ИНСПЕКТОР ИЗДАЛ РЕШЕНИЕ ЗА СТОПИРАЊЕ НА ГРАДБАТА ВО СТРУШКАТА ЧАРШИЈА, ГРАДИТЕЛОТ СИ ГРАДИ ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНД

    ИНСПЕКТОР ИЗДАЛ РЕШЕНИЕ ЗА СТОПИРАЊЕ НА ГРАДБАТА ВО СТРУШКАТА ЧАРШИЈА, ГРАДИТЕЛОТ СИ ГРАДИ ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДОд ОЈО велат дека до овој момент нема поднесено пријава за овој случај, односно инспекторот кој констатирал неправилности сè уште нема поднесено кривична пријава. (Фото: СДК.МК)

    Постапувајќи по претходна пријава, овластен градежен инспектор при Општина Струга констатира дека објектот кај поранешниот клуб „Холивуд“ во самата струшка чаршија се гради незаконски и спротивно на Законот за градење. Инспекторот издал решение за стопирање на градбата, а издаден е и рок за усогласување на објектот со законот за градење од градителот.

    Но наместо да сопрат градежните активности на објектот се работи за време на викенди, вели граѓанин кој случајот го пријави на алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Револтиран сум што секојдневно пред нос ни никнуваат нелегални градби. Знам дека е издадено решение за стопирање на градбата, но еве и претходниот викенд се работеше“, вели стружанецот во пријавата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ја контактираше пратеничката од Левица Јована Мојсоска, која го поднела барањето за вонреден инспекциски надзор на објектот и во телефонскиот разговор ни кажа дека постојат основи за сомневање оти на КП. бр. 1604 за КО Струга се изведува бесправна градба, што претставува кривично дело. Таа во петокот до Основното јавно обвинителство Струга поднесе барање за изрекување привремени мерки за спречување на кривично дело Бесправно градење.

    „Согласно со Член 202 од Законот за кривична постапка, судот може, по барање на јавниот обвинител, да изрече привремени мерки за одземање на имот или предмети кои потекнуваат од извршување на кривично дело, или да преземе други неопходни мерки за да се спречи користењето, отуѓувањето или располагањето со тој имот или предмети. Во овој случај, барам да се изречат привремени мерки за запирање на понатамошното бесправно градење на КП.бр. 1604 за КО Струга, а согласно Записник за констатација ИПбр.26-261 од 17.10.2024 и Решение ИП1бр. 26-261 од 22.10.2024 издадени од овластен градежен инспектор при Општина Струга“, вели Мојсоска.

    Објектот кој е во самата Струшка чаршија е само еден од трите за кои во моментот градежен инспектор има издадено решение за стопирање на градбата. (Фото: СДК.МК)

    Таа побара Основното јавно обвинителство во Струга да поднесе барање до надлежниот суд за изрекување на следните привремени мерки: Привремено запирање на градежните активности, отстранување на бесправно изградените објекти како и забрана за понатамошно градење. Според неа, привремените мерки се неопходни за да се спречи понатамошно извршување на кривичното дело и да се заштити јавниот интерес, како и да се спречи можноста за понатамошно оштетување на урбанистичкиот план и нарушување на јавниот ред и мир.

    „Според информациите со кои располагам, на КП.бр. 1604 за КО Струга се изведува градба без соодветно одобрение за градење, што претставува кривично дело според Член 244-а од Кривичниот законик. Оваа градба е во спротивност со важечките урбанистички планови и претставува сериозна закана за јавниот интерес и безбедноста на граѓаните“, вели Мојсоска.

    „Инвеститорот узурпирал и земјиште во сопственост на државата, но од Државното правобранителство засега нема реакција, иако токму овој орган е надлежен да ги застапува и брани интересите на државата“, велат од Левица- Струга.

    Оттаму апелираат ОВР – Струга веднаш да иницираат кривична постапка за кривично дело Бесправно градење, а ОЈО Струга да поднесе обвинителен акт.

    „Левица ќе продолжи да го следи овој случај, со цел истиот да не се заташка и повторно да никне уште една дивоградба во срцето на старата Струшка чаршија“ велат од Левица.

    Од ОЈО велат дека до овој момент нема поднесено пријава за овој случај, односно инспекторот кој констатирал неправилности сè уште нема поднесено кривична пријава.

    Објектот кој е во самата Струшка чаршија е само еден од трите за кои во моментот градежен инспектор има издадено решение за стопирање на градбата.

    Една од трите незаконски градби за кои постои решение за стопирање е и објектот до угостителски објект „Аполонија“ на само 20 метри од Охридското Езеро, кој се изгради и покрај сите претставки но и кривична пријава за познат сторител поднесена во 2021 од Државниот инспекторат за животна средина. (Фото: СДК.МК)

    Никола Кукунеш, советник во Советот на Општина Струга, вели дека Судот е тој кој најмногу затајува во случаите кога станува збор за делот на нелегалната урбанизација.

    „Тука застануваат сите заложби за да се реши секој еден ваков проблем. Во моментов има три градби коишто имаат континуитет во поглед на завршување на градежните работи, кои пак најчесто се одвиваат за време на викенд кога ниту инспекторатот, ниту обвинителството не работат. Го користат тој вакум простор набрзина да си ги завршат сите нелегални активности“, вели Кукунеш.

    Тој кажува дека и во овој случај сопствениците се познати и на инспекторатот и на Јавното обвинителство и на Судот, со што нивното откривање и санкционирање не би требало да преставува никаков проблем.

    „Најчесто тоа се луѓе блиски до владеачката гарнитура на локално ниво и тоа е силата или покритието коешто го користат за вакви нелегални активности, иако градоначалникот кога и да го прашате за ваква нелегалност тој се повикува на надлежните институции“, вели Кукунеш.

    Една од трите незаконски градби за кои постои решение за стопирање е и објектот до угостителски објект „Аполонија“ на само 20 метри од Охридското Езеро, кој се изгради и покрај сите претставки но и кривична пријава за познат сторител поднесена во 2021 од Државниот инспекторат за животна средина. Граѓаните стравуваат дека тоа ќе биде уште еден ресторан како во случајот со „Аполонија“, објект кој е изграден со решение за градење затворена спортска сала на крајбрежјето на Охридското Езеро каде нема детален урбанистички план (ДУП), а работи како угостителски објект за организирање свадбени прослави.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира