ТЕГНЕЊЕ Д’ВКИ*

Немаме капацитет за нова европска перспектива. Преполни сме со европски перспективи.

ТЕГНЕЊЕ Д’ВКИ*

1 Петнаесетгодишнината од добивањето на кандидатскиот статус за ЕУ ја прославивме гламурозно, во кругот на партиската и бизнис елита, без музика, криејќи се во темница и бегајќи низ споредни врати од инспекцијата што го контролира почитувањето на ковид-мерките.

Чекајќи со нетрпение да чуеме каква ли досетка од областа на историјата и географијата има смислено бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, малку ги подзаборавивме домашните достигнувања на патот кон ЕУ. Ние Брисел го стресовме, Берлин го збунивме, Софија ја изнервиравме, а дома државата три кафеани не може да среди, и тоа со моќта што ѝ ја дава прогласена кризна состојба. Синким мора да се отворат преговори со ЕУ, за инспекцијата да може да ги затвори вратите на кафеаните. Оти, таму излегува самонаречената партиска и бизнис елита и разни аспиранти на таа тема, па газдите се доволно моќни за да им забранат на инспекторите да влезат, а на некои газди им помага и полицијата.

Премиерот Зоран Заев велеше дека нам ЕУ ни треба како камшикар кој ќе нѐ среди. Ама камшикарот го нема, па ние можеме да си продолжиме по старите патеки. Партизацијата на општестото никогаш не ни престанала, ама сега е пуштена на најјако. Политичарите и директорите поставени од партиите се тие од кои ти зависи буквално сѐ во животот – од раѓање па до умирачка.  Владата се спрема да ги врати државните реклами за поткупување на медиумите. Оти, малку беа оние 38 милиони евра што ги потроши Груевски за осум години за политичка пропаганда. Нема камшикар, па нема ни проблем да се продолжи по патеките што ги тапкаше  ВМРО-ДПМНЕ. Фирмички регистрирани пред два дена за пријавување на тендерчиња, братучетчиња со бизнисчиња, кумашинчиња на државни функциички, комшичиња и другарчиња за директорчиња…

Така што, приказната за бркотницата на гостите од кафеаните во темница е најдобра илустрација за тоа како функционира државата кинисана на патот за ЕУ.

2 За петнаесет години, секој месец да усвојувавме по еден закон од оние со европско знаменце досега ќе го имавме усогласено нашето законодавство со ЕУ. Ама, што е за право, и ЕУ си го има земено делот од вината за блокадата на Македонија. Се уморивме бре, луѓе. Не може да те држи концентрација 15 години, чекајќи да видиш до каде ќе отиде бирократската креативност од еден до друг самит на ЕУ во кој ќе ти кажат дека и ти си дел од Европа, ама не си дел. Ќе им ги толкуваме фразите – една земја-членка, две земји-членки, па имале загриженост, па неопходен бил консензус, па европска перспектива…

Речиси 30 години нѐ држат во гето, нас лепрозните од Западниот Балкан. Те овие имале избори, те оние имале избори, те овој закон донесете го, па ај уште само овој закон, па играјте оро да ви ги укинеме визите, па ај сега само уште името сменете го, ама сега ај и презимето, па долгото име, па краткото име… Е сега, само уште јазикот. И – за историјата да видиме…

Човече, ѝ прифатија на Бугарија во заклучоците за проширувањето како услов да стои фразата „погрешно толкување на историјата“. Да не веруваш. Што ќе прават сега со политиката на проширување со која нѐ залажуваат со години? Кое тело ќе оценува какво е „точното толкување на историјата“? Секоја од 27-те земји членки ќе направи своја историска комисија што ќе оценува „точно толкување на историјата“. И после сите 27 историски комисии ќе бираат зборови во заедничко соопштение со консезус за историјата? И ај, може ќе најдат консезус за историјата на Македонија. А што ќе прават ако почнат да ги отвараат нивните истории? 27 земји по 27 комисии за секоја земја посебно – ете ти 729 комисии. Од Европска унија ќе станат историска унија.

И зошто ќе го прават тоа? Затоа што Бугарија има избори во март идната година. И затоа што партиите во европска Бугарија во 21 век ќе одат на избори со националистичка карта и ќе ги промовираат вековните аспирации кон Македонија. И затоа што решиле националистичкиот сон што не им се остварил со помош на Хитлер да го остварат 70 години подоцна со помош на цела Европска унија.

Проширувањето, па проширувањето…. Е ајде, де. Проширете се. Тука сме. Ние на непочнати преговори два пати се радувавме. Кажете јасно. Ќе нѐ примите во друштво како Македонци со македонски јазик, или вечно ќе тегнете д’вки* со Бугарија? Подобро бидете чесни кон Македонија и цел Западен Балкан и признајте ни дека имате проблем со проширувањето на ЕУ, отколку да нѐ подлажувате со нова европска перспектива. Оти, веќе немаме капацитет. Преполни сме со европски перспективи.

3 Далдисани од моќта што им ја дава Европската унија, Бугарите се занесоа дека Кирил и Методиј не се сесловенски, туку се ексклузивци – бугарски просветители и дека кирилицате е бугарско писмо. На следниот Самит ќе побараат од сите словенски земји каде што била мисијата на Кирил и Методиј да признаат дека се описмениле на бугарски јазик. А зошто да не?

Откако Бугарија измеша баби и жаби – геополитика со историја, Чешка и Словачка изгледа сфатиле дека последиците од ветото за Македонија нема да останат само на Балканот, туку дека ќе им се балканизира целата Унија. Па, шуќур, и тие ставија вето на ветото на Бугарија. Рекоа дека нема да дозволат „Европската унија да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“.

Фино што и во ЕУ се најдоа земји погодени од ова однесување на Бугарија и нејзиниот услов за „погрешно толкување на историјата“.  Што се однесува до Чешка и Словачка, тие не мора ни да се враќаат 12 века до Кирил и Методиј. Доволно е да се вратат 50 години. На 21 август 1968, кога војските на Советскиот сојуз, Бугарија, Полска и Унгарија ја окупираа тогашна Чехословачка за да ја задушат Прашката пролет.

Којзнае, во бугарското точно толкување на историјата може Бугарите не се прикажани како окупатори што ги задушиле демократските реформи на чехословачкиот лидер Александар Дубчек. Може и таму биле администратори. Нека се состанат 27-те историски комисии од ЕУ, нека ги усогласат ставовите и за оваа срамна епизода од историјата на една земја-членка.

Ме чуди само како Бугарите успеаја да ја продадат како европски консенуз фразата за „погрешно толкување на историјата“. Опседнати се. Веројатно затоа што најчесто биле на погрешната страна во историјата. И сѐ други им се виновни за тоа.

Сега имаа шанса да бидат на вистинската страна. Можеа да ни станат најголеми пријатели. А ни станаа најголеми непријатели.

*д’вки = на македонски јазик значи мастики за џвакање

АУДИО ВЕРЗИЈА

 

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира