НЕ Е КРАЈ НА СВЕТОТ

Ај да ја прашаме јавноста дали да го укинеме судството, па да имаме само партиски суд. 

    НЕ Е КРАЈ НА СВЕТОТ

    1 Што им стана на судиите, па се одважија да му пишат на премиерот Мицкоски дека ја „преминал границата на добро однесување“? Откако три месеци секојдневно ги навредува дека не си ја заслужуваат ни платата што ја добиваат, па уште пред некој ден им понуди и дел од својата плата како донација „ако судат според закон“, Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии му пишаа дека „најголем проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и судската власт“.

    Мицкоски постојано тврди дека реформите што ги бара Европската комисија се однесуваат само на зголемување на платите на обвинителите и судиите и дека пари за тоа нема затоа што „некој душмански ја задолжувал државата и неродените генерации“. И вели: „Јавноста нека каже, ако мисли дека треба да ги дуплираме платите на обвинителите и судиите, слободно кажете“.

    Како јавноста ќе каже дали треба да се зголемат платите на обвинителите и судиите? На референдум ли ќе одиме за нивните плати? На локални избори ли гласавме за платите на судиите?

    Кога зборува за „душманско задолжување“, дали мисли на „Скопје 2014“ од 700 милиони евра што ни се распаѓа пред очи? Или, тоа беше милосрдно задолжување, за доброто на партијата која во тој период се стекна со милионски имот. Тогаш, ај јавноста нека каже дали да се процесуираат судските спорови за стекнатиот имот на ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт.

    Што го спречува Мицкоски со огромното парламентарно мнозинство во Собранието да го смени кривичниот закон што СДСМ го донесе со помош на ВМРО-ДПМНЕ, според кој се намалија казните и застареа делата на функционерите обвинети за корупција? Чека ли да застари уште некој судски процес што се води против неговите сопартијци? Па уште и оштета им плаќаме. Тие душмански нѐ краделе, ние милосрдно им доплаќаме.

    Тогаш, ај да ја прашаме јавноста и дали пратениците си ја заслужуваат платата?

    Кога Мицкоски вели „сѐ ќе добијат наредните месеци, но само една работа ќе барам – одговорност, секој денар народни пари ќе гледаме како се троши, за да не се случи дел од нив да се најдат на обвинителска клупа“, си велам, па ај да ја прашаме јавноста дали да го укинеме судството, па да имаме само партиски суд.

    Во демократска држава има законодавна, извршна и судска власт. Премиерот како извршна власт може да бара одговорност само од своите министри и од државните службеници што тој ги поставил. Судиите и обвинителите не се вработени во негова приватна фирма, па платата да им зависи од неговиот ќеф. Па уште и им се заканува дека тој ќе ги става на обвинителна клупа. Конечно, ќе му каже ли некој на Мицкоски дека во демократска држава премиерот не е тој што следи, обвинува и пресудува?

    2 Две американски компании од автомобилската индустрија ги затвораат своите фабрики во слободните трговски зони и без работа ќе останат околу 1.000 работници.

    Премиерот беше во посета на фабрика во Охрид кога кажа дека „тоа не треба да се сфати како нешто што претставува крај на светот“.

    Кога Владата склучува договор со некоја странска или домашна приватна компанија, па дури и кога се сликаат на прием на донации во културата и во здравството, тогаш тоа е историски настан и заслуга на ВМРО-ДПМНЕ. Кога некоја приватна компанија ќе го затвори бизнисот и 1.000 семејства ќе останат без редовни примања, тогаш „нема да пропадне светот“.

    Релативизирањето секогаш е добар лек за криење неуспех. Особено ако имаш добра пропагандна машинерија.

    3 Одговарајќи на прашања за извештајот на Европската комисија, Мицкоски рече дека ЕУ ни прави булинг. „Да го смениме Уставот најдобри ќе бидеме и уште ако може да не сме Македонци, да сме нешто друго, најдобри ќе бидеме, онака како што некој ни прави булинг и сака да ја стопира Македонија да напредува во Европската унија“, рече премиерот.

    Не дека сум изненаден од ваков одговор. Оваа реторика само покажува дека забелешките на Европската комисија за застој на реформите на речиси сите полиња се безначајни за оваа Влада. Си ја имаме Бугарија како непријател и засега тоа е сосем доволно да си го имаме ВМРО-ДПМНЕ што се јуначи дека ќе нѐ спаси.

    Па и да не влеземе во ЕУ. Нема да пропадне светот.

    Ние ќе пропаднеме.

    4 Бидејќи Владата ги реши сите проблеми и надвор и во земјава, сега ѝ остана уште да го реши СДСМ. Како запнале во ВМРО-ДПМНЕ секој ден да држат прес-конференции за да го сменат Венко Филипче, излегува дека тие повеќе се грижат за иднината на СДСМ отколку самите сдсмовци. Зошто темата за евентуална смена на Филипче од лидерска позиција во партијата би била од јавен интерес? И зошто тоа би ги занимало членовите и гласачите на ВМРО-ДПМНЕ? Освен, да се најдат во муабет.

    Наместо да се радуваат во колку општини победија, да си речат чекај дај да видиме сега што ќе правиме, да ја искористиме моќта што ја добивме, тие се фатиле со Венко Филипче и Зоран Заев. Да не имаат свој кандидат за претседател на СДСМ?

    Демек, на државава ѝ требала силна опозиција, па затоа им е грижата за СДСМ. Ко да не смее да има друга опозиција. Синким само ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат ексклузивни лиценци за власт и опозиција. Ако преживее СДСМ, нека преживее. Ако не преживее, нема да пропадне светот.

    Всушност, по победата на Локалните избори и преземењето на апсолутната моќ и на државно и на локално ниво, на ВМРО-ДПМНЕ ќе му станува сѐ потешко да бара оправдувања за неуспесите. Многу им е полесно е да се занимаваат со СДСМ, отколку со државата што ја водат.

    AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира