1 Пет милиони евра се пет милиони евра. „ Државна лотарија“, која беше главен спонзор на едномесечната прослава на 35-годишнината на независноста на Македонија, е државна компанија. Петте милиони евра се на сопственикот на компанијата. А сопственикот на „Државна лотарија“ сме ние – даночните обврзници.
Премиерот Христијан Мицкоски ни вели дека за прославата што чинела пет милиони евра, ние сме платиле нула денари. Дека тие пари не се пари. Зошто? Затоа што исплатата не одела од сметката на Буџетот. Тие пари останале како добивка во државната фирма и досега не влегле во Буџетот.
Е сега, Владата што сме ја избрале да ги менаџира нашите пари решила нераспределената добивка од државната фирма наместо да ја уплати во Буџетот, да ја потроши за прослава на 35-годишнината од независноста. И тоа не е спорно. Славевме цел месец по плоштадите низ државата.
Тогаш, што е спорно?
Спорно е зошто упорно криеја колку ќе чини прославата, кога веќе знаеле дека ќе биде „нула денари“? Можеа да ни кажат уште во мај, кога портпаролката на Владата Марија Митева вети дека „достоинствено и доследно ќе информира за сите детали“.
Спорно е и ако прославата била само нула денари, зошто до последен ден фирмата-организатор, што била единствена пријавена на огласот на „Државна лотарија“ што траел пет работни дена, нѐ правеше идиоти затоа што прашувавме колку наши пари ќе потрошат?
И конечно, кога помина и спектакуларниот концерт на Давид Гета на 8 Септември, зошто премиерот нѐ убедуваше дека пет милиони евра се нула денари?
Како и да е, наши пари се потрошени.
2 Возачот на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев примил мито од 1.500 евра за да обезбеди вработување како пожарникар во Бригадата за противпожарна заштита, фалејќи се дека има влијание во Град Скопје. Јанушев се огради од него, рече дека кај него работел само шест месеци, а пред тоа возел други државни функционери.
Од каде извира моќта на возач на државен функционер да ветува вработувања на места за кои треба врвна подготвеност и професионалност? Од каде му е силата да се дрзне да бара пари? За овој дознавме оти го пријавиле. За да бидеш пожарникар треба да имаш и срце и храброст, па некому му пукнал филмот. Ама, колкумина немаат срце и храброст да пријават? Колкумина се возачи на државни и јавни функционери што имаат влијание да вработуваат? Штом возач може да се фали со моќ за да вработува, што да помислиме за „елитата“ што ја возат?
Не може, бре, системот да го урива секој што е примен на државна работа по партиска заслуга. Ајде, отказ од работа и нек’ оди малку во затвор. Па макар бил и од коалициониот партнер, како оној директорот на Агенцијата за земјоделство што шетал со 50.000 евра низ гаражите каде што живеел доскорешниот министер за земјоделие.
Ако треба за да се вработиш како пожарникар да му платиш на некојси возач, тогаш ич нека не им кажуваат на првачињата да им бараат на родителите да им родат братчиња и сестричиња. За што да ги раѓаат, за што да ги растат? За да има кој да им плаќа на шоферите на функционерите за работни места на кои се потребни врвни квалификации.
3 Пораз на човештвото е тоа што власта на Србија го пречека од затворот во Хаг и го погреба како херој воениот злосторник Ратко Младиќ, осуден за злочини против човештвото и геноцид во Сребреница, во постјугословенските војни во 1990-тите. Не беше тоа некојси геноцид, таму некаде и таму некогаш. Тоа беше геноцид што ни се случи во војна што ја гледавме со наши очи, во која страдаа наши роднини, пријатели, колеги, познаници со кои живеевме во иста држава. И не беше тоа некогаш во минатото, туку сега. Поминати се само триесетина години, уште сме живи сведоци на таа војна. Некои од нас уште ги негуваат врските со бегалците од Босна и Херцеговина кои тогаш засолниште најдоа во нашава Македонија.
Токму затоа, многу страшно ми беше чувството дека баш во деновите кога ја славевме независноста, во тој пораз на човештвото што се покажа во Србија, удел зеде и Македонија, бидејќи воениот злосторник Ратко Младиќ осуден за геноцид го славеа како херој и наши државни функционери. А премиерот, наместо веднаш да ги смени од функциите, за кои патем не ни знаевме дека постојат, тоа го премолчи.
Ама, коалицијата е нешто што вреди повеќе од пресуда за геноцид.
Чудно е како Мицкоски цело време зборува за некаков талог на општеството. А не го гледа талогот што му е во Владата.



