваа Влада која секој ден реди историски успеси, ќе имаме и најубави специјалци на Западен Балкан, па и пошироко, барем до Италија, досега невидени во македонската историја.

    Ееее… Само да се мрчело.

    АУДИО ПОДКАСТ

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира