СВИТКАНА РАКА

Тежок им е животот на функционерите со ваков народ што ги корумпира.

СВИТКАНА РАКА

1 Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најмногу се израдува на веста дека американски тим дошол во Македонија за поагресивно да истражува корупција кај минати и сегашни функционери и нивната спрега со судии и обвинители. Не се издржува веќе оваа корупција. Па на Оливер му олесни на душата. Нема да мора тој да се бори против корупција кога веќе ги има Американците.

Што е за право, им понуди помош на американските истражители и рече: „МВР апсолутно стои на располагање во секој поглед за да ги поддржи сите овие активности“. Божем македонсково МВР е од друга држава, па ќе им помага на Американците да ловат корупција во своја држава.

Министерот за внатрешни работи рече и дека „секој од нас треба да има загриженост за тоа што практично ни се случува во државата“. Ма немој? Па ние сме загрижени што ни се случува во државата, не мора министерот за внатрешни работи да ни го кажува тоа. Ете и во Вашингтон биле загрижени.

Па вика: „Мора час поскоро секој од нас да направи максимум со своето дејствување да се стави крајот на криминалот и на корупцијата во државата од секој можен аспект“. Оливер Спасовски е на високи државни функции еве веќе седма година, од ноември 2015 кога прво беше технички министер за внатрешни работи. Што може да направи секој од нас „да се стави крај на криминалот и корупцијата во државата“, а што не можел да направи министер за внатрешни работи? Па додава дека треба „да се створи систем што ефикасно и брзо ќе одговори“. Е па, добро. Ај нека се направи системот. Кој да го направи системот? Сам од себе ли ќе се направи? Еве, Американците нека ни го направат. Ние им стоиме на располагање да бидеме загрижени. Секој од нас, вклучително и власта.

2 Додека Оливер е загрижен дека има корупција, Бујар Османи се обидува тоа што дошол американски тим да открива корупција да ни го претстави како феноменален успех. Поразот на власта ни го продава како дипломатски триумф. Чиниш Американците не сакале, ама Бујар ги молел, аман дојдете да нè спасите од корупција. Поразот на власта дека не може да се справи со корупцијата го преставува како наш заеднички пораз. Стравувал дека ќе останеме без мониторинг од ЕУ, па ги викнал Американците – ве молам спасете нè од овој корумпиран народ. Тежок им е животот на функционерите со ваков народ што ги корумпира.

Османи најави дека неговата партија ДУИ ќе предложи закон за ветинг на кандидатите за високи државни функции. Ако треба да се донесе и тој закон – нека се донесе. Закони за борба против корупција и криминал имаме. Што ако се донесе и тој закон за ветинг? Дека тоа така е, донеси закон и сам ќе си се проведува? Кој ќе го спроведува тој ветинг? Системот ли ќе го спроведува? Оној систем што треба да се направи „час поскоро“, како што вели министерот за внатрешни работи, за кој што „сите треба да бидеме загрижени“. Првиот вицепремиер ли ќе ни го спроведува ветингот? Партиите ли ќе го спроведуваат ветингот? Овие партии што се корумпирани до срж, оти во основата на партискиот активизам им е клиентелизмот и битката кој ќе се напика поблиску до работно место што ќе му овозможи пристап до јавните пари? Или Америка ќе ни го спроведува и ветингот?

3 Американаците ќе помагаат да се борат против корупција граѓани кои молкум трпат изживување на неспособни и корумпирани власти од локално до највисоко државно ниво. Па сега уште тие исти неспособни и корумирани власти ги обвинуваат баш граѓаните дека се виновни за корупцијата. Дека граѓаните им ги виткаат рацете на функционерите и судиите за да земат мито. Преголем е притисокот од граѓаните за корумпирање на власта.

Не е до менталитетот. До функционирањето на системот е. Системот за борба против корупција е гнил. Ама не го расипале граѓаните. Го саботираат тие што треба да го направат функционален и да го одржуваат. Најлесно е да се каже дека граѓаните се корумпирани оти таков ни бил менталитетот. Баш така најлесно ги амнестираш главните виновници – локална и централна власт, комисии за тендери, управни и надзорни одбори, директори на јавни претпријатија и институции, судии од најнизок до највисок суд, обвинители, полиција, инспекции и ред други функционери од системот што треба да се направи „час поскоро“.

Еве, граѓанин си и сакаш да пријавиш корупција. Каде да пријавиш? И како ќе заврши пријавата? Со вакво судство поголеми ти се шансите тебе да те прогласат за кабает што си пријавил, отколку да се казни корумпираниот.

4 Премиерот Димитар Ковачевски беше во Виена и со градоначалникот на австрискиот главен град продискутирал „за важноста од функционални урбани средини, развиена градска патна инфраструктура и транспортни системи“.

Што убаво звучи фразата „функционална урбана средина“. Посебно за премиер на држава чија власт го распродава државното земјиште, ги амнестира дивоградбите, носи коруптивни урбанистички планови, не казнува загадување на воздухот, на водата, на почвата…

Премиерот во Виена се восхитува на „нешто што беспрекорно функционира во австриската престолнина“. Додека дома  беспрекорно функционира криминалната спрега на локалните и централната власт со градежниците, што ни ги претставуваат како инвеститори.

5 Како власта што нè убедува дека американскиот тим за санкции е голем успех, така и ВМРО-ДПМНЕ нè убедува дека градоначалничката на Скопје Данела Арсовска не е вмровска кандидатка. На сите начини запнале да нè убедат дека Данела е со СДСМ. Па уште и „Тачела коалиција“ измислија.

Многу се вицкасти. А најсмешен им е вицот што бараат нивната кандидатка да даде оставка  – веднаш! Работава, ВМРО бара ВМРО веднаш да си даде оставка.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира