1 „Имам чувство“, рече премиерот Христијан Мицкоски, „дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на Влада и нивни блиски од семејството ќе бидат опфатени со одредени прогони. Не велам дека имам информации, имам чувство.“
Од кога личното чувство на премиерот е поважно од информациите? Од тогаш од кога за неговите чувства треба да има осет новиот државен обвинител Ненад Савески. Малку му е што само што беше избран доби задачи од премиерот Мицкоски, кој јавно од собраниска говорница кажа што очекува од него, па сега ќе мора да води сметка и за чувствата на премиерот. Особено што Мицкоски вели дека чувствата за гонење бивши функционери на СДСМ му стануваат сѐ посилни.
Му се може на Мицкоски. Апла му се може, само што за разлика од претходните премиери тоа не го ни крие. Кога премиер ќе даде задача, таа мора да се заврши. Неговите чувства се како работен налог за обвинителот. Ако не, ќе го отпушти. Како и што си го избра.
Само, ако веќе гонат функционери на СДСМ, нека бидат џентлмени, како што беше СДСМ кога гонеше функционери на ВМРО-ДПМНЕ, па го пуштија Никола Груевски да избега. А за тие што не избегаа го сменија законот за побрзо да им застарат делата. Па после, власта ќе вика дека ќе ги стави в затвор. Ако се вратат. И ако не им застарат делата.
2 Нѐ извади од памет премиерот Мицкоски кога закажа прес-конференција среде продолжен викенд. Скраја да е, сешто може да си помисли човек кога премиер вонредно ќе се појави на неколку часа пред Велигден. Ама, тој само убави работи кажува, па на јавноста ѝ соопшти дека очекува на следната седница Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука со која ќе се намали цената на горивата.
Значи, Мицкоски не е само обвинител. Тој е и претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Само што, за разлика од одлуката кој треба да се гони што ја носи врз основа на чувства, а без информации, одлуката колкава треба да биде цената на горивата ја носи врз основа на „калкулација и пресметка“. Така кажа.
Дупло проверено. За да се осигура дека му е добра калкулацијата, направил и пресметка. Исто како што за да се осигура дека ќе бидат гонети бивши функционери на СДСМ има чувство дека тоа ќе бидат „премиери и претседатели на Влада“.
Туку, да точиме ли бензин викендов? Или да чекаме до понеделник навечер? Што вели калкулацијата и пресметката на премиерот? Какви цени на горивата тој очекува да одреди Регулаторната комисија?
3 Системот за следење на сообраќајот „Безбеден град“ функционира, казните регистрирани од камерите стигаат електронски, возачите што направиле прекршок си ги плаќаат, граѓаните главно го прифатија измените, полека се создаваат нови навики. Арно ама…
Граѓаните кои си ги платиле казните треба да однесат доказ во најблиската полициска станица со отпечатена уплатница во банка и со копија од записник од прекршокот. А таму, нервозни граѓани чекаат во ред за да докажат дека си ја платиле казната. Значи треба да излезеш од работа, да се паркираш пред банка, да се паркираш пред полициска станица, да платиш паркинг, копирање, банкарски провизии… Нервозите ти се гратис од државата.
Држава со докажано криминални власти, не само според чувство, туку и фактички осудени за тежок криминал во многу случаи, и тоа во повеќе од една власт, нѐ третира сите како да сме ко нив. Сите ние во очите на власта сме криминалци и мора да ѝ се докажуваме дури и кога уредно си плаќаме казни за сообраќаен прекршок.
Зошто сѐ што е од државата, макар и добра услуга, како што е системот „Безбеден град“, се сведува на тешко малтретирање? Затоа што на власта ѝ се може.
4 И не ме чуди тоа што полицијата лови прекршоци дигитално како што е ред во 21 век, а казнува рачно како во 20 век. Ама, ме чуди дека кога отидовме пред седиштето на Сообраќајната полиција да ја сликаме редицата од луѓе што чекаа да докажат дека се одговорни граѓани, тие се криеја од камера – негодуваат ама молат да не ги споменеме по име. Што ќе ви направат ако гласно се побуните? Ќе ви дадат ли уште една казна? Ќе ве натепаат пред полициска станица? Од што се плашите, бре луѓе, па 35 години живееме во демократија.
Уште повеќе се разочарав кога пред неколку месеци се погодив во редица за инсулин во скопската поликлиника „Букурешт“. Редот се беше направил оти неколку дена во поликлиниката немало интернет, па инсулинот не се делел. Беа дојдени по редовна месечна терапија, ама ме молеа да не ги сликам. Зошто? Без инсулин се умира. Кој ќе им се налути? Власта што ја плаќаме? Да не ќе ги умре предвреме ако гласно го побараат тоа што им следува? Па не е белким власта толку бесчувствителна при толку чувствителен премиер.
Власт што има чувство, ама нема осет.
AUDIO PODCAST



