1 Кој чека, ќе дочека. Владата половина мандат го помина чекајќи Бугарија да добие стабилна Влада за да може некако да го откочи процесот на пристапување кон ЕУ, и сега кога Румен Радев стана премиер, македонскиот премиер Христијан Мицкоски вели: „Не очекувам воопшто да се промени атмосферата, напротив очекувам истата таа атмосфера да се вжешти“. А министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кажа дека во овој момент „Владата не е подготвена да преземе каков било чекор кон уставни измени“.
Две години ни зборуваат дека ќе испреговараат нови услови за почеток на преговорите со ЕУ. Две години претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на колегите од земјите-членки на ЕУ им држи предавања за уставно и меѓународно право и бара креативни решенија за евроинтеграцијата.
Дома, пак, две години ни се жалат дека ги поправаат последиците од криминалното владеење на СДСМ и ДУИ. Две години секој ден го почнуваат со прес-конференција за животот и делото на Зоран Заев и Венко Филипче. Како со душа да го чекаа Радев да стане премиер. За да можат на половина мандат да почнат пак да зборуваат за нови избори. И после ќе чекаат нови избори во Бугарија.
Тоа ли е решение? Јас од Владата чекам да ми даде решение, а не да ми каже дека нема решение.
Ама на власта не ѝ пречи дека не сме во ЕУ. Ти го прашуваш премиерот кои дипломатски мерки ќе ги преземе за да ги ослободи своите државјани од тормозење и понижување на границите со ЕУ, тој ти вика: одмарајте дома. Тоа му е решението. Него никој не го тормози со саати на граница. Лани кога беше на одмор во Хрватска, дури и државното авионче му го пративме во Сплит за да не задоцни на увид на некоја улица во Петровец. Башка што, половина од неговите сопартијци си имаат обезбедено и резервни пасоши и резервни домови за одмарање.
2 Впрочем, зошто власта би брзала да ги внесе Бугарите во Уставот? За ВМРО-ДПМНЕ да заврши како СДСМ?
Очигледно, во СДСМ уште не се свесни каде ја утнаа работата со Бугарија и наивното верување во принципите на ЕУ. Или, лидерот на СДСМ Венко Филипче ја преспал таа фаза од преговорите и неколкуте резолуции на бугарското Собрание со кои се тврди дека македонскиот јазик и македонскиот народ не постојат, штом во честитката до Румен Радев напишал дека се надева оти „новата бугарска влада ќе покаже конструктивен и разумен пристап кон Северна Македонија“. Дека ете, да беше тој премиер сѐ ќе беше поинаку, ама „за жал, криминалната група предводена од Христијан Мицкоски свесно го блокира европскиот пат на земјата и создава вештачки конфликти со соседите за заштита на својот корумпиран систем“.
Па, Румен Радев да беше толку фин, немаше да биде идеен автор на ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ кое ќе нѐ држи надвор од процесот уште којзнае колку години. Мицкоски не чини за Македонија, а Радев чини!? Радев, кој те негира дека постоиш, кој вика дека ќе влезеш во ЕУ само ако признаеш дека си Бугарин и дека не зборуваш македонски јазик, туку дијалект на бугарскиот? Тој е „конструктивниот и разумниот“ за Македонија!?
Секој ден ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ за предавство на националните интереси, за коленичење и подлизурковство, за криминали и што ли уште не. СДСМ секој ден ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за сѐ и сешто. Значи, за СДСМ, што и да направи Владата не чини. И нека биде така. Ама, освен меѓусебното плукање за сѐ и сешто, има една тема околу која на граѓаните очајно им треба обединување. А тоа е членството во ЕУ.
Ај, олабавете нѐ малку со меѓусебните црни кампањи. Зборете за себе дека сте криминалци, кршете си ги главите ако сакате. Ама не може едната партија да ја обвинува другата дека е поголем непријател на државата отколку силеџијата што не те признава дека постоиш. Државен интерес е да се влезе во ЕУ. Не е партиски.
3 Премиерот рече дека на крајниот износ на инфлацијата во април ќе влијае тоа што „најмногу се зголемени транспортните услуги и тука се мисли на нискобуџетните авиопревозници, картите, и секако тие ќе влијаат во крајната цена“.
Кога ќе одите во самопослуга не жалете се дека е скапо. Кога ќе купувате леб, млеко и сирење, помислете само како ли им е на тие што купуваат авионски карти. И тоа од оние евтините.
4 Во судскиот процес за злоупотреба на фондовите на ЕУ за поддршка на земјоделството, една службеничка од Министерството за земјоделство призна дека зела мито и доби минимална казна затвор.
Арно ама, уште не е откриено како се нашле 50.000 евра кај поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка Илија Стоилев, обвинет дека ги зел како поткуп, кого полицијата го фатила во гаража во скопски Аеродром сосе парите. Не се знае дали бил курир, или краен корисник.
Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска го праша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дали манипулира со истрагата, оти во зградата каде што е гаражата кај што беше фатен Стоилев, живее и министерот за земјоделие Цветан Трипуновски. А министерот Тошковски ѝ одговори дека во таа зграда живеат и други, поранешни функционери.
Што барал Стоилев во гаража под зграда каде што не живее? Може ги носел кај некој бивш функционер. Може Стоилев од ВМРО-ДПМНЕ му бил должен на некој од СДСМ, па одел да се раздолжи.
А може и сакал да купува паркинг место. Проблем е паркирањето во Скопје.
Нема друго. Само тоа е логично објаснување. Инаку, зошто некој би шетал со 50.000 евра по подруми. Освен ако и тој не барал креативни решенија за излез од гаражата. Од овој подрум со поглед кон ЕУ.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST



