ТАШМАРУНИШТА ВО ВАШИНГТОН

Го болело стомак. Да не бевме во НАТО ќе го болеше глава и којзнае што сѐ ќе го болеше. Ако воопшто и постоеше државата.

ТАШМАРУНИШТА ВО ВАШИНГТОН

1 Дај, некој нека му свари чај од нане на премиерот Христијан Мицкоски. Отиде во Вашингтон на прослава на 75 години од НАТО, седеше на иста маса со уште 31 шефови на држави и влади, плус со уште десетина партнери на НАТО, го испочитуваа со сите салтанати, а тој не престана да се жали како му прави мачнина во стомакот кога ќе треба да изговори Северна Македонија.

Не знаеме што зборувал и како се однесувал Мицкоски внатре, на Самитот, ама затоа, пак, надвор, самиот среде ноќ си се сними да ѝ се обрати на македонската јавност. Па додека зад него маваа громови, ни соопшти дека таму, во Вашингтон, на роденденот на најмоќната воена и политичка алијанса во светот испратил пораки дека ќе ја прави Македонија повторно горда и дека нема да ја витка кичмата како што тоа седум години го правела претходната Влада.

Завршени ли се изборите? Каде ни е премиерот? На прослава на паралелен Илинден во Ташмаруништа? Или на Самит на НАТО? Ќе ја враќа гордоста во време кога присуствува на најгорди историски моменти за државата. Ќе доживееше Мицкоски некогаш да седи на вечера во Белата куќа, да не беше тоа „Северна“ што мораше да го прифатиме како жртва за да влеземе во НАТО. Ете, се исплатела жртвата. Ене го, македонски премиер, кој и да е, и сега и во иднина, седи на иста маса со најмоќните лидери што одлучуваат за светската безбедност и го есапат рамен на нив иако доаѓа од мала и сиромашна земја.

Ама, на Мицкоски му е поважно да биде главен во селото кај што му аплаудираат и викаат – еј што убаво им го плесна, отколку на заедничка маса каде што се носат геостратешки одлуки за светската безбедност. Отишол во центарот каде што се крои светската политика и од таму продолжува да се кара со политичките противници дома. Најголемото достигнување на Владата на СДСМ ни го претставува како пораз. Божем, најголемо зло што му го направила Владата на Зоран Заев е што му овозможила тој сега да биде таму да ја претставува државата. И ете, баш нему му се падна таа непријатна задача да вечера заедно со Бајден.

Ама што да се прави, ќе срка што му е сервирано. Претходната Влада нѐ зафркна, нѐ внесе во НАТО.

Го болело стомак. Да не бевме во НАТО ќе го болеше глава и којзнае што сѐ ќе го болеше. Ако воопшто и постоеше државата.

2 Ај што се кара со СДСМ, туку продолжи да се кара со Грција. На пречекот на Самитот, на нарачано прашање пак избегна да го каже уставното име, што грчкиот премиер Мицотакис овој пат реши да го игнорира, затоа што внатре на Самитот, каде што не го гледаа ракоплескачите од партиските митинзи, Мицкоски си зборувал во име на Северна Македонија.

Имаш агресија врз Украина, прва таква војна по Втората светска војна, имаш војна во Газа, имаш Кина, светот врие… Немаат попаметна работа, па ќе се занимаваат дали на патоказите на граница пишува Скопје или Скопја. Да бидам политички коректен, ама ги заболе нив таквото ако тебе те боли стомакот. Те боли, те боли, па ќе ти помине.

Некогаш носиш тешки одлуки во животот, ама не ги раскажуваш секој ден. Сите нешто ги боли па не раскажуваат низ светот.

3 Да. Така беше. Дадовме голема жртва, но добивката е клучна за нас. Најважно е дека НАТО не нѐ изневери, дека сме тука, рамноправни со сите, туку дај да видиме што ќе правиме со ЕУ.  Оти, иако бугарскиот премиер во Вашингтон рече дека „сме повеќе од соседи“, во ЕУ нам Бугарија ни е душманот. По Преспа, досега Грција беше коректна.

Така што, ако премиерот Мицкоски е искрен кога зборува за внатрешно помирување и кохезија, тогаш нека ја затвори таа проклета приказна за името, а не да продолжи да се кара со Грција. Со секое жалење ја држи темата жива. Во Вашингтон пак почна да се употребува фразата „спор за името“!? Нема спор. Готова е таа работа. Завршен е спорот, заведен со мировен договор во Обединетите нации. Нема враќање на името. Не е ова металната ограда на Груевски, па ќе ја вратиме со одлука на Влада.

Тоа е тоа. Готово е, затвори го тој муабет и – одиме понатаму. Во НАТО си. Во најмоќната алијанса. И гледаш тоа  да го искористиш максимално. А не, наместо да ни се отвараат нови врати, ние пак со себе сретсело да се бавиме. Да не можеш да ја согледаш големата приказна. И ти да се видиш како дел од неа.

4 Оваа колумна ја пишувам од Вашингтон. НАТО слави 75 години, а јас си прославив 33 откако го следам долгиот евроатлански пат на Македонија уште од самото прогласување независност. И среќен сум дека овојпат известувам за убав настан на тој пат – Македонија е рамноправна членка на НАТО.

Простете ми ако споделувам лични емоции, но кога се видов себеси во прес-центарот на НАТО Самитот во Вашингтон, се сетив на времето кога како новинар-почетник известував од Самитот на тогашната Европска заедница (ЕЗ) во Единбург, во декември 1992. На претходниот Самит беше донесена онаа несреќна Лисабонска декларација дека европските земји нема никогаш да признаат држава што во името го содржи зборот Македонија. И фала им многу на нашите британски пријатели кои потоа го презедоа претседавањето со ЕЗ, па заедно со прагматичните Американци успеаја да нѐ ослободат од заробеноста на Европската заедница и го префрлија македонското прашање во Обединетите нации.

Кога Македонија и Грција почнаа преговори за името во почетокот на 1990-те, еден од првите текстови што ги напишав во тогашен „Вечер“ беше насловен „Ако се пазариме, барем да ќариме“. За многумина тој наслов беше контроверзен, оти ни државниот естаблишмент, а ни голем дел од граѓаните тогаш не сакаа ни да си признаат дека ние де факто – преговараме.

Е па преговаравме, и тоа 30 години. И ќаривме. Еве, ќарот најубаво се гледа на Самитот на НАТО во Вашингтон. Од „никогаш Македонија“, до држава чие државно знаме се вее заедно со знамињата на државите што го сочинуваат најмоќниот воен и политички сојуз. И тоа во Вашингтон, каде што пред 75 години беше основана Алијансата. Од „никогаш Македонија“ до Северна Македонија како учесник на роденденската забава. И седиме на истата маса со многу помоќни, побогати и поголеми земји од нас, каде се кројат геостратешки политики. На таа маса во минатото се кроела и нашата судбина, ама не сме биле таму.

И да ме боли стомак, ќе ми помине.

АУДИО ПОДКАСТ

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира