ДРЖ’ТЕ ГО КРАДЕЦОТ

Али Ахмети нема никаков проблем со тоа што никој не ѝ верува на полицајката.

ДРЖ’ТЕ ГО КРАДЕЦОТ

1 Антикорупциска комисија?  Кој добар виц, човече. Членовите на државното тело за борба против корупцијата лажеле на километража. Една сметка приложувале два пати. И во исто време биле ем на седница, ем на службен пат во странство, ем на пат за аеродром за да одат на пат. Доаѓале на работа само кога требало да пријават километража и фискални од патарини. И за сето тоа си земале наши пари.

Колку треба да си алчен за сето ова да ти текне, да го организираш и плус да ти помине? А во исто време гласно да викаш: „Др’жте го крадецот!“ Оти нели, тоа ти е работа.

И сега, откако САКАМДАКАЖАМ.МК на 27 февруари ги објави овие наоди од внатрешна ревизија на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), претседателот Игор Тантуровски вели дека против нив се водела политичка хајка. Не ги демантира наводите, ама насловите биле многу бомбастични. А хајката била оти многу работеле и имале истраги за корупција на функционери.

Не дај боже повеќе да работеле. Којзнае колку пати ќе наплателе за иста сметка. Оти, последно по што ја паметиме оваа комисија е кога на барање на ВМРО-ДПМНЕ даде мислење дека не треба да се менува јавниот обвинител Марко Зврлески.

Единствено што сработија е што во декември 2016 година побараа од Јавното обвинителство, УЈП и Финансиската полиција да влезат во контрола на 21 невладина организација. Па дури ни тоа не го смислија сами. Никола Груевски им нарача да ловат соросоиди, на 17 декември 2016 на протестот пред ДИК.

Е тоа беше нивниот ангажман. Да ги затворат сите што користеле странски грантови. Што трошеле оданочени пари на странски даночни обврзници. И цела година ги малтретираа. При тоа, овие невладини здруженија најчесто работеле во сфери со ранливи групи граѓани во кои што македонската држава не можела да сработи. Оти парите ги троши Антикорупциска комсисија и едно чудо други слични државни комисии.

2 Игор Тантуровски во 2012 година дал донација од 60.000 денари за ВМРО-ДПМНЕ. И после, во 2016 година станал претседател на Антикорупциската комисија. Што е сосема различен виц од оној со името на комисијата и однесувањето на членовите.

Ревизијата што ја добивме од свиркач во јавната администрација е стара веќе два месеца. Ама, претседателот на комисијата не кажува што презел. Само кажува дека извештајот бил за внатрешна употреба. И не требало да се појави во јавност. Повторувам, не ги демантира наводите.

Како тоа да не излезе во јавност? Наши пари трошат.  Ако ревизорските извештаи на државните органи се за внатрешна употреба, тогаш нека одат нека си ги заработат парите за плата и за патарина на друго место. А не да ги трошат нашите пари. Сите што мислат дека не е наша работа како ги трошат нашите пари во државна администрација нека си бараат плата од друго место на слободен пазар.

Нека не ни ги рецензира насловите дали биле бомбастични, или не. Туку нека каже што презел за да се спречи натамошно крадење. Па и тоа бомбастично ќе го пренесеме. Казнет ли е некој? Отпуштен ли е од работа?  И најважното прашање – парите дали ќе ги вратат? И кога? А не да ги донираат како оние од ДИК, па уште и хумани со наши пари да се прават.

3 Главното прашање е уште колку вакви комисии, дирекции, агенции храниме, а не ни знаеме дека постојат? Уште колку вакви ревизорски извештаи има, кои не се јавно објавени? За колку пари државата е тужена поради несовесно работење на државни службеници? Колку пари сме платиле отштета, а никому ништо не му фали? Колку пати смее еден државен службеник да ја оштети државата без да биде казнет?

Колку ли вакви џаболебарски места има, кога само во последната транша на вдомување партиски кадри, ДУИ доби 27 директори. Па секој директор повлекува заменик директор, секретарки за сите, советници, помлади и постари референти, самостојни и несамостојни советници, коли, бензини, приватни коли за службени потреби, ручеци, вечери, дневници и ред други креативни трошоци во служба на народот.

И сето тоа ние треба да го одработиме и да го платиме. И притоа ништо да не прашуваме, оти ревизиите биле за внатрешна употреба. Затоа треба да работиме до 100 години. Затоа сакаат да ни го зголемат работниот век. Оти никогаш не им е доста.

Замисли, инспекција на УЈП да најдеше вакви наоди во приватна фирма. Затоа ли се толку агилни инспекторите кога влегуваат во приватни компании? За да можат сѐ да извлечат, за крлежите да можат да живеат. Да имаат и за плата и за корупција.

4 Сите тепачки за државна работа не се само затоа што платата е загарантирана и никој не може да те избрка. Туку за сите овие привилегии кои ти ги овозможува државната служба. И не треба да ги жалиме затоа што ги терале да одат на митинзи и да дежураат по штабови. Ни тие од ВМРО, ни тие од СДСМ, ни тие од ДУИ.  Оти заработуваат повеќе бакшиш од платата.

Примерот со злоупотребите на државните пари во Антикорупциската комисија го покажува начинот на владеење на политичките елити. Тој начин не го измисли ВМРО-ДПМНЕ. Но, го усоврши до перфекција. Суштината на тоа владеење е да се цицаат парите од државата на секој можен начин. Најбезобразно, брутално и безмилосно. Што е тоа да наплаќаш два пати иста сметка ако не е безобразно? Што е тоа да пријавиш дека си на три места во исто време и за сите три места да наплатиш, ако не безмилосно? И што е, ако сето тоа ти помине, а други обвинуваш дека крадат, ако не е брутално?

Е до таму е отидена свеста за државност. До дуплата сметка. Од горе, па надолу. Тие најгоре се занимаваат со провизии и тендери, оние што се во средината со јавни набавки, а оние подолу со лажни патни налози, фискални од патарини и ручеци и вечери.

Оваа системска аномалија може да се реши само со лоботомија. Да сака, новата власт можеби ќе ја смени таа грешка во системот. Ама не гледам дека сака. Штом Лазе Еленовски, макар и како кадар на ДУИ, го враќаат во НАТО само затоа што сакал да живее во Брисел од приватни причини на наша сметка, тогаш СДСМ сигурно го спрема и Срѓан Керим за претседателски кандидат.

5 Функционер на ДУИ вербално нападнал полицајка оти сакала со пајак да му ја дигне погрешно паркираната кола. Полицајката ја повредила раката. И потоа на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски му кажала дека сама се удрила од пајакот.

И – на полицајката никој не ѝ верува.

А Али Ахмети нема никаков проблем со тоа што никој не ѝ верува на полицајката. Во меѓувреме, бугарските пасоши губат на цена, се бара членска книшка на ДУИ.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари