КОЈ ДОАЃА?

Ми е гајле кој доаѓа. Вистинската гатанка е: Кој ќе ја земе најголемата провизија од зделката со автопатите?

КОЈ ДОАЃА?

1 Премиерот Димитар Ковачевски повторно беше на увид во самопослуга за лично да се увери дека се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи. И по тој повод на Фејсбук напиша: „Посветено градиме посветла иднина за сите нас. Создаваме просперитетна држава и инвестираме во нашите граѓани и нашите бизниси“. Така е. Инвестирате во вашите бизниси.

Потоа замина во ТВ Сител и рече дека од обврските што земјава ги има кон ЕУ не смее да се прави дневна политика. Така е. Не треба да се политизира. Треба бизнис да се прави. На пример, не треба да се политизира тоа дека на фирма што произведувала гаќи, власта ѝ дава лиценца за надзор на патишта во време кога тендерот е веќе распишан, за што од буџетот ќе добие над 8 милиони евра. Оти, таа зделка со нашите пари не е резултат на политичка одлука. Нема што ние да се бавиме со дневна политика кога жена му на премиерот и едно чудо роднини на други функционери од власта одлучуваат да основаат фирми за струја, а Владата носи одлуки за субвенционирање на струјата. Тоа нема никаква врска со политика. Тоа е чиста бизнис одлука. Секој смее да отвори фирма.

Може власта колку сака да вика „сѐ е по закон“, ама на крај ние излегуваме на избори. Казната доаѓа со гласачкото ливче. И да изгуби СДСМ на избори, од кого ќе изгуби? Трагедијата е што и да има промена, таа ќе биде на полошо. А единствената одговорност за тоа ја носи токму СДСМ, што испушти историска шанса да направи подобра држава за сите, со помала зависност од партиите, со помала корупција, со поефикасна администрација, со нетолерирање неказнивост… Од сите шанси што ги имаа од 2017 досега, тие најдобро ја искористија само шансата да направат нова генерација нафатирани политичари.

2 И ајде сега, ќе ја замајуваме јавноста со вестите за премиер Албанец. И ќе ги погодуваме гатанките на ДУИ „Тој доаѓа“. Ми е гајле кој доаѓа. Вистинската гатанка е: Кој ќе ја земе најголемата провизија од зделката со автопатите?

Ќе има премиер Албанец. И – што е тоа важно? Еве, Димитар Ковачевски е Македонец. И Заев е Македонец. И Никола Груевски е Македонец. Што имаме ние Македонците како придобивка од тоа што премиерот е Македонец, а што Албанците немаат? Квалитетот на живот е подеднакво лош и за Македонците и за Албанците.

Штом толку им е важно премиерот да биде Албанец, баш ме интересира што ќе добијат Албанците повеќе од Македонците и од сите останати граѓани, и запишани и незапишани во Преамбулата на Уставот. Или, еве, да не биде прашањето хипотетичко, нека биде реално, оти не знаеме кој доаѓа. Што добија Албанците повеќе од сите други со тоа што го имаат Артан Груби за вицепремиер? Не е спорно што доби партијата.  Ама што добија граѓаните Албанци?  Дали нив им е подобар животот откако во Владата имаат Албанец вицепремиер, и тоа не обичен, туку прв вицепремиер? Подобро ѝ е само на ДУИ што може да си ги контролира тендерите и да поткупува гласачко тело со вработувања овозможени со пристап до јавните пари. За да може да си прави што сака – од локално до национално ниво.

Како што ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски ја имаше киднапирано државата, така и ДУИ го киднапира интересот на македонските Албанци. До толку што сметаат дека е сосема нормално да има знак на равенство меѓу ДУИ и Албанците. Кога зборуваш за ДУИ, да мислиш на Албанците.

Прилично е навредливо кога било која партија ќе си земе право ексклузивно да ги застапува интересите на некој народ или етничка заедница.

3 Пред посетата на потпретседателот на Европската комисија Жосеп Борел, протече документ од брифинг со македонските здруженија на граѓани според кој, високи дипломати од ЕУ забележале дека „високата политичка и институционална корупција станува сѐ поочигледна“.

Добро утро, Брисел. Сѐ што ни кажувате е точно. И дека има корупција. И дека ни треба зајакнување на владеењето на правото. И дека и покрај тоа што ЕУ истурила едно чудо милиони евра, поддршката на граѓаните кон ЕУ паѓа.

Сега ли забележувате дека има „висока политичка и институционална корупција“?  Па, голем дел од кабаетот за таа политичка и институционална корупција оди и кај ЕУ лидерите. Овој период ме потсеќа на 2008, кога Грција го стави ветото за НАТО и кога Никола Груевски си рече: Што и да правиме, нема да влеземе во НАТО додека не го смениме името, па дај да се фрлиме на крадење и на богатење.

Прво изгубивме цела година слушајќи ги и Меркел и Макрон и сите други знајни и заборавени европски администратори дека треба да си го смениме името. После изгубивме две години додека во ЕУ измислуваа оправданија зошто нѐ измамија и зошто не ги исполнуваат обврските што самите си ги презедоа по Преспанскиот договор –  ај не овој самит, ај другиот, па ај сега нова методологија за проширување, па ај сега уште овие избори да ни поминат… Сега веќе трета година си губиме занимавајќи се со ветото на Бугарија. Ги совладуваме пречките што ни ги постави самата Европска унија во моментот кога по бугарски памет ја прифати дискусијата дали сме Македонци и од кога сме Македонци и дали збориме македонски јазик. Поддршката на граѓаните кон ЕУ опаѓа затоа што Македонците во лицето на ЕУ го гледаат лицето на Румен Радев кој им вика дека не постојат.

Европските дипломати укажуваат на политичка корупција и неказнивост, ама таа корупција не им пречеше кога требаше да се обезбеди мнозинство за промена на Уставот со додавката „Северна“ во името, па на неколку пратеници им простија многу тешки кривични дела, а некои беа и наградени. Бараат ефикасно судство и обвинителство и истраги за вископрофилна корупција. Супер. И ние бараме. Ама, ај нека се осмели Обвинителството да гони некој политичар за корупција, а тој треба утре да го менува Уставот.

Пред посетата на Борел, дипломатите на тој неформален брифинг им советувале на граѓанските организации да ѝ предочат на јавноста дека „исполнувањети на неопходните барања и услови се од преговарачката рамка со Европската комисија, а не со земја-членка на ЕУ“.

Во превод – не лутете ѝ се на Бугарија, лутете ѝ се на целата Европска унија затоа што три години ви го сопре развојот на земјата бидејќи сте Македонци што зборуваат македонски јазик.

Притоа, на Македонија ѝ се дава рок до ноември да ги испорача уставните измени за практично да ги почне преговорите. Ама ЕУ не може да си даде рок колку би траеле преговорите, па на македонските новинари во Брисел, евробирократите им рекле дека Владата во Скопје треба да биде пореалистична во поставувањето на роковите до кога би требало да влеземе во ЕУ.

Во превод – ставете ги вие Бугарите во Устав, па ќе видиме дали некогаш ќе ве примиме во ЕУ.

АУДИО ПОДКАСТ

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира