1 Сѐ и сешто сме се изнаслушале од собраниската говорница, ама слично нечовечко обраќање какво што беше на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска кон пратеничката Славјанка Петровска одамна не паметиме. Барем не последниве 15 години. Во април 2010, на комисиска расправа за Закон за семејството, тогашната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Анита Стефановска, незадоволна од настапот на тогашната пратеничка на СДСМ Радмила Шеќеринска, ѝ рече: „Доста збориш, ајде оди раѓај!“. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ не се извини, туку се правдаше дека била загрижена за колешката од СДСМ која тогаш беше во поодмината бременост, па така ѝ рекла оти „поголем интерес за државата е таа да роди здраво македонско бебе“.
Така и сега. Министерката Димитриеска-Кочоска не се извини затоа што на пратеничката ѝ рече: „Врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство“. Нѐ убедува дека не сакала да ја навреди пратеничката што нема деца, туку била извадена од контекст.
Значи, не верувајте на тоа што сте слушнале со свои уши, туку верувајте на тоа како владејачката партија ќе ви го протолкува слушнатото. Ама, ние имаме свои уши.
Настрана што, како министерка ѝ дошла на пратеничката дома, во Собранието, и на седница за пратенички прашања ѝ се налути како се дрзнала да ѝ поставува прашања за цената на млекото, а нема синови, туку ги навреди и сите што беа згрозени од нејзината дискриминација по брачен статус дека се сдсмовски ботови, а и Славјанка Петровска уживала во улогата на жртва.
Не верувам дека и на сопартијките на министерката не им е јасно колку е нечовечки тоа што таа го изговори од собраниската говорница. Ама тие не се чувствуваат навредени, оти се горди послушнички.
Министерката Димитриеска-Кочоска рече „За мене темата е затворена“. Е па, затворена е.
Министерка од редовите на владејачката партија мисли дека само затоа што е мажена и има два сина има право да замолчи пратеничка во Собрание. А владејачката партија место да се извини во нејзино име, ѝ дава за право и бетер ја пизми пратеничката оти нема деца. И така, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска експресно помогна и ова ВМРО-ДПМНЕ повторно да си ја покаже басмата на ВМРО-то од пред 15 години. Ако некој случајно имал дилема за басмата, де.
2 Во Обединетите нации, Македонија не ја поддржа европската Резолуција за Украина со која Русија се именува како агресор и се бара повлекување од окупираните украински територии. А беше коспонзор на американската резолуција, која бара завршување на војната без да се спомене Русија како агресор. И за двете резолуции Македонија гласаше воздржано.
Ни вети ли нешто Трамп, има ли нешто ептен сигурно од Вашингтон, доби ли Мицкоски некои цврсти гаранции од преку Атлантикот, па Владата направи драматичен пресврт во македонската надворешна политика?
Странците честопати прават шеги на наша сметка кога за сенешто се жалиме на „промаја“. Велат дека не можат да најдат пригоден термин во нивните јазици за некој толку моќен природен феномен, кој е толку страшен што предизвикува да те боли глава, да се фатиш во кичмата, да ти се затвори едното око, да те боли рамото, да те фати настинка, па дури и дијареја да добиеш. И сега, кога прашуваат што ви се случи за вака да гласате во Обединетите нации, одговорот е: Нѐ фати „промаја“. Нѐ држите 20 години во ходник, не нѐ пуштате да влеземе, дува од сите страни и нѐ фати „промаја“. И таман фативме правец од кај што дува ветрот, сменивме и име, со тој себап влеговме и во НАТО, кога трас – во Бугарија во ѕид удривме. Ништо ни од отворените врати, ни од прозорците на можности.
Легитимно е да си бараш завет кога дува од сите страни. Легитимно е да бараш сојуз. Премиерот Мицкоски ја обвинува претходната Влада дека некритички прифаќала сѐ што од неа ќе побарала ЕУ. Дали тоа значи дека отсега неговата влада некритички ќе прифаќа сѐ што ќе каже САД? И Трамп, гледаме, нешто многу преку ноќ почна да ги менува изјавите. Навистина, ЕУ нѐ остави 20 години на „промаја“, ама барем знае каде сме на мапата на светот.
И – најважно, Трамп си го гледа само американскиот интерес. Што е нашиот стратешки интерес? До влеземе во ЕУ? Или да станеме 51 американска држава? Или да влеземе во ЕУ со помош на Трамп? Мицкоски вели дека сите сега ќе одат во Вашингтон да го молат Трамп. Ќе одат. Ама ние си даваме малку преголемо значење ако се занесуваме дека САД ќе се скараат со земјите од ЕУ оти не сакаат да ја примат Македонија.
3 Како што зема залет еуфоријата на Мицкоски со Трамп, така и тука зема залет идејата да си станеме 51 држава на САД. Што има Трамп да ја бара Канада, кога ние сме тука. Ако веќе сака да става американски знаменца, еве нека стави тука, среде Европа. Додека ЕУ се договара за уште еден самит на кој ќе договори итен самит и додека премиерот ни е сѐ уште во периметарот на Трамп, да ѝ речеме на ЕУ – ако вие не нѐ сакате, има кој да нѐ сака.
Норд Каролајна, Норд Дакота и Норд Маседониа.
Сите услови ги исполнуваме. На референдумското прашање во 1991 гласавме за независност, ама и за правото да стапуваме во иден сојуз на држави. Додуша, тоа се однесуваше на држави од Југославија, ама Собранието ќе направи преку ноќ едно автентично толкување, познато е така да ги решава работите само со волја на мнозинството, па ќе се надмине и тој политички предизвик. За одбрана веќе плаќаме два отсто од буџетот како што бара Трамп. Американските знамиња ионака се веат на половина од теритотријата на државата во административните згради каде што речиси го нема македонското знаме. Мицкоски ќе биде гувернер на државата Норд Маседониа. Само уште на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да ѝ најдеме работа. И да дојде Илон Маск со моторната пила да ја сосече јавната администрација.
За да дојдат во Македонија, на Бугарите ќе им треба американска виза. Па кога ќе ги пополнуваат формуларите во Софија ќе треба да кажат чии се Гоце Делчев и Цар Самоил. Нема логика? Е па, нема. Ич нема. Ама на тој муабет спадна цела Европска унија. И ич не им е срам.
4 Македонија е една од 24-те земји што ја информирала Европската унија дека сака да увезува отпад од железо, цинк, алуминиум, олово, масло за јадење, картон, хартија и стакло. Во следната фаза, Европската комисија ќе одлучува дали земјава има капацитет да управува со овој отпад на еколошки начин, согласно ЕУ регулативата.
Ние и сега увезуваме ѓубре од комшиските земји што не се членки на ЕУ. Не знаеме што да му правиме и на нашето ѓубре. А во иднина ЕУ ќе ни каже какво ѓубре смеат да ни пратат.
И ѓубре да е, само од ЕУ да е. Европското ѓубре е и наше ѓубре.
AUDIO PODCAST