ЖЕЛЕН ЗА ПРАВДА

Да му покажела државата сила на Палчо уште во 1990-тите години кога ја изгради првата дивоградба во скопско Дебар Маало, сигурно тинејџерката Вања од Скопје и колатералната жртва Панче од Велес сега ќе беа живи

    ЖЕЛЕН ЗА ПРАВДА

    1 Премиерот Христијан Мицкоски предупредува дека народот ќе се самоорганизира и ситуацијата ќе ескалира, ако петте членови на Судскиот совет на кои Собранието им изгласа интерпелација не си дадат оставки. А тој, бидејќи е желен за правда, ќе биде во првите редови на протестот.

    Оние кои мислат дека не е баш логично извршната власт да протестира на улица против судската власт, па уште и премиерот да ги води протестите, нека се сетат дека само пред пет години, во февруари 2020, неколку дена пред да почнат затворањата поради ковидот, тогашниот премиер Зоран Заев го предводеше протестот пред Кривичниот суд на маршот на СДСМ наречен „Чекориме за правда“. А ВМРО-ДПМНЕ објави соопштение дека СДСМ е првата партија која протестира сама против себе.

    Пет години подоцна, ВМРО-ДПМНЕ е втората партија што ќе протестира сама против себе.

    Заев на владиниот протест во 2020, велеше дека и самиот тој како и граѓаните не е задоволен од правниот систем, а на обвинителите, судиите и поротниците им рече „да се ослободат“ и дека „ниту ВМРО ниту Мицкоски не им можат ништо“.

    Пет години подоцна, Мицкоски вели: „Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда“.

    Како да оделе во исти политички школи за добро владеење.

    Историјата во Македонија се повторува како лакрдија. Тешко е да се бара логика во земја во која ништо не е логично.

    2 Никој не спори дека судството е никакво и дека народот е „желен за правда“. Сите извештаи и на ЕУ и на американскиот Стејт департмент веќе петнаесет години споменуваат дека судството ни е партизирано. Зарем ќе се истуреа милиони и милиони евра и долари странска помош за обуки на судии и обвинители, ако судството ни беше салам?  Впрочем, слушавме во прислушуваните разговори како партијата на Мицкоски ги поставуваше судиите, кога секретарката на премиерот Никола Груевски ѝ ги диктираше имињата на претседателката на Судскиот совет. Тие судии после им ги застаруваа делата на вмровските функционери. А Заев ветуваше: Ќе го отворам судството како пупка. И неговата СДСМ толку го распупи, што го смени законот со кој ги амнестираше и им ги застари делата на високите функционери.

    Заев дојде на власт во 2017 на бранот на слоганот „Нема правда, нема мир“. Мицкоски денеска вели: Ние освоивме пола милион гласови и важен дел од таа кампања беше правда за сите, а не за поединци.

    Е така, де. Барем сега Мицкоски, за разлика од Заев, има комотно мнозинство во Собранието и без проблем може да ги менува законите за судството, за народот да биде среќен и да не мора да излегува на улица поради петмина од 13 члена на Судскиот совет на кои не им ги знае ни имињата. Ем правда, ем мир.

    Кој народ ќе протестира? Вашиот народ? И за што ќе протестира? Против судиите што не се ваши?

    Наши сигурно не се.

    3 Македонската јавност за кусо време беше соочена со уште една мачна лекција како неказнивоста убива. Не познавам човек што не е згрозен од деталите од сведочењето за киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска за кое му се суди на Љупчо Палевски-Палчо.

    Да му покажела државата сила на Палчо уште во 1990-тите години кога ја изгради првата дивоградба во скопско Дебар Маало, сигурно тинејџерката Вања од Скопје и колатералната жртва Панче Жежовски од Велес сега ќе беа живи. До 1990-тите не ни знаевме што е дивоградба во центар на град. А сега тоа е веќе пракса од која никој не е изненаден. Инспекциите му скршија три-четири ѕида на дивоградбата и после уште и си наплати милионска отштета од државата. Толку беше важен Палчо, што од банкрот го спасуваа државни институции, му се вселуваа во деловните простори на зградите за кои немаше ни имотни листови, ни употребни дозволи. Тоа тогаш беше шокантно, сега е вообичаено.

    И така осилениот Палчо, кому никој ништо не му може, стана многу важен фактор во општеството – претседател на градската организација на СДСМ, бизнисмен, газда на весници и телевизија, градежен инвеститор… Насади една зградурина на крајот на Партизанска, каде што требаше да се копа подземна сообраќајница до пред Железничката станица. Оти, никој не можеше да му каже „не“, мораше да биде „да“. Па и тоа после стана нормално. Па формираше своја партија, па парадираше пред камери оти имаше нешто многу важно да каже, па после уценуваше со прислушкувани разговори и тргуваше со снимени цедеа. Го прибраа малку на распит и – го пуштија. Да завршеше тогаш в затвор, сигурно Вања ќе беше жива.

    Сега сме згрозени од сведочењата за леснотијата со која испукал куршум во главата на преплашено 14-годишно девојче и за дупките што ги копал за таму да ги става киднапираните врзани со тегови на нозете. Факторот Палчо, кому во давањето сила му помагале политичари, бизнисмени, инспектори, полицајци, истражители, судии, обвинители, новинари, што ги толерирале неговите криминали и го спасувале од затвор…

    Сите тие се соучесници на монструозните криминали на Палчо. Нека си ја носат на душа тинејџерката Вања.

    АУДИО ПОДКАСТ

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира