1 Јавниот интерес ќе го штитам само додека не го загрози мојот личен интерес. Тоа е мотото на граѓанскиот капитал во Македонија. Ќе се жалам дека државата сите нѐ отрула, ќе протестирам против загадувањето, ама ѓубрето ќе го фрлам преку тераса, ќе си ја оставам колата на трета лента на булевар, ќе ги истресам отпушоците од кола на тротоар кај што сум паркиран, ќе си ги оставам пластичните шишиња и конзерви на плажа, ќе си се паркирам во трева, гомната од кучињата нема да ги собирам, не прашувам каде го однеле шутот за некоја чудно ниска цена…
Не знам зошто секогаш одново се исчудуваме на некои познати и предвидливи ситуации, божем не знаеме кои сме и што сме. Освен што можеби изгледа надреално кога среде, на моменти дури и хистерична, дебата за сомнежи за увоз на опасен отпад и додека во Скопје се мерат рекордни параметри за загаден воздух, дел од жителите на две маала во скопски Центар, на расправа за деталните урбанистички планови викаат: „Не сакаме зеленило, сакаме станови за децата“. Уверен сум дека некои од нив на дебатата стигнале и со маска на лицето. Оти се еколошки освестени.
Синким во други главни градови, каде што загаденоста не е толкава како во Скопје, на децата не им требаат станови. И синким градежниот бизнис пропаѓа ако законот не дозволува да се гради на целата парцела и ако има ограничување на катноста. Напротив. Таму и становите се поскапи оти се похумани за живеење. А и градежниците се побогати.
Ама, тие се луѓето. Јавниот интерес завршува до мојата парцела и маркичка за градба. И не е само до парцелата. До сѐ што мене лично, или моите блиски и пријатели може да нѐ ограничи. Паркирањето, фрлањето ѓубре, возењето мотор, користењето секаков вид отпад за греење, бучавата, окупацијата на јавниот простор…
Еее, добро де, закон е, ама мора ли баш од мене да почне да се спроведува? Морам ли баш јас да постапувам ко што е напишано? Мора ли баш сега? И што па за мене се фатиле, што не води сметка државата? Има ли институции во оваа земја? Тие ја испокрадоа државата, па сега за мене се фатија…
2 На иста линија ко што граѓаните го штитат јавниот интерес се одвива и расправата за фамозниот Закон за јавно обвинителство. Ние сме за владеење на правото и за казнување на криминалците. Ама, ако може уште овој криминал да остане неказнет. Па отсега натаму, ќе се бориме против криминалот.
И како што е надреална сцената во која граѓани што се жалат на загадување бараат згради наместо заленило, уште понадреална е сцената од Собранието каде што за тоа каков треба да биде Законот за јавно обвинителство дебатираат осомничени, обвинети и амнестирани пратеници. Каков закон за борба против криминал можат да ви спакуваат обвинетите Илија Димовски, Трајко Вељаноски, Ејуп Алими, Фросина Ременски, осомничениот Антонијо Милошоски, Џеват Адеми за кого има истрага за пукање на свадба и Костадин Ацевски кого сопругата го пријавила за семејно насилство? Каков придонес за јавниот интерес во дебатата ќе имаат овие пратеници?
3 Сепак, ако сакаме барем малку оптимистички да гледаме на дебатата за Законот, тогаш тоа е што уште еднаш станува јасно кој за што се залага. Дали е за закон против криминалот или за закон за заштита на криминалот.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вика дека Законот за јавно обвинителство ја гарантира европската иднина. Море, ако не се процесуираат случаите од СЈО ниту европска, ниту било каква иднина ќе има за Македонија.
Уморни сме. Резигнирани сме. Ни поминаа четири години во потрага по правда. А правда нема. Казнување на криминалците нема. И сега што правиме? Глумиме дебата. Демек со истите луѓе, од бомбите и од нападот на Собранието, ќе правиме нов почеток.
На каков нов почеток и каква верба во правдата да се надеваме со овие луѓе што треба да го донесат законот? Тоа е македонска реалност со уште една надреалност. Напредокот на државата кон ЕУ да ти зависи од обвинети, осомничени и амнестирани.
4 Законот за јавно обвинителство не бил услов за одредување датум за почеток на преговорите со ЕУ. Ама на европејците им било важно да видат дали партиите во Собранието имаат капацитет да се договорат.
Да имаше ВМРО-ДПМНЕ капацитет за договарање, немаше да го напаѓа Собранието на 27 април 2017. А капацитетот на СДСМ се виде во моментот кога се помирија со тие што сакаа да ги убијат.
5 Нов Закон за јавно обвинителство можеби и ќе се донесе. Ама и до сега имавме закони со кои може да се гонат криминалите. Само кој ќе ги гони? Капацитетот на судиите и обвинителите го гледаме цело време. Само што, сѐ почесто се претставува со народски јазик. Гомнарке, ороспијо, марш од тука и ќе ве истресам од гаќи, е само дел од академскиот дијалог меѓу обвинителите и судиите. Тоа ќе треба да го имаме предвид сега, кога одново ќе почнеме да се бориме за правда.
А обвинители и судии каде ќе најдеме за новиот почеток? Ќе ги увеземе ли? Па, не се тие ѓубре за да се увезат како погонско гориво. Или ќе ги шверцуваме како опасен отпад? Оти, Марс е многу далеку за да паднат од таму.
6 И после се чудиш како може 19-годишник, вработен како обезбедување во најголемиот трговски центар во државата, да не биде свесен за последиците кои може да ги предизвика лажна дојава за бомба само за да го зафркава шефот. Па, тој откако е свесен за себе не слушнал дека некој одговарал за многу посериозни штети што се направени не само, туку на цела држава. Зошто воопшто да мисли на последици, кога во државава нема последици и за многу посериозен криминал од зафрканција со шефот?
Впрочем, тука единствени казнети се тие што забораваат да пуштат порака за паркинг. Будали. Паркирај се на трета лента и во трева. И бркај работа. Жали се во кафана дека „од нас држава не бидува“.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST