1 Мачно е кога гледаш дека и оваа, последнава трагедија со прегазувањето на 22-годишната девојка на еден од најпрометните булевари во Скопје се користи за политика. Паметиме многу трагедии од осамостојувањето досега. Фросина е само последна жртва во низата прегазени на пешачки премин, на зелено светло на семафор. Ни гореа пациенти во болница, ни гинеа патници во автобуси, ни се случуваа авионски несреќи, ни гинеа војници и полицајци во хеликоптерски несреќи, еден претседател ни загина во авионска несреќа, друг преживеа атентат… И после секоја таква трагедија сведочевме дека првиот рефлекс на партиите беше да се зграпчи несреќата и да се искористи за политички поени.
Јаз’к да им се тие политички поени.
На секоја власт досега ѝ се случувале трагедии, а реакцијата, за жал, им е иста. Затоа трагедиите и ни се повторуваат.
Одговорна власт, не само сегашнава туку и која било пред неа, не само оваа трагедија туку и кои било претходно, би ги искористила за да преземе сѐ што е можно да се избегнат несреќите и да ни го поправи квалитетот на живот. Ако ништо друго, барем лекциите да ги научеа од секоја претходна несреќа.
Колку е сурово ова брутално искористување на личната трагедија на семејството на прегазената девојка, покажува тоа што и владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ се докажуваа на прес-конференции и во соопштенија чија била судијката што не пресудила затвор за убиецот на Фросина кога претходно го осудила за дилање дрога. Онака ладно си се обвинуваа дека судијката е од тефтерчето на политичкиот противник. Не се обидуваат ни да глумат политичка коректност. Бесрамно кажуваат дека имаат тефтерчиња. И дека така ги бираат кадрите. Дека тоа не е јавна тајна. Туку – сосема нормално, нема што да се крие.
Нема значение дали некој е добар или лош судија, исто како што нема значение дали некој е добар или лош доктор, наставник, глумец, играорец… Не правиме веќе муабет дали некој е добар или лош, дилетант или професионалец, чесен или измамник, туку – од чие тефтерче е. И така им го уништуваат личниот интегритетот и на најдобрите што можеби ги имаат во тефтерчињата.
2 Не знам што е толку за радување тоа што Трамп ја укина американската помош за странство? Особено во земја во која со милијарди – што евра, што долари, што шведски круни, швајцарски франци, британски фунти, јапонски јени, турски лири – се изградени водоводи, канализации, се реновираат градинки, школи, болници, се купуваат амбулантни и противпожарни возила, се чистат реки, езера и планини, плус се заштитува културното богатство од антиката до антифашистичката војна. Од локално до државно ниво. Некако многу ситење за прекинот на американска помош дојде од граѓани на кои странските амбасадори им го чистат и ѓубрето од пред портите.
Ама, добро. Како вика премиерот Мицкоски: „Секоја поддршка во насока на подобрување на демократските капацитети на една држава е добредојдена. Но и ова треба да нè освести и да нè отрезни и да сфатиме дека во иднина ќе треба самите за себе да се грижиме, самите да градиме општество кое што ќе биде наше заедничко општество, без разлика на нашите политички разлики, етнички, верски…“
Последен пат кога се грижеа за нас, си згрижија и за себе едно 5-6 милијарди во Белизе и други егзотични даночни засолништа.
3 Туку, што правиме ние со ЕУ и што прави ЕУ со Западен Балкан во новиот светски поредок што го креира Трамп?
Не би им било прв пат да донесат политичка одлука набрзина да примат неколку земји во ЕУ. Па Европа конечно навистина да биде обединета. Изгледа уште не им е зорт. Ама, додека да се договорат 27 земји дали да стои „во“ или „на“ во точка 5, алинеја 7 од кластер 9 што ќе се разгледува откако ќе завршат изборите, таму или онаму, на овој или на оној Самит, во Брисел или Стразбур, останавме ние малкумина во дупката, на бришан простор за разни влијанија. Какви сакаш влијанија. Не руско, не кинеско, не турско, не саудиско… А богами и некои разни европски влијанија што промовираат вредности за кои на почетокот на нашата европска приказна не сме знаеле дека се баш европски.
4 Многумина од нас веќе си заминаа во ЕУ. Па, полека населението ни старее. Што би рекол Трамп, таму ионака наскоро ќе биде празно оти луѓето се раселени кој во Германија, кој во Шведска, кој во Италија и Швајцарија. На тие партиските кадри што останаа да работат во јавната администрација ќе им го пратиме Илон Маск да им ги исклучи компјутерите на кои си редат пасијанс. Имаат таму некои планини, езера. И нешто руда имаат да им копаме, ќе си наплатиме. Па да им изградиме жичари, скијачки терени и хотели. Ќе биде многу убаво. Бјутифул грејт кантри за бјутифул грејт бизнис. Колорадо на Западниот Балкан. Фантастик.
Еве, на пример, охриѓани уште сега треба да пуштаат писма до Белата куќа. Да го молат Трамп да престане да плаќа за УНЕСКО. Веќе да не им доаѓаат контроли да им го заштитуваат светското природно и културно наследство. Оти, охриѓани се убедени дека туристите им доаѓаат да спијат во сопчињата во станбените згради и да јадат во кафеаните со најлонски тераси. Оти, таму од кај што доаѓаат немаат ни згради видено, ни такви кафеани, а богами ни плажи. А што е за право, таква лесковачка скара ко што има во Охрид, нема ни во Лесковац. А таква љубезност и гостопримливост, пак, ептен никаде нема.
Само Трамп може да го спаси Охрид од УНЕСКО.
5 Владата ќе прави нов состав на потрошувачката кошничка. Еве, стигаат предлози во потрошувачката кошничка да не се ставаат трошоци за културни настани, одмори и ресторани. Значи, потрошувачката кошничка треба да се сведе само на најнеопходното за преживување. За јадење, спиење и за размножување.
Па, стварно. Што ќе ти е, на пример, театар во животот? Нека си пуштат луѓето телевизија, нека си гледаат собраниски канал. Ете им театар.
За социјализација, пак, не им требаат ресторани или викенд патувања. Ќе си се дружат во партиски штабови. Наместо на викенд, ќе им се обезбедат автобуси за партиски митинзи. Таму некогаш знаат да поделат и сокчиња и сендвичи. А и музика има. Уште да остане некој денар за во кладилница, тогаш животот во Златна Македонија навистина ќе биде песна.
АУДИО ПОДКАСТ