1 Уште не можам да се соземам од радост по неочекуваниот успех на Македонија на патот кон ЕУ. Во Брисел се одржал билатералниот скрининг за Поглавјето „Рибарство“ и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на Фејсбук напиша дека „со достигнувањето на стандардите во ова поглавје ќе бидеме подготвени да повлекуваме пари од структурните фондови на ЕУ наменети за рибарство“.
Сега сфатив дека и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска работи по европска агенда, кога не го пушта во сообраќај новиот мост на Вардар што ги спојува Аеродром со Автокоманда. Уште пред две години рече дека мостот ќе биде за ловење риба. Била визионерка уште пред Маричиќ да го отвори поглавјето за рибарство.
Сите потоци ги преградија со мали хидроцентрали, бреговите и на природните и на вештачките езера ги затрупаа со диви депонии и дивоградби од типот „сѐ по закон шефе“, УНЕСКО тврдоглаво уште ни го чува Охридското Езеро и покрај сите наши натчовечки напори да го загадиме и да ја уништиме околината, ама важно е дека имало скрининг и дека ќе има пари за повлекување. За рибарство.
Дека ние сме сомови и ќе ја лапнеме јадицата на владината пропаганда. Скрининг – колку тоа гордо звучи. Чиниш, којзнае колкаво достигнување на патот кон ЕУ. Сигурно истото ѝ го зборат и партиската публика на владините трибини за ЕУ за кои ќе потрошат 80.000 евра. Прават драма од обичен бирократски попис. Испрашување во Брисел по список, со штиклирање. Ова го имаш, ова го немаш. Ај врати се дома, допиши ја домашната.
Сомовите ќе ги решиме по ЕУ стандарди. Скринингот за рибарство го поминавме. Туку, што правиме со мечкарството? Може ли од ЕУ да земеме пари да ги истепаме мечките, а да не мора да ги чистиме депониите?
2 На следниот скрининг за поглавјето „Транспорт“ ќе се појави лично премиерот Димитар Ковачевски. Бидејќи постојано нѐ уверува дека ние сме најбрзорастечката економија во Западен Балкан и најбрзо од сите во регионот ќе станеме членка на ЕУ, тој ќе тргне на пат со најбрзиот воз на најбрзата пруга кон ЕУ. Ќе се качи на единствениот воз од Битола за Скопје што трга во три сабајле. Додека стигне до Скопје ќе има време да организира и работен појадок и работен ручек и работна вечера со соработниците од европскиот фронт. Ќе имаат време и за попладневна дремка. Да се окрепат од напорната работа на реформите со европско знаменце.
Додека премиерот јури во експресниот македонски воз кон ЕУ, луѓето од обезбедувањето ќе одат пешки. Едни ќе одат пред локомотивата и ќе проверуваат дали се на број сите дрвени прагови од пругата. Другата група телохранители ќе се движи полека од двете страни на вагоните за да ја штити Коалицијата за Европа од нападите на евроскептиците.
3 Власта можеби ја добива битката за ЕУ во Брисел. Ама дома ја губи. Можеби навистина, како што ни вика Маричиќ, ЕУ ја гледа Македонија како идна земја-членка како што не ја гледала никогаш досега. Ама ние дома не ја гледаме. И тоа не само поради недовербата дека ЕУ воопшто ќе испорача членство и нема уште еднаш да нѐ изневери дури и да ги ставиме Бугарите во Уставот. Туку уште повеќе дека тука нема политичка волја да се среди државата, од погрешно парткирање до корупција на високи функционери. Колку што ЕУ е виновна за својата дволичност и лажливост, уште повеќе нашите политички елити се виновни за неправење реформи. Успешни се само во неспроведување на веќе направените реформи.
По 30 години замор и разочарувања, веќе не нѐ интересира што ќе ни донесе ЕУ во некоја далечна иднина. Нам ни е важно што ни носи Владата сега? – Ништо. Што ни носат локалните власти сега? Ништо. Не само што не ни носат, туку и ни земаат.
Ни ги одзедоа правдата и правдината.
Ни го одземаат животниот простор, тротоарите, улиците, парковите, шумите, планинините…
Ни ги одземаат водите и чистиот воздух.
Ни го одземаат квалитетот на живот со коруптивно менување урбанистички планови, без инфраструктура што ќе го поддржи градењето без усул.
Ни го одземаат спокојот затоа што кафеанџиите им се многу поважни од граѓаните на кои им пречи силеџиската бучава.
Ни го одзедоа јавното здравство, ни го одзедоа школството…
Едноставно, како да ни ја одзедоа и надежда и вербата дека може ќе биде поарно. Не мора да зборуваме за европски вредности. Овде не се почитува никаква вредност. Овде ни животот нема вредност.
И кога сето ова ќе им го кажеш, веднаш ќе те обвинат за евроскпетицизам.
Не бре, луѓе. Не сме ние евроскептици. Ние само не дозволуваме да ни ја потценуваат интелигенцијата.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST