ОБЛЕЧИ ВЛЕЧКИ

Премиерот Заев секој ден кога ќе влегува во канцеларија ќе треба да си ја повторува својата омилена реченица „Ова зло веќе никогаш да не се повтори“

ОБЛЕЧИ ВЛЕЧКИ

1 Изгледа дека Американците претерале со тоа прскањето со алуминиум што го правеле од воздух, за да ги направат апатични Македонците. Па терапијата предизвикала нуспојави во раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, како да се објасни предлогот на Извршниот комитет на партијата да се амнестираат сите насилници што влегле во Собранието да убиваат и да тепаат пратеници на 27 април? И тоа со какво образложение? „Со цел за помирување и релаксирање на политичките тензии“.

Што има тука тензично? Единствената тензија е тоа што насилниците од 27 април и нивните организатори и поттикнувачи на насилство уште не се во затвор. Оти, ако можеа да влезат во Собрание, уште можат да ни влезат и по дома ако пак го слушаат Груевски да не седат дома по влечки за да му го одбранат пленот од апашлакот.

За какво помирување зборува Извршниот комитет кој цело време носеше прогласи за финални пресметки? Да не треба и книшки од СДСМ да им дадат? Единственото помирување на кое може да сметаат е да си се помират со судбината. Тие што краделе и што правеле зулуми да си се помират дека ќе си одат во затвор.

2 А тие што ги поддржувале во крадењето, а некои од нив и сами се офајдиле од таа поддршка, да си се помират со судбината дека дојде време да си ја понесат одговорноста. И тоа не е одмазда.

Како им беше кога ги слекуваа влечките и спремно ги кинеа чевлите за да го бранат режимот на протести и контрапротести? Кога маршираа против студенти, против лекари, против средношколци, против сопствените деца, против професорите, против колегите… Убаво ли им беше кога ги заокружуваа имињата на комшиите, на роднините и на пријателите во партиското тефтерче и ги носеа во штабовите на проверка „кој е наш“?

Впрочем, до вчера ги убедуваа дека „нашите ќе се вратат на власт“. И таму каде што ги имаа вработено благодарејќи на партиската послушност, правеа опструкции. Во интерес на „нашите“.

3 И зошто уште се занимаваме со ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се занимаваме со ослободување на од нив заробената држава?

Малку ни беше што се вадевме од памет додека беа на власт, па сега уште и ќе се секираме што се во опозиција. Па куп дебати, анализи, дали ќе се реформирала партијата, па како ќе се реформирала, па дали Груевски ќе дадел оставка, па како ќе се обезбедел континуитетот на партијата…

Континуитет на што? И реформирање на што? Како може да се реформира злосторничко здружение што ја киднапирало партијата, а преку партијата ја киднапираше и државата?

Демек, ако ја немало ВМРО-ДПМНЕ ќе сме немале опозиција. И дека баш ВМРО-ДПМНЕ морало да се реформира за да биде опозиција. Тоа е уште една теза што го одржува груевизмот во живот. Груевизмот ќе живее сѐ додека вакво ВМРО-ДПМНЕ се смета за политичка структура. А не е. Тоа е криминална структура. И местото не ѝ е во политичкиот живот.

За здрава држава јавен интерес е да има опозиција. Ама таа опозиција не мора да зависи од реформирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Јавниот интерес во секирацијата „што ќе правиме сега без  ВМРО-ДПМНЕ“ завршува со три точки:

  • Откривање на криминалите.
  • Казнување на тие што правеле зулуми.
  • Враќање на украдените народни пари.

Толку.

А што ќе си прават внатре во партијата и како ќе си ги гонат злите духови, тоа не е наша работа.

4 Исто како што не е наша работа и што ќе си прави СДСМ внатре во партијата.  Ама и тоа како е наша работа како СДСМ сега ќе се носи со победата и како ќе владее.

Стоте дена на Зоран Заев завршија на 15 октомври. Со тоа завршија и оправдувањата за детски болести на новата власт. Борбата допрва почнува. Ама не против Груевски. Туку против груевизмот.

Премиерот Заев секој ден кога ќе влегува во канцеларија ќе треба да си ја повторува онаа реченица со која ги завршуваше прес конференциите кога ги објавуваше бомбите. Ова зло веќе никогаш да не се повтори.

Самиот Заев повеќе од две години на свои плеќи ја истурка битката за ослободување на заробената држава. Затоа и неговата одговорност ова зло да не се повтори е најголема. Впрочем, лузната од груевизмот уште ја носи на челото од повредата на 27 април.

Се надевам дека е свесен за одговорноста што ја има да го смени начинот на владеење. Само, прашање е дали неговата партијата го има тој капацитет да не дозволи груевизмот да се замени со заевизам. А за коалициониот партнер, пак, ич да не збориме.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари