1 Добро, може ли пратениците од овој состав на Собранието да ги изгласаат измените на Уставот и да ги внесат Бугарите во Преамбулата, ама изгласаното да биде со одложено дејство – измените ќе важат од денот кога Бугарија ќе го признае правото на Македонците на самоопределување. Дали тоа би било проблем за ЕУ? Ако е проблем, зошто? Зошто правото на самоопределување воопшто би било прашање за дискусија во 21 век?
Еве, и премиерот Димитар Ковачевски конечно се одважи, па ја повика Бугарија да почне да ги спроведува пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур и да обезбеди права за Македонците што така се чувствуваат. Шуќур. И тој нешто да побара од Бугарија и да не се плаши дека му забележат во Брисел и во Вашингтон. Е па ете, таа изјава нека биде почетната точка околу која би се обединиле и власта и опозицијата. Барем за тоа можат да се согласат.
Да замолиме некој од странциве, кои ќе зачестат со посети за да нè убедуваат колку ќе ни биде убаво откако ќе го смениме Уставот, да ги затворат Ковачевски и Мицкоски на неколку дена на непозната локација и да дебатираат на темата: ЕУ. Наместо да се обвинуваат меѓусебно кој е за ЕУ, а кој не е, оти тоа воопшто не е тема на муабетот, нека седнат да се договорат: а сега, што правиме? Што можеме, и покрај францускиот предлог, да извлечеме за добро на земјата, што можеме да побараме како гаранција, кои ни се пријатели со кои ќе работиме, од кои непријатели ќе се чуваме… Ама да го гледаат интересот на граѓаните, а не интересот на своите партии. И кога ќе излезат од таму, да излезат со заеднички став: Ние од ЕУ ќе го бараме ова и она, ние нема да прифатиме ова и она.
Па кога во декември повторно ќе дојде германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, да не мора да оди и кај Ковачевски и кај Мицкоски посебно, небаре се среќава со лидери на две посебни држави, туку од едно место да ги добие сите одговори. Па, кога од име на ЕУ германски министер ќе вети дека нема да ја остави Македонија на цедило ако се спроведат уставните измени, како што вети сега, нека побараат тоа да го стави на хартија и да го достави во Брисел. Лично, по ова што ни го направија со Бугарија, јас не само што не верувам во изјави, туку веќе не верувам ни во писмени гаранции од ЕУ, ама ете, нека стои како унилатерална изјава на Германија, заведена во тамошните архиви, исто како што стои унилатералната изјава на Бугарија дека не постои македонски јазик.
На крајот на краиштата, нека достават сите останати 26 земји-членки на ЕУ унилатерални изјави дека го признаваат македонскиот народ и македонскиот јазик. Да не се самозалажуваме, ни тоа не е никаква гаранција дека некогаш ќе влеземе во ЕУ, ама знаејќи дека си имаме работа со непријателски сосед, не се на одмет екстра гарантни писма за македонскиот народ кој се чувствува понижен.
2 Министерот за надворешни работи Бујар Османи најдобро да престане да дава изјави на тема: Бугарија и ЕУ. Знаеме дека „Македонија има преземено обврски кои мора да ги исполни за членство во ЕУ“, благодарејќи на тоа дека и тој учествуваше во креацијата на фамозниот француски предлог. Ама, нека не нè прави несгалам кога ни вика дека „овојпат тоа зависи само од нас“. Тие европски приказни нека ги раскажува на сопартијците во Чаир. Па уште, за да ѝ ласка на Аналена, изјави и дека „Германија на секој обид да се билатерализира процесот, прва реагира дека тоа не е добро за процесот“.
Фала ѝ на Германија што ја поддржува Македонија. И поранешната канцеларка Ангела Меркел пред референдумот за името дојде во Скопје и зборуваше слично како сега што зборуваат Олаф Шолц и Аналена Бербок, ама дури и додека беше претседавач на Европската унија не успеа да го спречи бугарското вето. Берлин не зборува од името на Софија. Бугарите ставија орелски нокти за билатералното непризнавање на македонската самобитност да добие европски легитимитет, а Бујар ни вика „од нас зависи, не бил билатерилизиран проблемот“. Демек, немаме ние проблем со Бугарија, со ЕУ си имаме проблем.
Ќути Бујар, немој дополнително да ни скориваш јадови. Наместо да ѝ смислуваш оправданија на ЕУ за бугаризирањето на процесот на проширување, тркни уште еднаш до Софија, да видиш како е охриѓанецот Христијан Пендиков од клубот што го носи името на бугарскиот цар за време на фашистичката окупација на Македонија. Како министер за надворешни работи на Македонија те интересираше како е со здравјето. Сега, како претседавач на ОБСЕ провери дали е заведен во списокот на избирачи од Софија и дали му се обезбедени гласачките права за бугарските избори на 2 април. Во Охрид не се пријавил за гласање.
Ај што ЕУ ни направи белја, ама зошто па нашава власт има потреба да ја оправдува? Ај што ни послужија смрдлива храна, ај што нè натераа да ја лапнеме, оти друго поубаво немало да добиеме, ај што допрва ќе треба да проголтаме смрдлив залак, ама па сега не мора уште и самите да се фалиме: „леле колку е вкусно ова европсково јадење, леле каков деликатес ни спремија“.
Ми се одјаде.
3 Уставните измени не се обична математичка операција за собирање 80 гласа. Можеби и ќе се убедат пратениците да гласаат. Со разговори, со преговори, со притисок, со поткуп, со награда, со закани, со ослободување од кривично гонење, со амбасадорски места… Тој филм веќе сме го гледале. И сме виделе колку се принципиелни македонските политичари.
Проблемот е како да се убеди јавноста дека тие уставни измени ќе донесат добро за сите. Со кој образ владејачките СДСМ и ДУИ ќе излезат пред нас да ни кажат дека со уставните измени ќе ни биде подобро, а те гледаат в очи, те крадат и ти се смеат? И со кој образ ВМРО-ДПМНЕ ќе нè убедува дека со нив ќе биде подобро, кога крадат на локално ниво, а за 11-годишниот грабеж ниту се извинија, ниту се оградија? Башка, ни в затвор никој не отиде.
Само уште Бугарите во Уставот да влезат и веднаш ќе се смени начинот на владеење. Со истите лидери, истите партии и истотото нечесно практикување власт.
4 Од сите добри причини што можеше да ги наброи Аналена Бербок зошто мора да се направат уставни измени што поскоро, таа ја најде најнесоодветната. Рече: „уставните промени треба да ги направите ако не сакате младите да си заминат“.
Божем, младите си заминуваат од Македонија оти ги нема Бугарите во Преамбулата.
5 „Ние не сме воз, туку ураган. Не одете пред ураганот, ќе ве згази“, рече Али Ахмети на европскиот митинг на ДУИ во Чаир.
Истиот ден од Македонски железници стигна декрет дека на пругата Скопје-Велес брзината на возовите се ограничува на максимум 20 км на час.
Брзај полека. На патот кон ЕУ.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST