БУГАРСКИ ГЛУПОСТИ

Германија прави пријателски гест на поддршка за Македонија, во истата таа Европска унија каде што Македонија има еден непријател, и тоа првиот комшија.

БУГАРСКИ ГЛУПОСТИ

1 Не е дека по гласањето на германските парламентарци ќе се чувствувам повеќе Македонец од што сум. Резолуцијата на германскиот Бундестаг со која се признава македонската култура, идентитет и јазик не е потврда на нашето постоење. Никој од нас нема потреба од резолуција ни на сопствениот Парламент, а не пак од туѓи, за да се осигураме дека постоиме. Ама, Резолуцијата на германскиот Парламент е многу важна за нашата претпоставена иднина во Европската унија. Нејзиното значење е во политичката поддршка што ни ја дава Германија во нашата битка со комшијата што ти вика дека не постоиш.

Едноставно е: бугарското Собрание изгласа Декларација дека македонски народ и македонски јазик не постојат. Германскиот Бундестаг изгласа Резолуција дека македонскиот народ и македонскиот јазик постојат.

Или, уште поедноставно: Германија прави пријателски гест на поддршка за Македонија, во истата таа Европска унија каде што Македонија има еден непријател, и тоа првиот комшија.

2 Апсурдно ли е да се носат политички резолуции за да се признае нечие постоење во 21 век, и тоа во земја членка на ЕУ? Да. Ама, во политички контекст каде што една земја-членка вели дека не постоиш, воопшто не е апсурдно друга земја да каже дека постоиш. Секоја поддршка во ваков глупав спор е добредојдена.

Персоналот на Амбасадата на САД во Скопје, за Денот на македонскиот јазик, 5 Мај сними видео во кое вработените Американци кажуваа народни поговорки на македонски јазик. Италијанскиот амбасадор на прославата на нивниот национален празник Денот на Републиката зборуваше за „македонскиот јазик кој Италија отсекогаш го признавала и го поддржувала“. Амбасадорката на Шведска во говорот на прославата на Националниот ден на Шведска рече дека го учи македонскииот јазик за да може полесно да се разбере со своите колеги Македонци, кога ќе седат заедно на маса кога Македонија некој ден ќе биде членка на Европската унија. Амбасадорот на Велика Британија на прославата на роденденот на кралот целиот говор го исчита на македонски јазик, со забелешката дека како тие што се горди на својата историја и јазик во Обединетото кралство, така ја почитуваат и разбираат нашата гордост со македонскиот јазик и историја.

Сите овие дипломатски гестови не се потврда од која зависи нашето постоење. Ни помалку, ни повеќе Македонци. Ама сепак се пријателска поддршка, за некако и ние, ама и тие, заедно да се извлечеме од бугарските глупости.

Кога Германија, Франција, Италија, Белгија, Луксембург и Холандија ја основале Европската заедница за јаглен и челик во 1951, веројатно ни на крај памет не им паѓало дека по Втората светска војна и поразот на фашизмот некому може да му текне да не признава право на самоопределување и јазик. Седумдесет години подоцна, границите за кои се воделе војни се избришани, а луѓето учат по неколку странски јазици затоа што сакаат лесно да комуницираат, а не затоа што некој ги тера сосила, за да ги асимилира. Да знаеле основачите на ЕУ уште во 1951 дека во 21 век некој во Европа ќе се занимава со прашања од 19 век, поврзани со негирање на правото на самоопределување, можеби ќе предвиделе инструмент во основачките договори за тоа да не биде можно. Ама ете, Бугарија со злоупотребата на силата на ЕУ, за да ја негира основната вредност на ЕУ, практично покажа што научила од лекцијата „Тие се внатре, вие сте надвор“.

Резолуцијата на германскиот Бундестаг сега нам треба да ни биде утеха што Европската унија падна пред бугарските глупости.

3 На анкета на ОБСЕ за ризици за корупција во судствотото, 72 отсто од судиите рекле дека Судскиот совет не ја штити нивната независност. Од анкетираните судии, 32 отсто одговориле дека почувствувале притисок од самите членови на Судскиот совет.

По оваа анкета, претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев ги повика судиите да се охрабрат и притисоците да не ги пријавуваат анонимно, туку кај него и во Судскиот совет.

Е па ете, и обвинителката Ленче Ристоска неодамна се охрабри и јавно го кажа тоа што судиите го кажуваат тајно во анонимни анкети. Дека Советот на јавни обвинители е извор на трговија со влијанија. Советот веднаш ѝ поднесе дисциплинска постапка.

Богами, треба храброст да пријавиш притисоци кај тој што ти врши притисоци. Нека се охрабрат и судиите да пријават корупција во Советот за кој рекле дека не му веруваат. Ќе ги решат во Советот по пропис и по закон. Видовме како законски ја сменија претседателката. И нив, или ќе ги дадат на дисциплинска комисија, или ќе им бараат конфликт на интереси дали тетката им имала судски спор за лифтот во зградата.

Холандскиот амбасадор по незаконското разрешување на претседателката им рече дека Советот е нелегитимно тело, апелационен судија и врховна судијка си дадоа оставки, судијката дури и јавно кажа дека Советот не работи законски, а нив мува не ги лази.

Претседателот Сашко Георгиев рече: „Таа си имала што да каже, си кажала“.

Одиме понатаму. Совладана уште една препрека на патот кон ЕУ.

4 Штрајкува судска администрација, штрајкува Царината, штрајкуваат вработените во УЈП…

Што си мислеа функционерите кога си ги дигнаа платите за 78 отсто среде криза? Нели ќе правеа закон за плати во јавниот сектор? Важно, тие што требаа да го направат законот и пратениците што треба да го изгласаат си добија за 78 проценти повисоки плати. За другото, нека му ја мислат граѓаните што ќе ги трпат последиците од штрајковите, блокадите и најавеното затворање на границите.

Ништо не си мислеа функционерите. Они Уставот го бранеа.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира