ЕУ ЗА СЕБЕ

Додека ги чекаме вакцините, ајде во 2021 да не го чекаме и датумот за преговори со ЕУ. Да се поштедиме себеси од лажни надежи и големи разочарувања

ЕУ ЗА СЕБЕ

1 Традиционално, овие денови правам потсетник на најзначајните моменти од годината што си замина. Овој пат нешто не ми е до потсетување. Што ја одбележа 2020?

„Медена земја“ доби историски две номинации за Оскар. Фудбалската репрезентација историски се пласира на Европско првенство. И историски, станавме дел од НАТО.

Додека се боревме со коронкризата имавме уште едни парламентарни избори и издржавме уште една Пржинска влада. Специјалната обвинителка Катица Јанева заглави в затвор. Судењата за предметите што таа ги отвори влегуваат во петта година и уште не се завршени.

На другите планови, изгубивме уште една година помината во чекање. Традиционално, овој пат јубилејно, петнаесетта година по ред го чекавме датумот за почетокот на преговори со ЕУ. И секој ден ги чекавме бројките на починати и болни од ковид-19 во билтенот на Министерството за здравство.

Ќути, во 2020 барем Американците некако успеаја да нѐ внесат во НАТО.

Од ЕУ повторно разочарување. Во Вашингтон повеќе притискаат да нѐ интегрираат во ЕУ, отколку во главните градови на 27-те земји членки кои се бават секоја со себе и со консензуси за точки и запирки и бројки и букви. Барем за крајот на годината, онака утешно, можеа да дадат некои 1.000 вакцини против ковид-19. Ете, колку за здравствените работници кои се пријавиле дека сакаат да се вакцинираат. Колку така симболично да нè подлажат, демек еве – стварно и вие сте дел од Европа како што пишуваме во испреговараните консенузални извештаи од Брисел, па солидарност, па хуманост, па обединета Европа, па Европа без граници, па куртозаија, па благодарности, дрн дрн…

ЕУ за тебе. ЕУ за себе. Како одвај да дочекаа некое оправдување за да се  испозатворат хистерично во своите граници, небаре вирусот со пасош патува. Па уште измислија и да бараат тестови направени во лаборатории само од ЕУ зона. Се чувствувам понижено како на времето кога нѐ малтретираа да чекаме за визи.

2 Така што, сѐ ми се чини дека 2021 ќе ја поминеме во чекање и на ЕУ вакцините. Ако цела надеж ни е таму – лошо ни се пишува. Додека да се договорат кој да ни даде, па како ќе ни даде, па услови дали се создале, па да усогласат методолгија како ќе се делат, па која вакцина да оди како донација, а колку дози да се препродадат, ќе помине уште еден Самит на ЕУ.  И уште еден…

Туку, настрана вакцините. Тие требаше и датум да ни дадат, па не дадоа. Затоа, ајде оваа година веќе да не го чекаме датумот. Да си се поштедиме себеси од лажни надежи и големи разочарувања.

3 Драги мои, нека ви е среќна новава 2021. Да останеме живи и здрави за да ги дочекаме вакцините што ќе мора сами да си ги обезбедиме.

Заев викаше, камшикар ни треба за да нѐ спотера. Ама, на камшикаров нешто му се заплеткаа камшиците околу рацете. Дај да си се вратиме ние на нашите народни мудрости. На волкот му е дебел вратот затоа што сам си ја завршува работата.

АУДИО  ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира