СТУДЕНА ВОЈНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:114:"Акопаднекрв,одговорностаќебиденаГруевскиинаВМРО-ДПМНЕ

    1 Премногу ни беше досадно изминативе две и пол години, па сега добивме малку возбуда во нашите досадни животи. Еве, за почеток, ВМРО-ДПМНЕ од контрапротести се префрли на протести. И кога ги гледаш, како да не знаеш на чиј протест си дојден. Тие зборат дека имало замолчени медиуми. И за Орвелово општество во кое сите биле контролирани. И скандираат „Лопови, лопови!“. Па дури и „Но пасаран!“ се слушна. Додека не им се признае победата ќе почнат да викаат и „Нема правда, нема мир“.

    Да си помисли човек дека СДСМ владеел 10 години. И тортура ѝ правел на ВМРО-вската елита. И со сила ги носи ВМРО-вците со автобуси да мрзнат на протест во Скопје. Со огнови, клетви и греана ракија сакаат да ја натераат Државната изборна комисија да каже дека немало нерегуларности на изборите. Дури и Ќосето на помош го викаа да ги спаси од теророт на СДСМ. „Ќосето е жив!“ скандираа. А Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата за верски заедници, со занес на вистински верник извика „Ова е ноќ на ножевите!“.

    Е да. Христијански е да се колат луѓето. Особено тие што не мислат исто. Што значи тоа ноќ на ножевите? Ќе одат од куќа до куќа, ќе бараат кој гласал за СДСМ и ќе му го ‘ргнат ножот? Зошто? Затоа што не освоија 63 пратеници, како што вети нивниот лидер? Затоа што сега борбата е да бидат победници само со еден, или два пратеници плус? Затоа што 460.000 луѓе што гласале за нив се народ, а останатите 700.000 што не гласале за ВМРО-ДПМНЕ се изрод? И затоа што 700.000 луѓе им се качиле на глава на тие 460.000? И тоа веќе не можат да го трпат.

    2 Впрочем, ова што се случува сега пред ДИК не е нешто што не знаевме за ВМРО. А од лани и го слушнавме. Како беше она: „А војна да направиме?“. Или она „сосе жената и децата во ендек“. Или онаа констатација дека треба да се убијат едно десетина луѓе во државава и сè би било супер. И – „да се сотрат“. „Со динамит – да не ја тупиме многу“.

    И сето ова се случува во исто време кога лидерот на овие што се закануваат со ножеви, Никола Груевски, седна на обвинителна клупа за поттикнување насилство по завршувањето на локалните избори во 2013 година. Тогаш, незадоволни граѓани ја напаѓаа Општина Центар, оти не давала да се гради црква. Сега ја напаѓаат Државната изборна комисија. Оти ќе им ја украделе минималната победа. Тогаш, внатре со телефонот беше Даниела Рангелова. Сега на телефон е Силвана Бонева.

    А Груевски пак сака да биде премиер.

    3И сега, доаѓа ред на Груевски заедно со ДУИ да нè спаси од федерализацијата и од двојазичноста со што го преплаши своето гласачко тело. Ќе нè спаси на ист начин како што нè спасуваше и во изминатите десет години. Со прислушување, корупција и со наместени тендери за своите. Со истиот партнер за кого овие со ножевите пеат патриотски песни „Нека разберат клетите Шиптари“, додека ја бранат победата со оган и спиење по автобуси и болници.

    На крајот на денот, приказната е многу едноставна. Груевски е фатен како прислушувал, крадел и нарачувал насилства. И на 460.000 луѓе тоа не им пречи. А на 700.000 им пречи.  Којзнае колку се очајни поголемиот дел од тие 460.000 луѓе, кои за трошките што од пленот им ги фрла ВМРО-вската елита се спремни на студ да спијат во автобуси и да ги бранат бундите на тие што се закануваат со ножеви и ќе си спијат дома на топло во еден од становите. Оти, тие трошки за нив значат живот. А нивниот глас за ВМРО-вската елита значи спас од затвор.

    4 Македонија одамна живее во состојба на студена граѓанска војна. Оваа власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ наместо да го извлече најдоброто, успеа да го извади најлошото од Македонецот. Да го плаши од сè и сешто и да го хушка против секого, да го прави завидлив на туѓата среќа и да му ја потхранува мрзливоста на сметка на послушноста. И сето тоа го прави со наши пари.

    Студената граѓанска војна ја започнаа Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.  Ама, тој сега се заканува дека трпението му е при крај. И ако Груевски и ВМРО-ДПМНЕ  не престанат да се закануваат со ножеви, тенка е линијата кога студената граѓанска војна ќе стане жешка. Ако падне крв, одговорноста ќе биде на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што ќе почнат уште една братоубиствена војна во Македонија. Затоа што своите 460.000 гласачи, кои до вчера ги плашеше со клетите Шиптари, сега ги плаши со клетите Македонци кои не гласале за него.

    5
    На првото судење на Груевски како обвинет за нарачување насилство во Општина Центар и шамари за градоначалникот Андреј Жерновски, судијката Татјана Михајлова не ги прифати „бомбите“ како доказен материјал, оти прислушувањето било кршење на човековите права.

    Фино забележала судијката. Михајлова сега е в.д. претседателка на судот. Штом вели дека прислушувањето било кршење на човековите права, ете ѝ шанса заедно со Катица Јанева да открие кој прислушувал и кој ги кршел човековите права. Не само да го открие. Туку и да го осуди.

    Оти токму прислушувањето и кршењето на човековите права ги предизвикаа овие предвремени избори.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Слушај тука

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира