ВИЦОТЕКА

Најсомнително е кога премиерот ќе ја брани тендерската постапката со аргументи што ја навредуваат интелигенцијата.

ВИЦОТЕКА

1 Па нели, бре, членовите на Антикорупциска комисија не ги бива? Нели, вицепремиерот Артан Груби пред два месеца викаше дека „има сомнежи во капацитетите“ на луѓето од Антикоруписка? Како сега министерот Бујар Османи бара од оние, за кои Артан Груби вели дека не ги бива и немаат капацитет, да кажат дека него го бива и дека сè било законски кога избрал фирма за градежни интервенции, за која од медиуми дознал дека била донатор на неговата партија ДУИ. Како неговиот сопартиец Груби вика дека Антикорупциска досега нема сработено „ни еден единствен случај“, а тој баш од тие „неспособните“ бара за „неговиот најважен настан во кариерата да нема дамка“ итно да истражат како салата „Борис Трајковски“ за самит на ОБСЕ ќе ја средува фирма која, на различни начини, што преку правно лице, што поединечно како маж и жена газди, донирале за неговата партија над 100.000 евра?

Османи вели дека воопшто не бил среќен кога во медиуми прочитал кој го добил тендерот за адаптација на салата „Борис Трајковски“. Ама, што да прави. Клетиот закон не дозволува тендерот да го добие друга фирма, кога баш донаторот на ДУИ имал најевтина понуда. Сè е нај по закон. Башка, Османи не ни знаел дека фирмата е донатор на партијата. Среќа што прочитал, па сега знае. Замисли да не читаше. Ќе живееше во заблуда дека само фирми на Македонци добиваат на владини тендери.

За чудо, овојпат не се јави со изјава министерката за добро владеење Славица Грковска. Очекував да му даде на Османи опоемена пред укор. Ама, ја претрка премиерот Димитар Ковачевски кој го одбрани министерот за надворешни работи. Премиерот не гледа ништо спорно во изборот на фирмата-донатор на коалицискиот партнер. Штом шефот вика „Сè е по закон, шефе“, тогаш ни министерката за добро владеење не мора да се меша во својата работа.

Ковачевски вели дека „би било сомнително доколку некој е донатор на политичка партија и добие тендер со највисока, а не со најниска цена“. И дека „би било уште посомнително доколку некој добие тендер, е донатор на политичка партија, а не е заведен дека е донатор“.

А најсомнително е кога премиерот ќе ја брани тендерската постапката со аргументи што ја навредуваат интелигенцијата.

2 И додека без срам и усул нормализираат грабеж на јавните пари, нам само уште до трибини ни е дојдено. Одвај чекам да излезам на плоштад да научам од Бојан Маричиќ што е ЕУ. Да се радувам кога Димитар Ковачевски ќе ми кажува дека, само треба да ги ставиме Бугарите во Уставот и во 2030 први од регионот ќе влеземе во ЕУ. И внимателно да го слушам Бујар Османи како ми преведува со свои зборови што сакал да каже Макрон за Европа со различни брзини и нужноста „ЕУ да се реформира пред да се прошири“.

Втора учебна година почнува без учебници. И оваа година нема асистенти за учениците со посебни потреби. И да не почнувам да набројувам што сè нема и што сè ми пречи. Верувајте, навистина ми е веќе мрско да давам примери за сè што требаше власта да направи во овој мандат и не направи, а можеше да го направи и без пари од ЕУ и без да менува Устав. Ни го потрошија времето глумејќи пред ЕУ дека оствариле бенчмаркови. Поважно им е да им угодат на странците и да не ја налутат Бугарија, отколку нам дома да ни овозможат поквалитетен живот. Што ќе каже учителката, тоа ќе направиме. А учителката не е на чисто што бара.

3 Бев на Стратешкиот форум во Блед и ја следев лидерската дебата за иднината на ЕУ, во која учествуваа премиерите на земјите од Западниот Балкан и премиерите на Хрватска и Бугарија.

Дебатата се претвори во вицотека. Сите раскажуваа вицови за проширувањето на ЕУ. Впрочем, сите вакви собири последниве години личат на натпревари во раскажување вицови во кои победува Еди Рама, ама и другите се трудат да изнудат смеа во публиката, особено откако најголем виц стана ветото на Бугарија со кое се блокира евроинтеграцијата на Западен Балкан.

Виц раскажа и новиот премиер на Бугарија Николај Денков. Тој рече дека проширувањето на ЕУ не треба да се гледа само од геостратешки аспект како на географски регион на Европа, туку како збир на вредности.

Добар виц е кога бугарски премиер ќе ти раскажува за вредности. Вредност е кога не почитуваш право на самоопределување, на постоење народ и јазик. Вредност е кога не почитуваш постоење на малцинства во државата. Вредност е кога не почитуваш пресуди на Судот за заштита на човековите права во Стразбур.

Бугарија е и пример како во ЕУ се испорачува правда.  Крајно ефикасно. Криминалците сами делат правда на улица. Криминалците ги тепаат другите криминалци. И сите се среќни со резултатите. Така се обезбедува владеење на правото и пристап до правда.

Поради тие вредности Бугарија е во ЕУ. Не поради географија и геостратешки интереси на САД и големите европски земји.

4 Би сакал да можам да го споделам оптимизмот на Ковачевски, Османи и Маричиќ. Ама како? Досега, по прашањето за проширување на ЕУ важаше правилото: Не ве примаме дури не се реформирате. Сега има уште едно правило со дополнителна компликација: Не ве примаме дури и ние не се реформираме.

Барем мојата генерација животот го потроши чекајќи реформи на ЕУ за да може да прима нови членки.

ЕУ има руска агресија и страшна војна долж целата источна граница, го држи Балканот изолиран и нестабилен како црна дупка среде Европа, во сите европски земји што ни биле пример за демократија сериозно јакнат екстремно недемократските сили… И наместо да работат на кохезија и зајакнување на Унијата и сите да нè вшмукаат, да си обезбедат сопствена стабилност, тие се пимплаат – да ве примаме, ама да не ве примаме, неформален самит, формален самит, форум за ваши реформи, форум за наши реформи, вето е можно за сè и сешто и во секое време, сега имаме избори ваму, утре имаме избори таму… Ќе дебатираме за евентуални нови реформи за проширување, по кои евентуално би можеле да се прошируваме…

Како да не гледаат што се случува. Како да немаат контакт со реалноста. Како ЕУ да ја прегазило времето.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира