Трите згради од 16, 20 и 22 ката за 1.200 жители во срцето на Скопје кои вчера ги презентираше инвеститорот „МГ Фешн“ се наоѓаат само на една градежна парцела од вкупно три кои ги предвидува Деталниот урбанистички план (ДУП). Според ДУП-от донесен во 2012 во времето на ВМРО-ДПМНЕ и кој не е усогласен со Генаралниот урбанистички план (ГУП), просторот е поделен на четири парцели, од кои три се градежни и една е со намена плоштад со фонтана. Трите згради кои вчера беа презентирани ќе се градат на парцелата број 1.1. која е всушност државното земјиште кое му беше продадено на инвеститорот и земјиштето на Македонската православна црква (МПЦ-ОА).
На овој простор не се наоѓаат куќите на жителите на Ново Маало, кои испратија писмо со кое го поддржуваат проектот. Куќи има на парцелата за плоштадот, како и парцелите 1.2 и 1.3. Тоа значи во моментов инвеститорот не треба да обештетува граѓани и ниту една од куќите кои беа прикажани во презентација со лоши и супстандардни услови за живот, засега нема да се урне.
На презентацијата беше кажано дека идејниот проект се однесува само за првата парцела, а градбите во неа би се реализирале во три фази. Прво ќе се гради зградата од 20 ката која се наоѓа на земјиштето на МПЦ-ОА и всушност ја попречува отвореноста на плоштадот кон кејот. Такму за оваа зграда се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката. За овие два објекти дополнително ќе се платат комуналии, а за секоја Градот и Општината ќе наплатат приближно колку висината на комуналиите за првата зграда.
На презентацијата не беше кажано што ќе биде со останатите две градежни парцели, дали инвеститорот планира да гради и таму. Управителот на МГ „Фешн“ Илија Божиновски кажа само дека нудат соработка на Општина Центар наместо плоштад четвртата парцела да прерасне во парк налик светските метрополи. Тие би биле инвеститори за негово подигнување и соодветно би ги обештетиле сопствениците кои имаат куќи во таа парцела, иако не е градежна.
Сите содржини што сега се планираат се всушност според стариот Детален план, кој дозволува по 200.000 метри квадратни изградена површина на трите парцели, или вкупно 600.000 метри квадратни и 5.000 жители. Генералниот урбанистички план кој е акт од повисок ранг дозволува на сите три парцели да живеат 1.250 граѓани или 347 семејства, а сега само во првата парцела се предвидени 1.200 жители.
Такму поради тоа Деталниот план е во спротивност на Генералниот план и тој воопшто не требал да биде одобрен од тогашниот градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски и министерот за транспрот и врски Миле Јанакиески. Тоа значи дека сега инвеститорот ќе гради спротивно на ГУП-от, односно согласно ДУП во кој не биле запазени параметрите од повисок орган.
СДСМ која четири години е на власт во општина Центар и во град Скопје, а ја има и централната власт не успеа да спречи во срцето на главниот град да се гради според лош и неусогласен со ГУП-от план, иако пред да дојдат на власт остро ги критикуваа плановите на власта на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека со нив се бетонизира Скопје и ветуваа промена на урбанистичките политики.
Не само што не ја смени урбанистичката политика на ВМРО-ДПМНЕ, туку за време на оваа власт беше направено дооформување на парцелата со продажба на државно земјиште. Во 2018, кога на сила беше мораториумот за градба во Центар, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугарески од СДСМ, инвеститорите го купуваат државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат. Со тоа му се даде можност на инвеститорот да поседува поголем дел од просторот и наместо тоа да биде државно земјиште со кое Општината можеше да прави што сака, сега ќе мора да се пазари за содржини од јавен интерес, како што се градинки, паркови, школи и слично.
Вчера архитекти и граѓански организации испратија писмо до премиерот Зоран Заев во кое бараат да се суспендира планот и на таа локација ништо да не се гради додека не се распише конкурс за изгледот и содржините на целиот простор заедно.
А. АНТЕВСКА