БАЖДАРЕЊЕ ТЕРМОМЕТРИ

Со вакви верски лидери, верниците најдобро да почнат да комуницираат со господ без посредници. Оти кога посредниците викаат: батали здравје, дај пари, сигурно и Господ си вика: Бог да чува.

БАЖДАРЕЊЕ ТЕРМОМЕТРИ

1 Што? Пак се чудите на изјавите на верските лидери? Поглаварот на Исламската верска заедница реисот Сулејман Реџепи се закани дека ќе ги повлече повиците до верниците да не одат по џамиите за време на рамазанските пости, ако државата не им даде пари, оти празнувањата за Рамазан Бајрам им биле главен извор на финансирање. За да му излезе во пресрет на реисот, и владиката Тимотеј изјави дека и Македонската православна црква речиси половината од приходите ги прави за време на велигденските празнувања. Што е за право, тој не се закани.

Кому се заканува Сулејман Реџепи? На државата? Или на верниците, себеси, на мајките, на децата? Плус, уцената на реисот за барање пари со закана со биотероризам доаѓа во пресрет на најголемиот муслимански празник Рамазан Бајрам. Чијашто суштина е давање, солидарност, хуманост, искупување, милосрдие, помагање на сиромашните… Станување подобар човек.

И суштината на Велигден е истото. Станување подобар човек.

Двете верски заедници бараат пари од државата. А не плаќаат даноци. И имаат огромни имоти. На верските лидери битно им е да не се губат пари. А здравје што може да се изгуби? А животи? Или тоа нема врска. Тоа е божја волја.

Со вакви верски лидери, верниците најдобро да почнат да комуницираат со господ без посредници. Оти кога посредниците викаат: батали здравје, дај пари, сигурно и Господ си вика: Бог да чува.

2 Додека седиме дома без  дозвола за излегување, некој пече, некој пржи лебови, некој учи јазици, некој вежба, некој игра карти, некој домино, некој чисти, некој средува стари алишта и стари фотографии… Јас си наоѓам стари пријатели, стари контакти, луѓе за кои не сум чул со години… И така, пред една недела од Австралија ме исконтактира една лекарка, која што пред точно 30 години кога само што имаше завршено Медицински факултет, доаѓаше кај нас дома да му дава терапија на татко ми кој боледуваше од тешка болест. Таа пред 20 години се отселила во Перт, станала доктор по имунологија и вирусологија.

Опа бато… Таман ѝ се погоди специјалноста. Одма овој контакт се качува високо на приоритетната листа со тукашните пријатели што имаат врска со медицина и фармација. Бидејќи не ме бива за печење лебови и колачи, се фокусираав на медицински науки. Брзо докторке, давај  и ти тоа клиничките студии да читам, да споредувам…

Кога учев математика во гимназија не стигнав до алгоритам, ама сега научив што е и алгоритам и експоненцијален раст. За биологија, чат-пат нешто ми влегуваше в глава. Ама хемија? Ау, каков хорор беше тоа. И сега, на сета мака што ни ја приреди пандемијава, уште морам и епидемиолошката крива да ја исцртувам. Па и за ДНК, РНК почнав да сфаќам што е разликата. И ПЦР сум научил. И азотен моноксид. За коморбидитети, сатурација и суспектност ич муабет не правам. Не ми треба превод.

Јас сум си старовремски професионален новинар со алгоритам за сериозна проверка на фактите. Тоа модерно кажано е – факт чекинг. Не се потпирам само на еден извор. Си го слушам јас Филипче на прес-конференција.  Ама, помеѓу неговото јавување попладне и прес-конференцијата на Трамп доцна навечер, „факт чекирам“ кај повеќе извори. Се јавувам по сите лекари што ги познавам. Па после ги вкрстувам нивните податоци со  податоците од фармацевтите што ги познавам. Вчера, на пример, имав телефонски курс за респиратори и интензивна нега.

Морам да се пофалам, прилично сум напреднал. Одамна ја поминав фазата кога секој ден мерев температура. Ако не бев задоволен со резултатот од живиниот, мерев и со електронскиот термометар. Па после, почнав да мерам со двата истовремено. И во мојата клиничка студија открив дека не покажуваат иста температура. Па кога се навратив на пресовите на Венко, сфатив дека јас всушност сум правел баждарење на инструментите за мерење температура. Сум ја практикувал истата метода за потврдување на резултатите, како што Институтот за јавно здравје мора да ги потврди резултатите од тестовите за коринавирус во приватните лаборатории. Само уште не сум одлучил кој термометар ми е референтен.

3 Згора на сѐ, едно другарче од лекариве со кого барем еднаш дневно конзилијарно расправаме за коронава и на кого почнав во муабетите да му се расфрлам и со латински фрази ми вика: Што си будала? Читај книги, гледај филмови!

Какви книги, бре? Кај имам јас време за читање белетристика, кога спремам колоквиум? Кај имам трпение филм да изгледам? Имам концентрација максимум да гледам од тоа сериите со епизоди од по 20-30 минути. Ама ко за беља, и по забавните канали се вртат четири различни серии што се случуваат во болници. А свртиш канал на кој што нема дебати со епидемиолози и инфектолози, одма налетуваш на некои лекари, кои за инает на цела ситуација само интубираат и со маски шетаат. Ми се чини дека пред ковидов, во болничките серии повеќе се заљубуваа меѓу себе. Сега, само на дијагностика се фрлени.

Некои другари ми викаат: Па не мораш сѐ да следиш! Како да не следам? Што да правам ако не следам? По цел ден дома седам, троседот ќе ми прозбори: Аман човеку, мавни се од мене!

Како да се правиме дека не ни се случува ова што ни се случува? Глумиме нормален живот. Вежбај по дома. Јас со сила се терам да вежбам и кога одам во теретана, па сега дома ќе импровизирам. Станав еднаш рано, се извадив од памет кога ја видов жена ми како стои на глава. Таа апла сериозна, јога да ти вежбала. А надвор пандемија нѐ сардисала.

Работиме од дома. Тоа па, ептен е стресно. Никого не можеш да најдеш кога ти треба. Кој дремнал, кој тркнал до самопослуга, кој се туширал, на кого децата му го фатиле компјутерот… А не ги гледаш и немаш со кого да се скараш. Дур им се налутиш, ќе ти помине.

Децата учат од  дома. Ене, ги гледам. Во еден саат попладне си го местат алармот, оти во два ќе имале хемија.

Ви зборувам за живот во карантин во стан со тинејџери. И без куче. Да живеев во куќа, можеби ќе косев трева и ќе си ја растребував гаражата. Гледам сите живи огради се искастрени, цвеќенца се засадени, тревата искосена. Вака во слободното време, кога не учам за колоквиум, главен предизвик ми е да им упаднам на децата среде час и да почнам да прашувам: Зошто не ти е наместен креветот? Што е со чорапиве рафрлани низ цела соба? Да им вратам. Да видат како е кога и тие среде некој онлајн состанок или службен муабет ќе се се развикаат: Татооооо, зошто е волку слаб интернетов? Ана ми ги изела тортиците!. Тој мене чипсот!

Е така де. За сите со кои зборувам и се преправам дека сум на работа, да разберат дека сум дома.

4 На крајот на денот, откако ќе ги споредам епидемиолошките криви на Светската здравствена организација си викам: Карантин е, ама па привилегија е додека си во карантин да си легнеш во својот кревет, наместо во болнички. Карантин е, ама па и во карантин можеш да одбереш да работиш од дома. Лекарите и сестрите ја немаат ни едната, ни другата привилегија. Полицајците не работат од дома. Војниците, пожарникарите, не работат од дома. Касиерките во самопослугите си одат дома дури кога ќе изнакупиме храна ко за два-три продолжени празнични викенди. Ѓубреџиите ни го собираат ѓубрето што им го фрламе од дома.

А дури кога ќе ми текне дека до пред само еден месец, во редакцијата водевме жолчна дискусија дека „нема ништо пострашно од тоа да нема обрасци за пасоши“…

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира