Поглаварите на сите верски заедници ја поддржуваат вакцинацијата против ковид-19 и заеднo ги повикаа сите граѓани да се пријават за вакцина, со што ќе дадат придонес во сочувувањето на своето и на јавното здравје, соопшти Владата по денешната средба на премиерот Зоран Заев со лидерите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископијa aрхиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, на Исламската верска заедница Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи и на Католичката црква монсињор Киро Стојанов бискуп скопски и струмичко-скопски епарх.
„Од страна на верските лидери присутни на состанокот е укажано дека заштитата на здравјето не е само обврска на државата, туку е и верска обврска бидејќи секој човек е должен, како општествено, така и според верата, да биде во служба на здравјето. Заеднички е констатирано дека во овие моменти кога човештвото се соочува со непредвидлив вирус, потребна е разумност од страна на сите верници, бидејќи болеста не избира религии и нации“, соопшти Владата.
На средбата е заеднички оценето дека од почитувањето на мерките ќе зависи и како граѓаните ќе ги поминат претстојните празници Велигден и Рамазан Бајрам, и е заклучено да биде испратен заеднички апел на Владата и МПЦ, ИВЗ и Католичката црква до сите граѓани за почитување на владините мерки за заштита од коронавирусот.
Премиерот Заев најави средби и со претставници на другите верски заедници во земјава.