ДОЈРАНСКА ВОДА

Тоа што ВМРО не нѐ отепа, не значи дека нѐ направи посилни за да го преживееме загадувањето

ДОЈРАНСКА ВОДА

1 Орденот „ВМРО на неделата“ оди кај градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. За изјавата дадена во врска со најавените протести на социјалните мрежи по повод енормното загадување на главниот град.

Шилегов рече: „Моето лично мислење е дека во добар дел т.н. иницијатива на граѓаните е евтин политички блеф на ситно популистичката политика што ја креираше ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период, а чии што стравични последици по нашето здравје ги чувствуваме токму сега. Моите информации се дека е политички мотивирана со цел да се дискредитираат и локалната и централната власт во борбата против загадувањето“.

Пробајте во изјавата зборот ВМРО-ДПМНЕ да го замените со СДСМ. Ќе звучи како изјавата да ја дал Илија Димовски во најсилните денови на режимот.

Ако сака Петре Шилегов да биде вистински политичар, ќе треба да го искористи протестот за да си даде поттик за ефикасно решавање на проблемот со загадувањето. Оти дури и тврдокорните вмровци, на кои дури оваа зима почна да им пречи загадувањето, знаат дека Петре не е крив за отровниот смог. И знаат дека овој проблем не може да се реши за само два месеца.

Тие што повикуваат на протест сакаат да знаат дали градоначаникот активно бара и ад-хок и трајни решенија.

На крајот на краиштата, па што ако протестот е и политички мотивиран. Станува збор за протест за проблем што суштински го засега јавниот интерес. Само партиите ли може да се политички мотивирани?

Тоа што ВМРО не нѐ отепа, не значи дека нѐ направи посилни за да го преживееме загадувањето.

2 Ако пиар тимот на градоначалникот ги анализира новинарските текстови и коментари за гафот на Шилегов, нека го анализира и ова:

Градоначалникот прв пат отвори дежурен телефон за пријавување загадувачи и објави низа мерки, ама телефонскиот број помина незабележано. А вест на денот беше неговата изјава за тоа дека најавениот протест бил политички мотивиран. Затоа, за 24 часа имало само два јавувања на бројот 193.

Гафот на градоначалникот ја изеде акцијата. Се изгуби во скопската магла.

3 Анџак сме кај темата „партија и политичка мотивираност“, да не ја заборавиме и вистинската ВМРО. Овие вмровци на кои што сега им пречи загадениот воздух. И на кои виновни за загаденоста им се Зоран Заев и Петре Шилегов. И цел СДСМ.

На пример, пратеникот Антонијо Милошоски, кој во наплив на опозиционерска луцидност на социјалните мрежи постира слики со Гоце Делчев кој носи гас маска. И на сликата пишува: „Јас го разбирам светот како поле на кое може да се дише“.

Како Милошоски го разбираше светот изминатите 11 години додека тој беше на власт? Како поле за уништување на паркови. Како поле за криминално градење на Скопје 2014 и менување на урбанистички планови по мерка на урбаната мафија. Како осакатување на Водно со градење десеткатници. Како ангажирање на специјална полиција да тепа паркобрани во 4 сабајле, оти лидерот на неговата партија сакал да го разубави просторот за зградиче во барок. Со дозволување увоз на сите коли што се забранети во ЕУ заради популизам. Со палење бадникарски огнови со дрва купени од општинските буџети, додека сиромаштијата пали гуми, иверки и прегорено масло за да се загрее.

Во времето кога на Милошоски не му беше загаден воздухот, неговата партија фрчеше со соопштенија дека соросодите ги измислиле апликациите за мерење на загаденоста за да креваат паника меѓу граѓаните. А тогашниот градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа во два мандати во минатите осум години Коце Трајановски, ја тргна мерната станица во Центар за да не ја мери загаденоста.

Впрочем, како Милошоски го разбираше светот видовме кога референтни лаборатории открија дека водата во Дојранското Езеро е загадена, а вмровците пиеја вода од Езерото и си ги крштеваа децата. Затоа што партијата викаше дека водата е чиста.

4 И сега партијата на власт вика дека лекови за болните од ретки болести има. Има  – во магацин. Ама некој од администрацијата си лакирал нокти, па не стигнал цел месец да стави печат за лековите да стигнат до болните. Па мораше на телевизија да се појават три мајки на болни деца и да се убедуваат со заменикот министер за здравство Гоце Чакаровски, за утредента сами да одат по магацините. И да го слушаат заменик министерот како ги набедува дека „шурувале“ со фармацевтските компании и не ја гледале големата слика.

Им се чудам на мајките како успеаја да останат цивилизирани на таквиот брутален настап на заменик министерот.

Ова е вистинската слика за ефикасноста на институциите во Македонија. Наместо државните службеници да ги решаваат проблемите, за што впрочем земаат плата,  граѓаните сами се организираат да си помогнат. Па често дури ја земаат и правдата во свои раце. Од мајките што сами обезбедуваат лекови и за своите деца и за другите болни, преку тие што фрлаат отрови во градинки и јавни површини за да ги отрујат кучињата што напаѓаат луѓе, па до онлајн петициите да се тргнат колите од тротоарите.

И на крај, ќе се чудиме оти американскиот амбасадор ни открил корупција. И не само што ја открил болеста, туку ја поставил и клучната дијагноза. Со констатацијата: Прашање е дали има луѓе што сакаат да се борат против корупцијата.

5 Додека Заев оди по светот, обидувајќи се да ја промени сликата за Македонија надвор, ние дома уште ја живееме вистинската слика. Во која министрите и државните директори, сосе цела администрација не можат да го најдат печатот за лековите да стигнат до болните, на кучињата не можат да им вградат чипови за да ги спасат и нив и луѓето од труење, инспекторите не можат да ги најдат дивите погони што нѐ трујат за профит, а полицијата не може да ги ослободи тротоарите за пешаците.

Така е кога, во моментот кога ќе дојдеш на јавна функција не се занимаваш со барање решенија за проблемите. Туку со барање оправдание за нерешавање.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира