КАПИТАЛИЗАМ И ПОПУЛИЗАМ

Што имаме понатаму да правиме муабет, ако размислувањето на власта е да ги заколе тие што заработуваат 1.000 евра за да може да ги плати партиските војници, што ниту со молење не сакаат да дојдат на работа.

КАПИТАЛИЗАМ И ПОПУЛИЗАМ

1 Утната е темата на дискусијата за прогресивниот данок. Не затоа што тоа не го знаевме, бидејќи беше во изборната програма на СДСМ. Туку затоа што дискусијата отиде во правец на дебата дали некој што заработува 1.000 евра во Македонија е богаташ и затоа треба да плати поголем данок. Не е темата колкав ќе биде данокот и на која сума ќе се плаќа. Туку, како државата ќе ни ги троши парите што ќе ни ги земе од тој данок.

А како ќе ги троши видовме во ист ден. На трибина на која учествуваа вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за финансии Драган Тевдовски се најави оданочување од 18 отсто на тоа што ќе се заработи над илјада евра месечно. Во исто време, министерот за јавна администрација Дамјан Манчевски и вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика им се извинуваа на оние 1.600 вработени во јавната администрација кои со години земаат плата, а не доаѓаат на работа, затоа што по втор пат ги молеа да се појават на работа за конечно да си ги заработат платите. Што им ги плаќаме ние. Две шанси им даваат да одбијат работно место. А третата ќе им да ја даде ДУИ кога, ако им дадат отказ по две неприфатени работи, ќе се закани дека ќе ја напушти коалицијата.

Ја разбирам логиката на праведност, тие што заработуваат повеќе да плаќаат повисоки даноци. Ама, врз основа на кои реални проценки министерот Тевдовски решил дека тој што заработува 1.000 евра месечно е богаташ? И врз основа на кои проценки тој знае дека такви се само 2 проценти од граѓаните?

Во растргнатоста помеѓу капитализмот и популизмот, дефиницијата за богаташ можеби е спорна.  Ама, најспорно е како се трошат парите од оданочувањето. Особено што сме сведоци дека државните службеници на чело со највисоките функционери, министри и пратеници имаат детално разработен систем како темелно да ги исцицаат парите на даночните обврзници и да ги прелеат на приватни сметки. Од тендери и идејни проекти што никогаш нема да се изведат, до ручеци, вечери и фискални од патарини. Секому според партиските заслуги и хиерархија.

2 Вистинскиот муабет не е колкав данок ќе плаќаат богатите, а колкав сиромашните. Туку дали со тој данок државата ќе обезбеди квалитетно здравство, квалитетно образование, чист воздух за дишење и чиста вода за пиење, тротоари достапни за сите, безбедни улици, патишта и железници, ефикасен јавен превоз, ефикасна јавна администрација, војска, полиција, заштитено културно богатство, квалитетно творештво… И за сиромашните, и за богатите.

Премиерот Заев рече дека дебатата во јавноста за прагот за прогресивен данок почнала прерано. А зошто воопшто ја почнаа дебатата и зошто воопшто правиме муабет на таа тема, кога пратениците уште не можат да се договорат кога ќе расправаат за законот со кој треба да си ги намалат надоместоците за патарини. Тевдовски раскажува бајки за богаташи од 1.000 евра, а има пратеници кои трошат најмалку 1.000 евра месечно само за патарини, како додаток на платите и дневниците. Ни патарините, ни дневниците не им се даночат. Па еден од нив дури и самиот се пожали дека не може да преживее само со 1.000 евра во Скопје. А министри потрошиле за 6 месеци и до 17.000 евра за кафеански сметки. Сигурно не можеле толку да изедат и да испијат.

Револтот не е за тоа што треба да се плаќаат даноци. Револтот е затоа што плаќаат данок тие што се чесни и дисциплинирани за да може државата да си ги збогати партиските апаратчици. Оти власта се грижи само за партиските војници, а не за добробит на граѓаните.

3 Никола Груевски и неговата екипа не паднаа затоа што не му чинеше даночната политика. Туку, затоа што немилосрдно ги крадеа парите од даноците. Ама партиската војска на СДСМ не беше доволна да го урне. Им помогнаа освестени граѓани, професионалци, студенти, претприемачи и млади кои избрале да останат во државата.

Тоа не се луѓе што не сакаат да плаќаат даноци. Тоа се учени луѓе и би плаќале тие и повисоки даноци. Ама тие луѓе прашуваат и каде се трошат нивните пари. И очекуваат резултати за тоа што го платиле. И тие луѓе можат да донесат развој и да отвараат работни места. А не јавната администрација, чиј број е речиси 10 отсто од целото население што уште не избегaло од Македонија.

Тие луѓе превагнаа кога се гласаше против Груевски. Ако продолжи расипништвото со наши пари, тие луѓе ќе превагнат и кога ќе се гласа против Заев.

4 Гледам дека партиските ботови почнаа да ги бркаат од земјава ИТ инженерите, зашто не се согласуваат да плаќаат поголем данок оти не се сметаат за богаташи со 1.000 евра. Им пишуваат: „Ако не ви чини, одете си од државата!“.

А не! Вие одете си! Оти нам, што решивме да останеме тука, што немаме бугарски пасоши, што сакаме чесно да работиме, добро да заработиме и да плаќаме даноци, ни требаат ИТ инженери. Ни требаат и лекари, и медицински сестри, и наставници, и научници, и тапетари, и гипсари, и плочкари, и водоводџии, и електричари, и уметници, и архитекти… Не сум сигурен дека ни треба јавна админстрација од 140.000 вработени.

Кого ќе бркате од земјава? А бе, возачите од ЈСП си отидоа. Само во еден турнус 28 возачи дале отказ и заминале да возат на Малта. Во Гете институтот има три паралелки составени само од лекари кои што учат германски. Ај што ќе нема кој да нѐ вози. Ќе нема кој да нѐ лекува.

Впрочем, што имаме понатаму да правиме муабет, ако размислувањето на власта е да ги заколе тие што заработуваат 1.000 евра за да може да ги плати партиските војници, што ниту со молење не сакаат да дојдат на работа.

5 Обвинителството покрена обвинение за насилствата во Собранието на 27 април минатата година. Истрагата покажа дека нападот бил организиран. Обвинителството ги обвини организаторите и извршителите на нападот. А нарачателите кај се?

Според обвинението, нападот почнал уште во 14.30 часот, кога од Виена, од мобилен телефон платен со наши пари, се јавил некој од обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и дал налог да се почне акцијата. Тој ден во Виена беше и Груевски, на некој многу неодложен партиски состанок со некој Хабзбург.

Груевски ноќта по нападот на Собранието се врати од Виена. А рано сабајлето кажа дека два пати се слушал со директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков за време на насилствата. Истиот директор Чавков кој два часа бил недостапен за тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу.  И после, патникот од Виена уште и си кажа: „Да сакаше некој да го убие Заев, ќе го убиеше“.

Помина речиси цела година, а уште ме боли стомак кога ќе помислам што ќе нѐ снајдеше, ако му успееше пучот на тој што го нема во обвинението.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира