ИЗВИНЕТЕ ЗА НЕРВОЗАТА

Среќа, се појави Марјана

ИЗВИНЕТЕ ЗА НЕРВОЗАТА

1 Најинтересниот дел од телевизискиот лидерски дуел помеѓу Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски беше кога на екранот се појави лото девојката Марјана Станојковска. Политичкиот дуел беше прекинат за да се извлечат лото топчињата. Барем некому му се насмевна среќата таа вечер. Оти гледањето што имаат да кажат лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ претставува соочување со нашата сурова реалност. При што паузата со Марјана дојде како пријатно освежување. Нека им е со среќа на сите.

Очекував малку поголема драматика кога Мицкоски му викаше на Ковачевски: „Ама ве молам не се нервирајте!“ Така го советувале, ама овојпат – џабе. Ковачевски, за чудо не се нервираше. Или барем не покажуваше нервоза како што сме имале прилика да го гледаме. Па и таа возбуда изостана. Уверен сум дека откако Марјана си ја заврши обврската со делењето среќа, повеќето си свртија друг канал.

Сѐ на сѐ,  дуелот беше гола вода. Има среќа во топчињата. Во изборот – не сум баш сигурен.

А и Ковачевски не мора толку да драматизира кога вели дека „овие избори се избор меѓу надеж и безнадежност“. Сме преживеале ние и со ВМРО-ДПМНЕ кога имаше 63 пратеници во 2008. Сме преживеале и кога СДСМ имаше 87 пратеници во 1994. Народот не изумре. Само политичарите се збогатија. И оваа тепачка, како и сите претходни е кој ќе продолжи да се богати. И кој ќе се спаси со пратенички имунитет.

2 Од владејачката СДСМ сега пред избори почнаа да се извинуваат. Велат: „Грешките кои ги направивме за нас се научени лекции и тие не значат дека ние ќе се откажеме од поставените цели“.

Ма немој! А што да им кажеме на децата за изгубените седум години од нивниот живот. Еве ги, станаа полнолетни и ќе гласаат, не се веќе малите деца што ги носевме со себе по улици „секој ден во шест“. Им викавме дека „ќе дојде правда и ќе дојде мир“. ВМРО-МВРО ни ги следеше и децата додека одеа на школо, ни ги прислушкуваше телефоните кога зборувавме со нив.

Сега тие си признаваат дека грешеле, а ние кога им кажувавме бевме непријатели, вмровци, неутрани, мрчатори, ни вадеа муабети, ни измислуваа афери… Ни викаа: ВМРО ќе го вратите. А ние им кажувавме каде грешат баш од страв да не ни го вратат ВМРО. Би биле најбудалите на светот кога би сакале „ова зло да се повтори“.  Тогаш уште имаше време да си ги поправат грешките.

Арно ама дури сега, по седум години им текна дека тоа што секојдневно го враќаа ВМРО било лоша идеја. Па нѐ убедуваат: Нели е подобро ние да останеме. За пак да им дадеме шанса да грешат. И да нѐ шиканираат кога им кажуваме дека грешат.

Ќути, барем овие од СДСМ барајќи гласови решија и да се извинат. Од ВМРО-ДПМНЕ немаат ни намера да се извинат.Толку штета му направија на општеството во текот на 11 годишното владеење на Никола Груевски  што уште нѐ боли. Нивните грешки и последиците од нив уште ги чувствуваме. Некои лузни од тоа време се толку длабоки што едноставно не зараснуваат.

Ај што не се извинуваат за Груевски, ќе си речеш тој одамна е избеган, луѓето имаат кусо паметење. Туку ни за Данела Арсовска не се извинуваат затоа што ги измамија гласачите од Скопје претставувајќи им ја како независна и способна. Уште се свежи зурлите и тапаните од прославата пред Белата палата, таа уште го уништува главниот град, благодарение на нивната поддршка за „модерно Скопје“, а тие нови Данели ни нудат за избор.

3 Секогаш кога идат избори имам дилема што да напишам, што да забележам, некој да не се налути, некој да не биде фаворизиран… Не е убаво да фаќаш страна. Ама не е убаво и да премолчиш некои работи.

Едноставно, не можам да бидам рамнодушен кога на рекламите го гледам Стевчо Јакимовски –  единствениот од седуммината кандидати за претседател на државата што е на црната листа на САД. Овој, од црната листа се промовира како „добар државник што мисли на следните генерации“. И во програмата ни раскажува дека ќе градел болница за потребите на војската по стандардите на НАТО.

Болница по стандардите на НАТО веќе имаме среде неговата општина Карпош. Тоа е „8 Септември“ што скопјани уште си ја викаат Воена болница. Во кругот на таа болница уште е сместен Военомедицинскиот центар и логистиката на Министерството за одбрана поврзана со НАТО.

Простете ми, можеби сум пристрасен, оти и за Карпош и за Воената болница ме врзуваат многу емоции. Но, кон таа болница и кон целиот тој кварт во кој е сместена и Брзата помош и поликлиниката „Букурешт“ многу скоро ќе биде ограничен пристапот и со коли и со хеликоптери за спасување, токму поради тоа што Јакимовски во време на неговиот градоначалнички мандат дозволи изградба на 17-катница сосе трговски центар. Државникот за кој американскиот Стејт департмент има сознанија дека бил вклучен во коруптивни активности поврзани со урбанистичките планови, ни ветува болница по стандарди на НАТО откако самиот ќе уништи здравствен комплекс и постоечка болница градена од ЈНА што сигурно знаела какви се стандардите на НАТО. А за да биде иронијата поголема, реновирањето на Ургентниот центар на таа болница во 2014 година беше платено со донација од американската војска, а „8 Септември“ е одредена како единица за прва реакција на НАТО силите во Косово.

Стевче вика дека „добриот политичар мисли на следните избори, а добриот државник мисли на следните генерации“. А добриот градоначалник мисли на ќарот на градежниците. Му е гајле нему за граѓаните. Граѓаните се тука да испорачаат гласови. Што испорачуваат инвеститорите, прашајте во Америка.

А може да прашате и во централната власт. И тие се прават глупави и за овој случај. Затоа што и на СДСМ и на ДУИ поважни им се интересите на таканаречените инвеститори, отколку интересите на граѓаните. Нам ни се извинуваат, ама ним им угодуваат. Од алчност ја направија државата нехумано место за живеење. Штом инвеститорите им се поважни од обичните даночни обврзници, тогаш од нив нека бараат гласови.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира